|
||||
ОМД: Кога неправдата станува закон, отпорот станува должност! |
ОМД: Кога неправдата станува закон, отпорот станува должност! Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) ги осудува континуираните предавнички и антидржавни активности на пратениците од Социјал Демократксиот Сојуз на Македонија (СДСМ) и останатите пратеници кои ги подржуваат амандманите за промена на името на Република Македонија. ОМД смета дека нацрт амандманите од Уставот, изгласани во македонското Собрание со целосна исклученост на академијата, јавноста и експертската фела, се засрамувачки чин за земја со државотворен караткер, демократско уредување и про-западни аспирации. Со 67 гласа „за“, 23 гласа „против“ и 4 „воздржани“, Собранието го изгласа првиот нацрт амандман за промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија. Иако важат за народни избраници со мандат да ги бранат државните интереси, мнозинство од пратениците во законодавниот дом се воздржаа од дебата како основен знак на дефицитарна демократија и отсуство на слободата на говор. Експресно, без долги разговори и реплики, Собранието го изгласа и вториот нацрт амандман со кој се предвидува замена на одлуките на АСНОМ со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и Охридскиот рамковен договор во Преамбулата на Уставот. Вториот нацрт амандман за кој гласаа 65 пратеници „за“, 18 „против“ и 8 останаа „воздржани“, ОМД смета дека е преседан во уставното право со кој Македонија се откажува од својата сопствена историја. Со баланс од 64 гласови „за“, 14 „против“ и 2 „воздржани“, Собранието го изгласа и третиот амандман со кој Република Северна Македонија се обврзува да го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави. Земено во предвид дека Македонија никогаш немала територијални претензии кон било која држава од соседството и пошироко, ОМД смета дека станува збор за проформа зад која се крие штетна содржина по националните интереси на Република Македонија, доминантно во интерес на Грција и Бугарија. ОМД смета дека четвртиот нацрт амандман, под параван за грижа за македонскиот народ во соседните држави и унапредување на неговите врски со татковината, всушност ги негира и деградира правата на македонското национално малцинство загарантирани со член 49 од Уставот. Како последен на дневниот ред од парламентарната расправа, четвртиот нацрт амандман беше изгласан со мнозинство од 66 пратеници „за“, 7 пратеници „против“ и 3 пратеници „воздржани“. Со цел оневозможување на уставните промени, ОМД ги повикува сите општествени граѓани да се вклучат во јавната расправа предвидена по завршувањето на втората фаза, како и да пружат силен демократски отпор за зачувување на континуитетот и интегритетот на Република Македонија. ОМД воедно ги прозива народните избраници да останат доследни до одбрана на националните интереси со глас „против“ уставните промени, што е нивна основна должност кон државата и народот кој ги избрал, со цел оспорување на двотретинско мнозинство неопходно за промена на Уставот во третата фаза од процесот. Историјата е немилосрдна кон тие што ги предаваат националните интереси. Кога неправдата станува закон, отпорот станува должност! |