Среда, 11 Март 2026    Печати
Епската приказна за Александар Македонски продолжува да открива нови факти

1 copy copy copy copy

Епската приказна за Александар Македонски продолжува да открива нови факти

Археолозите можеби го пронашле бојното поле каде што Александар Македонски првпат се соочил со Персијците.

Источна Европа и Мала Азија кријат огромно богатство од археолошки траги за истражувачите кои ја проучуваат епската приказна за македонскиот владетел Александар. Во западниот дел на денешна Турција, област што во последните години е предмет на внимателни истражувања, научниците веруваат дека можеби се наоѓа местото на една од неговите најрани и најважни битки.

Со цел подобро да го разберат подемот на еден од највлијателните воени и политички лидери во историјата, археолозите со децении се обидуваат да пронајдат материјални докази за настаните што ја создадоа легендата за Александар. Денес, тимови истражувачи сметаат дека можеби ја идентификувале локацијата каде што во антиката се судриле македонската војска и силите на Персиската империја.

111 copy copy copy copy copy copy copy copy

Според историските извори, десетици илјади војници се соочиле во регионот близу денешниот град Чанаккале. Овој судир е познат во историјата како Битката кај Граник, една од првите големи победи на младиот македонски крал.

Потрага што трае речиси век и половина

Потенцијалната локација на бојното поле се наоѓа во рамнината Бига, околу 100 километри источно од Чанаккале. Археолозите веќе повеќе од две децении систематски ја истражуваат оваа област, барајќи траги што би можеле да потврдат дека токму таму се одиграла славната битка.

Нивната упорност почнува да дава резултати. Истражувачите идентификувале можни остатоци од антички патишта, како и траги од воен логор во близина на античкиот град Хермаон. Овие откритија ја зајакнуваат претпоставката дека токму тука се наоѓало историското бојно поле.

Дополнителни докази доаѓаат и од локалното население. Земјоделци од регионот, обработувајќи ја земјата, повремено откривале стари гробници. Во неколку од нив биле пронајдени и парчиња античко оружје, што дополнително ја поттикнува претпоставката дека на ова место некогаш се водела жестока битка.

Археолозите ги споредуваат своите наоди и со античките историски записи. Описите на географијата и релјефот од старите извори, според нив, изненадувачки се совпаѓаат со природниот пејзаж околу рамнината Бига.

Важен дел од истражувањето се и реките што ја преминуваат областа. Научниците се обидуваат да утврдат која од нив е древната река Граник – водотекот по кој битката го добила своето име. Потрагата по точната локација на оваа река трае уште од XIX век, а сегашните истражувања претставуваат значаен чекор кон конечното расветлување на најраните походи на Александар.

Почетокот на походот кон Исток

По смртта на својот татко, Филип II Македонски, Александар се искачил на престолот и веднаш започнал амбициозна воена кампања. Неговата цел била огромна – проширување на македонската власт од Балканот до далечните простори на Азија.

Пред да тргне кон Персија, Александар најпрво ја зацврстил својата власт во грчките градови-држави. Откако ја консолидирал својата позиција, ја повел војската преку Дарданелите и Галиполскиот теснец кон територијата на Персиската империја.

Во тоа време империјата на персискиот крал Дариј III се соочувала со внатрешни проблеми и востанија, вклучително и бунтови во Египет околу 335 година п.н.е. Оваа нестабилност му дала можност на младиот македонски владетел да започне офанзива.

Со околу 18.000 војници – составени од пешадија и коњица – Александар навлегол во Мала Азија, на територијата на денешна Турција.

Историчарите проценуваат дека во близина на реката Граник се соочиле речиси 90.000 војници. Иако бил значително поброен, Александар успеал да извојува убедлива победа.

Поразот над персиската војска се покажал како одлучувачко воено достигнување за младиот македонски владетел. Победата му овозможила да обезбеди неколку провинции по повлекувањето на ахеменидските сили.

Поважно е што Битката кај Граник го означила вистинскиот почеток на широките источни походи на Александар.

1b-gordana1

Преведе од Англиски – Гордана Димовска