Понеделник, 15 Февруари 2021    Печати
Ни браќа, ни братучеди-бугарски пичове!

Ни браќа, ни братучеди-бугарски пичове!

Роднинските врски меѓу Македонците и Бугарите, особено дилемата дали се браќа или братучеди, при што не е важно дали се од прво, второ или трето колено, се помалку излегуваат од устите на бугарските политичари. Или, подобро речено, излегуваат по потреба, според системот топло-ладно. Во зависност од тоа што сакаат да ни порачаат нам Македонците или како да ни го претстават македонизмот.

Па, во тој контекст образложенијата се повеќе или помалку познати и, што е најважно содржани во образложението на бугарското вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Но, во меѓувреме стекнавме и нови сознанија. На пример, покрај тоа дека сме Коминтерновска творба и дека како Македонци постоиме од 1944 година, а јазикот ни бил западнобугарски дијалект, дознавме дека македонизмот бил расистичка теорија, дека тој ја негира и сатанизира Бугарија, дека ти бил политичко чудовиште и патолошки според својата природа… Конечно, дека Македонија ти била Северна Кореа на Балканот.

И сите овие „епитети“ излегуваат од устите на официјални бугарски политичари или нивни подопашници пред кои, во името на добрососедството и елиминирањето на говорот на омраза мораме да ги затвораме очите и да молчиме. Зашто, не дај Боже да им паднеш в раце на оние мали проверувачи на факти. Не што ќе те блокираат на социјалните мрежи, туку ќе те направат, во најмала рака, неписмен или најголем анти-Бугарин, анти-Европеец, анти-НАТО-вец, анти-Американец и што ли уште не. Па, само они се, нели, писмени, големи и про… Како прави деца. Удбашки или достини, се едно. Во иста шупелка свират.  А, за што? Они самите најдобро си знаат.

Чудно, ама ова пародијава со добивањето српски вакцини на Табановце, не доби соодветен публицитет во Бугарија, како што беше примерот со најавата за можноста за следење на наставата по избор на српски јазик. За разлика од тогаш, кога без никаква основа ни ја извадија кожата, сега главното прашање, што им стигна директно од Скопје, им е каде се бугарските вакцини, кои ги вети „братот“ Бојко?

А, јас, пак, по паметот на Красимир Каракачанов скоро бев убеден дека ни ги дале и дека одамна се дојдени. Да потсетам, Краси на денот кога се чествуваше денот на раѓањето на Гоце Делчев преку фејсбук статус ни порача дека ни дале вакцини против Ковид-19, ама не можеле да ни помогнат околу Стокхолмскиот синдром, зашто за тоа се уште немало откриени такви. А, тој, Стокхолмски синдром, ни го импутираше заради српскиот јазик и нашето „србо-југословенство“, демек нашата неодолива желба заеднички да страдаме и патиме со српските завојувачи и освојувачи по Балканските, Првата и Втората светска војна. Ама, утка. Се покажа дека и Бугарите си имаат свој Зоран Заев. Едно мисли, друго збори, нешто сосема трето прави! И оди после, па верувај му.

Нејсе. Памет за друг пат.Уф, ќе заборавев. А, зошто истиот Стокхолмски синдром не ни го удри Краси по глава за време на Втората светска војна, од 1941 до 1944 година? Или мисли дека тогаш немало насилство и последици за Македонците?

За среќа, се јави вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Во последното интервју за 24 часа, таа, меѓу другото, ни порача дека целта на Бугарија не била да ги расипе пријателските односи меѓу Скопје и Белград.

И види чудо! Бугарија сакала, според Захариева, да сме имале пријателски однос и со нив!? И не само тоа, туку сите да сме биле пријатели, да бидеме поврзани и да градиме заедно. Притоа, не пропушти да ја спомене основата на нашиот проблем-„воспитувањето генерации со омраза кон Бугарија и Бугарите“.

Значи, ни браќа, ни братучеди, туку-пичове! Бугарски пичове!

Ова пичове не треба никого да чуди. Иако терминот „пич“ го нема во единствениот македонско-бугарски речник од 1966 година, ако го отчукате на транслејт од бугарски на македонски јазик ќе го добиете значењето-пријатели. А, постарите генерации во Македонија го користат во комуникацијата до ден денес, со значење на манга или мангуп, но никако како нешто безобразно или вулгарно.

Е, како драги бугарски пичове да станеме тоа? Со лаги за вакцините? Ајде, тоа и не е важно и не претставува никаков проблем, иако е симболичен знак дека си поигрувате со нас. А, да ни дадевте барем една кутија, исто како Србите, бидете сигурни дека Владата и за вас ќе направеше фешта. Со насилна асимилација, со постојано перење на мозокот за бугарските корени, со пазарење за Гоце Делчев, со поистоветување на црковната со етничката припадност, со негирање на македонскиот јазик, со наметнување на вина за припадност на геноциден народ, со новокомпонирана бугарско-албанска блискост на штета на Македонците, со уцени и вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ, со што? Со бришење од учебниците на фактот дека сте биле наци-фашисти во текот на Втората светска војна?

Добро де, пичове, не сте, не сте наци-фашисти. Сега не сте, што не значи дека не сте биле, исто како што не бил ни целиот бугарски народ. И тоа добро го знаете. Само што вашите хирови треба да ги трпат Македонците. Уживајте во моќта и вознесот.

Пет века сме ги истрпеле Османлиите, ќе ве истрпиме и вас. Ама, вака не става, пичове!

https://pressingtv.mk/kolumni/ni-brakja-ni-bratuchedi-bugarski-pichove/