|
||||
Откриени „атентаторите“ на Глигоров – организатор Фрчкоски, помагач Црвенковски?! |
ШОКАНТНО Мемоарски откриени „атентаторите“ на Глигоров – организатор Фрчкоски, помагач Црвенковски?!Ако се суди според најновите две книги на Стојан Андов, а особено по последната, „До атентатот и по него“, но и според говорот на Љубомир Гајдов на промоцијата во Кинотека на Македонија, организаторот на атентатот врз Киро Глигоров е познат. Организаторот на атентатот врз претседателот Киро Глигоров, што се случи на 3 октомври 1995 година, е познат. Ова може да се заклучи од најновите две книги на Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието на Република Македонија. А особено по последната, „До атентатот и по него“.Во оваа книга, во неколку пасажи, Андов речиси директно посочува на Љубомир Фрчкоски, тогашен министер за внатрешни работи, како можен организатор на атентатот. Авторот, на пример, раскажува за своја средба со претседателот Глигоров пред атентатот, во вилата „Билјана“ во Охрид, во која тогашниот шеф на државата му се пожалил дека Бранко Црвенковски, Љубомир Фрчкоски и други раководители на СДСМ, од него (од Глигоров), барале да си поднесе оставка. Кога го прашале Киро Глигоров кого смета за свој наследник, Глигоров го спомнал Стојан Андов, тврди авторот на мемоарската книга. Шок во салата на Кинотека на Македонија, каде што во петокот попладне беа промовирани избраните дела на Андов, предизвика говорот на новинарот Љубомир Гајдов, кој се претстави како човек кој за време на атентатот бил во Вашингтон и имал контакти со „вториот човек на ФБИ“, токму за обидот за убиство на претседателот Глигоров. Гајдов директно го посочи Љубомир Фрчкоски како организатор на атентатот, по што уследи џагор во салата. Гајдов прераскажа и своја средба со Глигоров после атентатот, кога Глигоров наводно му рекол дека само Бранко Црвенковски може да го наследи. Тезата на Гајдов беше дека Глигоров го предлагал својот нов наследник знаејќи дека и тој се плаши од „атентаторот“ Фрчкоски, оти му помагал во валканата работа. На промоцијата на избраните дела на Андов беа присутни и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери. Со оглед на фактот дека засега нема други верзии за настанот на 3 октомрви 1995 година, се доби впечаток дека верзијата што ја раскажува Андов во неговите мемоари, полека но сигурно, станува доминантна приказна за тоа кои биле инспираторите и организаторите на атентатот. Шокантно е што се посочуваат две конкретни имиња – Фрчкоски како организатор и Црвенковски, како некој што знаел за планот и дури, на некој начин, учествувал во него. Засега, во врска со овие нови наводи, се огласи само Фрчкоски, со своја колумна на порталот Либертас. Во таа колумна, Фрчкоски, меѓу другото, пишува: – Во време на атентатот на Киро, за тој трауматичен момент за нацијата и сите нас, посебно оние кои беа блиски до него – Стојан беше скандалозна невкусна, драма. Него само го памтиме како влетувач во кабинетот и фотелјата на Киро, следниот саат после атентатот кога сите бевме во шок и растрчани по болници и како разговара со Милошевиќ, а овој му нудел помош околу атентатот. Но тоа Жана Османли најдобро го знаеше. Целата конструкција и злоупотреба со оваа траума за нацијата Стојан ја насочува на лични освети и импутирања сомнеж и конспирации. Во таа смисла, тоа е монструозен безобѕирен гест, независно каква амбиција стои зад тоа. Андов вели дека Киро на некој состанок му рекол дека него го спрема за свој наследник и само тој можел да ја чува Македонија (бре Стојане, бре стопане селски, која е оваа приказна?) и дека насетувајки го тоа, а од омраза и страв од Стојан, „младите лавови во СДСМ“ (белким јас Бранко и не знам, можеби Ханџиски) решиле да преземат акција, барајки оставка од Киро (на некој состанок на Водно, со тајна намера веројатно Ханџо да го инсталираме за претседател, бидејки јас немав години за тоа тогаш, па не може мене да ми ја залепи и таа амбиција)!? За потоа, Стојан да сугерира дека незадоволни од одговорот на Кирота сме тргнале во акции на можни ликвидации!!?? Па него сообраќајка сме му сместиле, во која тој секако едвај преживеал. Па во атентатот на Киро сугерира дека е можно да сме вплеткани. Па јас не сум дошол на некој состанок кај него по атентатот (кога Милошевиќ му понудил помош – најде кој да му нуди помош!), а дека сум бил во Крива Паланка (со сугестија за контакт со некого таму од конспираторите). Како вели во болната фасцинација од мене и мојата „тогашна моќ“, а во дијалогот со Владо Ралев на Женевското Езеро, цитирам: Фрчкоски може секого да убие, мене, претседателот, кој и да е“? Фрчкоски верзијата на Андов ја нарекува „трилер“, „импутација“ и „одмазда“. Сепак, впечаток е дека работите стануваат пресериозни и дека ќе биде нужно во најскоро време да се огласат и други инстанци, со оглед што обвинувањата се директни, а официјална верзија за настанот на 3 октомври 1995 година нема. |