|
||||
Здружението на граѓани “Преродба” утре, 15 октомври, најавува протести и блокади пред Собранието РМ |
Здружението на граѓани “Преродба” утре, 15 октомври, најавува протести и блокади пред Собранието на Република Македонија, за да се спречи загрозување, притисок, закани, уценување и насилие, репресија и уништување на Македонскиот народ и на Македонската држава.
Протестите ќе започнат во 10 часот, кога всушност започнува и собраниската седница на која ќе се расправа за уставните промени. Организаторите најавуваат протести секој ден од 10 до 14 часот, сè додека не се исполни барањето за поднесување оставка на актуелната власт. „Од говорницата пред Собранието ќе се обратиме со Општ јавен повик за продолжување на континуираниот македонски отпор, народна/граѓанска непослушност, против штетните нелегитимни недемократски и антидржавни политики на нелегитимната власт“ , се вели во нивното соопштение.
Исто така, тие најавија и организирање мораториумски народен собир и демонстрации пред Јавното обвинителство на Република Македонија. „Мораториумските акции на отпорот ќе ги шириме низ Република Македонија и насекаде во светот, во земјите, каде живеат и чии државјани се Македонски граѓани, со нивно масовно учество. Ги повикуваме сите субјекти од Единството на Македонскиот народ, да застанат зад мораториумот како неопходен механизам и една од мерките за спречување на штетните политики“, велат организаторите. Собраниската Комисија за уставни прашања на 10 октомври, петок, со десет гласа „за“ и седум „против“ го поддржа владиниот предлог за пристапување кон промена на Уставот. Собранието утре ќе пристапи кон гласање на уставните измени за чие усвојување е потребно двотретинско мнозинство.
|