|
||||
ВЕЛИГДЕНСКО ПРАЗНУВАЊЕ ВО КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА „ПРЕСВЕТО СРЦЕ ИСУСОВО“ ВО СКОПЈЕ |
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА – НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА Католичката црква која ги обединува верниците со римокатоличка вероисповед и верниците со источен православен обред во Република Македонија го прослави најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, на кој чинодејствуваше бискупот д-р Киро Стојанов Најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден во Република Македонија Католиците традиционално го слават во црквата „Пресвето срце Исусово“ во Скопје. По тој повод во саботата на 3 април 2021 година се одржа света Велигденса литургија која ја служеше бискупот скопски и епарх струмичко-скопски д-р Киро Стојанов, во сослужение на бројни свежтенослужители и Црковниот хор од Католичката црква. Поради пандемијата со ковид-19, прославите на најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. присуствуваа ограничен број верници, а литургиите се одржаа под посебни протоколи, согласно мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов им го честиташе Велигден на католичките верници и на литургијата ја прочита воскресната проповед, во која се вели: -Драги браќа и сестри, се надевавме дека Велигден оваа година нема да биде оптоварен од пандемијата Ковид-19 како што тоа беше случај минатата година во ова време и дека ќе може да го славиме свечено во нормални услови, но еве и оваа година овој голем христијански празник мора да го прославиме во истите околности како и пред една година, внимателно и со сите мерки на претпазливост да се заштитиме едни од други од можна инфекција. Дури и Светиот Престол објави дека и оваа година папата Фрањо Велигден ќе го слави во празната базилика Свети Петар заради многу ограничениот број верници. Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски д-р Киро Стојанов Свесни сме дека короната влијае на многу членови од нашиот народ и на многу семејства во нашата заедница. Најтешко им е на оние кои ги изгубиле своите најблиски затоа што не успеале да се изборат за уште некој додатен здив и да ја надминат оваа подмолна болест, но го предале својот дух на бесконечната милост на небесниот Отец. Вистина, ние сме, како сите суштества на земјата, и без оваа болест подлежни на минливост. Иако се обидуваме некако да го истуркаме тоа од нашите мисли, можеби убедувајќи се дека тоа ќе дојде некогаш, но за волја на вистината, сè уште не, сепак сме постојано изложени на опасност од смрт која виси над нашите глави. Драги браќа и сестри, Исус со својата победа над гревот и смртта и со своето воскресение од мртвите, ни даде нов, неуништлив живот и на тој начин ги наполни небото и земјата со голема радост. Велигденската радост ги исполнува и нашите срца. Секој што верува во Христовото воскресение, веќе совоскреснал со Него. Тој знае дека кревкоста на постоењето, и дека страдањето и смртта го немаат последен збор. Исто така знае дека со Христовата смрт и воскресение злото е надминато засекогаш, дека се скршени оковите на подземниот свет и дека сме извадени од ропството на гревот и смртта како слободни деца Божји. Така, смртта веќе не е страшило што ќе нè исполни со ужас, зашто Бог нè повика на живот и тој исто така, еден ден, кога ќе се врати во слава, ќе ги преобрази нашите тела и ќе ги придружи на своето славно тело. Кој е Христов, нема од што да се плаши. Затоа што самиот Исус порачува: „Не плашете се!“ Среќен и благословен празник Воскресение Христово – Велигден!, рече бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов. Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје Инаку, Католичката црква во Македонија е една црква со два обреда, поради што се вика Католичка, што значи општа, односно заедничка црква. Според тоа, католичките верници и храмови од источен обред во Република Македонија се присутни најмногу во струмичкиот крај, односно, во градот Струмица, во Радово, во Нова Маала, како и во Гевгелија, Богданци и Стојаково, додека католиците од римскиот обред се најбројни во Скопје, Битола, Охрид и во други места. Во текот на повеќе векови, христијаните во Македонија, како и на другите ближни и далечни простори исповедувале заедничка и општоприфатена вера, што зборува дека и Православната и Католичката црква егзистираат на овие простори од тогаш до денес. Меѓутоа, поради различните култури, начинот на размислување и други причини, поделбата на православни и католици во смисла на верска поделеност, како и во светот така и во Македонија, постои од 1054 година. Во борбата за црковно ослободување од елинистичкото влијание, покрај