Сабота, 31 Јануари 2026    Печати
Македонско технолошко чудо: камери кои препознаваат кој е македонец а кој албанец?!

7GATJTLM4VWXTQAKJP6J27WHEE

Оваа колумна ја посветувам на тие што сакаат да се насмеат, бидејќи понекогаш реалноста е толку смешна што секој обид да се сфати сериозно изгледа како лоша шега.

Кога ги читам изјавите на некои „загрижени“ политички гласноговорници дека камерите од проектот „Безбеден град“ биле поставени во Скопје-Чаир, Сарај, Бутел, како и во Куманово и Тетово за да се „ловат“ сообраќајни прекршоци врз Албанци, неизбежно се наметнува едно едноставно прашање: од кога сообраќајната безбедност престана да биде јавен интерес, а стана етничко прашање?

А, секако, мора да се постави и уште едно чувствително прашање: што е со Македонците кои живеат во овие градови и општини каде што Албанците се мнозинство?

Според таа логика, камерите од проектот „Безбеден град“ не се обични камери. Тие, според некои политички толкувања, имаат вграден етнички сензор. Не мерат брзина, не фаќаат црвено светло, туку прво проверуваат кој си.

Но, не грижете се, очигледно и за тоа е најдено решение. Камерите имаат специјален чип. Тој чип ги препознава Македонците и автоматски одлучува да не ги казнува.

Ако си Албанец те снима, а ако си Македонец, апаратот се врти на другата страна и се прави како да е Тошо, не милам на Тодор Петров, се прави дека не те гледа.

Камерата прво скенира име и презиме, потоа проверува етничка припадност, скенира нос, очи, можеби ги скенира и долните органи и дури потоа одлучува дали прекршокот важи или не важи.

Вистинско македонско технолошко чудо, скроена само да снима возачи од албанско етничко потекло?.

Ако „Безбеден град“ е дискриминација кон Албанците затоа што камерите се поставени во општини каде што се мнозинство, тогаш по истата логика проектот може да биде оспорен и од Македонците во градовите и населбите каде што нема камери.

Зошто сообраќајот да биде побезбеден само таму каде што живеат Албанци, а Македонците да гинат на улици без контрола, без камери и без санкции? Зар тоа не е истата таа „дискриминација“, само свртена наопаку?

Наместо да се праша зошто проектот не е проширен насекаде, зошто нема камери на сите црни точки и зошто безбедноста не е еднаква за сите, повторно се оди по најлесната патека: етничка карта.

Проектот „Безбеден град“ не е совршен, и сигурно заслужува критика за покриеноста. Но, да се претвори сообраќајната контрола во етничка приказна е најлесниот и најнеодговорниот начин да се избега од суштината: прекршокот е прекршок, без разлика кој го прави, македонец, албанец или некој друг, безбедноста мора да биде иста за сите.

А патиштата, за жал, не прават разлика, тие подеднакво убиваат и Македонци и Албанци, и кога има камери, и кога нема, само кога има камери како што покажа статистиката драстично се смалени сообраќајните прекршоци а и жртвите.

На крајот, ако навистина ни е грижа за граѓаните, барањето треба да биде едноставно: камери насекаде каде што се гине.

Сѐ друго е театар, каде што безбедноста е само реквизит, а етничката поделба главната улога.

МЈ