Понеделник, 30 Март 2020    Печати
ПРАВДА ЗА ПРАВЕДНИТЕ, СЛОБОДА ЗА УСТАВОБРАНИТЕЛИТЕ ПРЕД ВЕЛИГДЕН!

slobodan tomic 1Пишува: Слободан ТОМИЌ

Тој што некому неправда нанесува, е понесреќен од оној што ја трпи, вели Демокрит. Во книгата на мудростите, Соломон запишал: Лошите луѓе не ја разбираат правдата, но тие кои Го бараат Господа, разбираат!

Во престет сме на најголемиот празник над празниците, торжеството над торжествата - Велигден. Живееме во вонредна состојба на пандемија, со сите неизвесности, затоа што се’ е непредвидливо. Ни се наруши мирот, слободата, ни попушта трпението... Како православни со пост и молкум, го очекуваме воскресението Христово, воскресението на нашиот Господ Бог Исус Христ кој ги презел гревовите на луѓето врз себе, заради нашето спасение.

Дали сме се запрашале, ќе го преземе ли некој “гревот“ на праведниците за да ги спаси од страдањата во Идризово, или во КПД Штип? На тие за кои во овие тешки денови на корона вирусот затаило чувството на солидарност и праведност?

Уставобранителите кои невино лежат по затворите низ Македонија?! Тие кои ја сакаат татковината Македонија, а со драконски казни осудени со месеци неправедно лежат по затвори, затоа што му кажаа НЕ на предавничкиот и поданичкиот однос на група политиканти во Владата и Собранието?! Не е тешко да се погоди, неправедно осудените за настаните на 27 април 2017 година во Собранието.

Народот бара нивно ослободување!

Тие луѓе не се ниту терористи, не се ниту убијци, не влегоа насилно во Собранието таму друг ги пушти, демонстрираа одбрана на уставноста и законитоста во атмосфера на тензии испровоцирани од тоа што го правеа пратениците!

Чесно ли е и човечки, да седите дома со семејството, радувајќи се заедно со него на родендените и имендените, на славите, кога во затворите лежат неправдено осудени чии семејства тихуваат и тагуваат?

Денес се развиори знамето на Македонија во друштво на јарболите на останатите 29 земји членки на Алијансата. Жртвата на Македонија е недостижна од која и да е земја-сојузничка во Алијансата, бидејќи ниту една друга држава од нив не ги жртвувале името на државата и идентитетот на нацијата заради членство сојуз или меѓународна организација како Македонија!

Зарем еден Александар Јаневски Тошта, за кого јасно и гласно во пресудата стои дека е невин, затоа што спасил меѓуетнички конфликт, со раширени раце во Собранието го молел изневерениот народ на смирение, треба да лежи 13 години затвор во Идризово?

А, такви се и другите, речиси сите со иста судбина... Вилијам Михајловски е осуден на 14 години затвор, Игор Југ 12 години затвор, Јане Ченто 15 години затвор, Горанче Ангеловски 12 години затвор, Александар Василевски 8 години затвор, Младен Додевски 12 години затвор, Влатко Трајковски 15 години затвор, Оливер Поповски 13 години затвор, Оливер Радулов 10 години затвор, Душко Лазаров 15 години затвор, Мунир Пепиќ 15 години затвор, Митко Пешов 15 години затвор, Митко Чавков 18 години затвор, Никола Митревски 15 години затвор, Абдуљфета Алими 7 години затвор, Николче Димитриевски 10 години и 6 месеци затвор, Коста Делов 10 години и 6 месеци затвор, Оливер Ошаковски 10 години и 6 месеци затвор, Александар Јаневски Тошта 13 години затвор... За што? За “терористичко загрозување на уставниот поредок“!

Престедателот на Алијансата на Албанците, Зељадин Села кој беше жртва на настаните во Собранието на 27 април 2017 година, поради вонредната состојба со пандемијата од корона вирусот, солидарно, дури повика на ослободување на сите затворени. А, за него лежи невино в затвор Александар Јаневски Тошта.

За каква правна држава се залага елитата на власт, за какви хармонизации на правосудниот систем, кога не ги почитува правото и правдата, човековите слободи?!

Парадоксот да биде поголем, Македонија е единствената држава во светот во која луѓето кои пукаа врз народот и институциите во војната 2001 година, убивајќи и масакрирајќи околу сто припадници на Вооружените сили на Македонија, ексклузивно заради помирување беа амнестирани и ослободени! Не, пријатели, НЕ! Тоа не може да се случи никаде на друго место, освен во Македонија.

Еве се ближат деновите кои се викаат денови на подавање на рака кон праведниците со прошка за стореното. Дали 27 април 2017 година треба да биде најсрамниот ден во македонската историја или ден за прочистување на гревовите и правдата? Затоа и се обраќаме до престедателот на Македонија Стево Пендаровски кој се заколна дека ќе биде праведен кон сите Македонци по род и државјанство, дека ќе ги брани нивното достоинство, права и слободи!

Народот бара амнестија за праведните, слобода за праведните! Амнестијата ќе го запише Пендаровски како праведен претседател во историјата на Македонија. Народот бара час поскоро тоа да се случи!

Затоа, повторно со мудростите од книгата на Соломон: “Блазе си му на човекот кој ја нашол мудроста и на човекот кој го придобил разумот. Подобро е да се придобие таа, отколку сребро. Мудроста е поголема печалба и од златото, поскапоцена од бисерите, неспоредлива е со сето богатство на светов! Долгиот живот на мудроста е во десната рака, а во левата: богатството и честа! Нејзините патишта се пријатни и сите нејзини патеки со мир се исполнети. Таа е дрво на животот, за тие кои се придржуваат за неа, благословен е тој што ја има и на неа се повикува.“

Претседателе, амнестија за праведните, слобода за праведниците, за уставобранителите!