националниот дух кај македонскиот народ се буди и духот за црковна независност од Цариградската патријаршија. По неуспешното барање сојузник во разни независни цркви, обидот за ослободување од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија завршува со унијата, односно соединување со Католичката црква во 1859 година. А, унијатството во Македонија, термин што во последно време е заменет со соединување се појавило како резултат на општествените, економско-политичките, социјалните, културните, црковните, образовните и други (не)прилики. Затоа, Македонците често се обраќале до римските папи за покровителство преку прифаќање на црковната јурисдикција на Римокатоличката црква, а со цел да се ослободат од Цариградската патријаршија. Својата кулминација ова движење ја постигна во педесетите години од 19-от век. Инаку, првата унијатска црква, односно Католичката црква од византиско-словенски обред во Македонија, е формирана во Кукуш во 1859 година, позната како Кукушка унија или Кукушко соединување, во која членувале голем број видни македонски преродбеници. Тоа, всушност, било движење за отворање на училишта на македонски јазик, или на јазикот на кој зборувале Македонците во кукушко-солунскиот регион. Унијатството, односно соединувањето било движење за еманципација и ослободување од грцизмот, односно црковно-просветно движење против грцизмот што во тој период имал широки размери во Македонија. Денешната Католичка црква со источен обред во Република Македонија на чело со бискупот д-р Киро Стојанов е организирана во пет енории и три филијали и тоа: во Богданци, Гевгелија со филијала во Стојаково, Нова Маала со филијала во Чанаклија, потоа Радово, како и Струмица со филијалата во Петралинци. Инаку, прославата на најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден се одржува во Ерусалим – градот на Христовите маки, смрт и воскреснување. Тоа е град кој во текот на последните два милениуми не е врзан поимот мир. Ниту на едно свето место во светот не потекле толку потоци крв како овде. Никаде толку жестоко не се борело, никаде толку длабоко не се мразело и напаѓало како во овој свет град што е сместен на ладните и сиви карпи на планината Јуда. Трите светски религии – еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот. Истовремено, никаде не се кажале толку многу молитви како во Ерусалим. Црквата на Светиот гроб во Ерусалим Основно значење на зборот црква е „народ“. Црквата е народ Божји повикан да го сознае живиот Бог, да го љуби и да му служи. Ним Исус Христос им го доверил светото библиско откровение и затоа Црквата е „столбот и темелот на вистината“. Иако Црквата самиот Бог ја повикал на постоење, неа ја сочинуваат обичните луѓе, чии погледи се обоени со духот на нивното време Исусовото вистинско послание е разбрано дури по неговата смрт и неговото воскресение. Имено, тој повикувал на вера и преданост и настапувал како конечен судија за човечката судбина. Не објавувал само простување и спасение, туку со својот живот, страдање и смртта и го постигнал тоа! Исус Христос е гласникот, ама е и срцето на пораката. Тој ги повикувал луѓето кај Бога. Тој самиот е тој пат до Бога. Почитувањето на Исус Човекот како Син Божји не извирало од некоја вообразена побожност по неговата смрт, туку во длабокиот впечаток што тој го оставил на своите ученици во трите години на своето дејствување. Неговото воскреснување ја продлабочило и ја потврдило таа увереност. Без сомневање во неговата реална човечност, следбениците сфатиле дека Исус Христос чекорел со Господ. Животот, учењето и смртта на Исус ќе означат нова страница во историјата на човештвото. Во време кога Евреите го оплакуваат уривањето на Храмот, учениците на Исус од Назарет веќе го шират новото, христијанско учење. Ерусалим, градот на Исусовото страдање, смрт и воскресение, до денес ќе остане најголемо светилиште во христијанството. Затоа, секоја година повеќе од еден милион христијани од сите делови на светот доаѓаат во Ерусалим. На Велики петок, пред Велигден, река луѓе минува низ Виа Долороса, по стапките на Синот Божји, на патот кон Голгота. На местото на распнувањето и смртта на Исус се наоѓа Црквата на Светиот гроб, позната уште како Црква на Воскресението, единственото место под небесната капа каде што во исто време можат да се сретнат на молитва верниците од различни христијански заедници. Во Ерусалим е напишана највозбудливата приказна на нашата цивилизација. Тука Бог им се прикажал на луѓето, за првпат, во човечка лика. Тука вечниот живот ја победил смртта. Денес, во свеста и верувањето на милиони христијани Ерусалим е местото од каде што сè почнува и сè ќе заврши, на Судниот ден. Пишува:СЛАВЕ КАТИН |