|
||
| Македонија не е и несмее да биде естраден реквизит |
|
Македонците не се против Србите, напротив, историски, културно и емоционално, народот ги третира Србите како пријатели. Приведувањето на Аца Лукас во Кавадарци отвори реакции каква што одамна не сме виделе. Наместо едноставен инцидент што институциите ќе го расчистат по закон, добивме медиумска бура, балканска драма. и најтажно од сè, уште една провокација врз Македонија. И не случајно, веднаш се јавија „естрадни генерали“ кои многу полесно се фаќаат за политика отколку за микрофон. Најгласен меѓу нив е Саша Мирковиќ, директорот на „Хајп ТВ“, кој од Белград со патетика и агресија го посочи премиерот Христијан Мицкоски како виновник за настанот. Ниту аргументи, ниту докази, само јасна желба да се нападне Македонија и да се наметне наратив дека нашата држава е нечија играчка. И сето ова не доаѓа изолирано, само неколку недели претходно Цеца на настап држеше бугарско наместо македонско знаме и нејзината изјава подоцна беше уште поголема навреда од самиот гест: „Ми го дадоа од публиката, не знаев“, рече. Но знамето не е кеса од маркет, знамето е идентитет, историја, крв и жртва. Тоа не се меша со ништо, освен ако некој намерно сака да ги тестира македонската трпеливост и достоинство. Кога на ова ќе се надоврзе и хистеричната реакција на Мирковиќ за приведувањето на Аца Лукас, станува јасно: дел од српската естрада одамна има потреба да ја претвори Македонија во сцена за лични битки, политички пораки и национални комплекси. Тие забораваат една мала, но многу важна работа, Македонија е држава со институции и со закони. Македонските институции немаат обврска да ѝ се правдаат на ниту една естрадна ѕвезда ниту на нејзиниот продуцент. Ако Аца Лукас прекршил закон, ќе одговара по закон а не по желба на Мицкоски и не по аплаузите на некоја публика. Туку по ред, правило и закон. Тоа е европски и демократски принцип кој многумина во регионот очигледно сè уште не го сфатиле. Дополнително, мора да се каже и едно: на концертот во Кавадарци, во клуб со капацитет од 200 посетители биле присутни над 700 луѓе – Македонија не смее да си дозволи уште едно Кочани. Безбедноста на граѓаните не е играчка, а институциите мора да реагираат кога се загрозуваат животи. Токму затоа е важно да се каже јасно и гласно: Македонците не се против Србите, напротив, историски, културно и емоционално, народот ги третира Србите како пријатели. Но Македонија нема да дозволи провокатори, било од естрадата или од политичките задни кујни, да ги нарушуваат пријателските односи кои со децении се градат меѓу двете држави. Пријателството не значи молчење пред навреди и непочитување на закон, туку меѓусебна почит и одговорност! |