|
|
РАЗЛИЧНИ МАКЕДОНСКИ ДРУШТВА И АСОЦИЈАЦИИ ВО САД (36) |
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН Македонските селски и околиски социјално – културни братства во САД ги зачувуваат своите национални вредности, а во исто време го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини, особено во Детроит КЛ ДРУШТВО “ЉУБОЈНО”. Покрај друштвото “Преспа”, доселениците од Љубојно се организирани и во свое селско друштво “Љубојно”, кое е основано во 1992 година. Во градот Детроит живеат над 100 семејства од Љубојно, а, исто така, ги има и во други американски градови, на пример, во Чикаго, околу 20 семејства, потоа во Охајо, во Калифорнија и во Канада. Се претпоставува дека на овие простори на Северна Америка има околу 300 семејства од селото Љубојно. Посебна грижа друштвото води за селото Љубојно. Со негови средства се одржуваат црквите, гробиштата и други комунални објекти. Во 1993 година е спроведена посебна хуманитарна акција за собирање средства за купување на лекови за амбулантата во селото. Истата година произлезе и идејата да се соберат пари и за изградба на патот од селото до манастирот Св. Петар. Друштвото “Љубојно” еднаш годишно на празникот св. Атанас (летен), на 15 мај, (најблиската сабота или недела) организира пикник, како сеќавање на селската слава, која се одржувала во манастирот Св. Атанас. На тој ден се организира и игранка, на која се покануваат сите Македонци доселеници во Детроит, а исто така и љубанчани од другите делови на Америка. ДРУШТВО “ПЕЛИСТЕР”. Тоа било формирано во 1989 година од група македонски доселеници од битолскиот крај. Во него членувале претежно битолчани кои биле доста активни во периодот на формирањето на друштвото. Така, тие биле организатори на пикници, игранки и друг вид другарувања, кога се собирале македонски доселеници не само од Битолско, туку и од други краишта од Македонија. УБ “СКОПЈЕ”. Оваа асоцијација била формирана во ноември 1999 година од група новодојдени македонски доселеници од Скопје и Скопско и нивни пријатели. Тој е еден од помладите клубови во Детроит. МЛАДО ДРУШТВО “ПОЛОГ”. Младинците од Детроит чии дедовски корени се протегаат во Македонија, во тетовскиот регион формирале свое друштво. Тоа било основано на 10 ноември 2001 година, кога и се организирала голема група младинци, претежно ителектуалци. Младото друштво “Полог” било организатор на бројни игранки и други собирања. КЛУБ “ЛЕШЕК”. Еден од најмладите македонски клубови во метрополата Детроит е “Лешек”.Тој бил формиран во текот на 2001 година, а бил регистриран пред американските власти во јануари 2002 година. Овој клуб е собиралиште на доселениците од селото Лешок, Тетовско и е организатор на селската слава посветена на св. Богородица. НАЦИОНАЛЕН КОМИТЕТ ЗА ИЗГРАДБА НА БОЛНИЦА. Во февруари 1946 година, на еден свечен банкет во Њујорк, Болничкиот иницијативен комитет на Македонците од САД, во неговата голема желба да помогне на својот народ и на новата македонска држава, покренал иницијатива за изградба на болница во Скопје. Потоа во летото 1946 година се одржала конференција од претставници на македонските организации од САД и Канада, како и делегати од повеќе македонски друштва, селски и црковно-спомагателни братства. Бил избран Национален комитет за изградба и екипирање на една модерна болница во главниот град на тогашна Народна Република Македонија, Скопје. Со средствата на македонските доселеници од САД, Канада и Австралија бил изграден и опремен болничкиот комплекс во рамките на Државната болница во Скопје и на 8 јули 1958 година бил свечено пуштен во употреба. Исто така, во Њујорк првпат македонскиот радиочас започнал со работа на 10 септември 1971 година и работи до денес. На програмата се застапени вести од Републиката, од македонската колонија во Њујорк и Њу Џерси, реклами, поздрави и желби, репортажи, историски осврти и други материјали од областа на културата и музичкото творештво. Телевизиската програма на македонски и на српско-хрватски јазик, пак, започнала 1975 година во Њујорк и се емитувала еднаш неделно во траење од 30 минути. Телевизискиот час бил еден од најгледаните меѓу доселениците од сите делови на Македонија, Југославија и Балканот, а обилувал со разни видови програми од областа на културата, стопанството, историјата. Се издржувал од бројните рекламно-пропагандни материјали на различни стопански организации. Исто така, во Њујорк, во осумдесеттите години се емитувал телевизиски час на кој биле застапени главно емисии од спортскиот живот во Ју-гославија, а во тие рамки и во Македонија.
АНСАМБЛОТ “ТОМОВ”. Во градот Њујорк со успех работеше Ансамблот за народни игри и песни “Томов”. Ансамблот “Томов” е формиран 1974 година со цел да ги прикажува на американскиот континент богатите игри и песни од Балканот, посебно од Македонија. Тој е составен исклучиво од Американци, ентузијасти, играорци, пејачи и музичари, а само уметничкиот директор и кореограф е Македонец. Тоа е единствен ансамбл во светот од ваков вид. Поголем број од членовите по занимање беа професори, инженери, научници, кои своето слободно време го посветувале на убавите игри и песни од богатата македонска фолклорна традиција. Оригиналните игри на ансамблот “Томов” и’ се познати на македонската јавност уште од 1979 година, кога првпат американските играорци со успех гостувале во Република Македонија. Ансамблот “Томов” во своето постоење има постигнато огромни резултати околу ширењето на македонската култура. Секоја година одржувал од 6 до 14 концерти во најпознатите светски сали: Карнеги хол и Линколн центарот во Њујорк, во Бостон, Вашингтон, Чикаго и во многу други поголеми и помали градови во САД и во Канада; настапувал на повеќе телевизиски станици во САД; учествувал и на свеченото отворање и затворање на Зимските олимписки игри во Лејк Плесид 1984 и на специјалистичкиот концерт за свеченото отворање на Елис Исланд 1990, но и на многу фолк фестивали во Америка. Најпознатите весници: “Њујорк тајмс”, “Денс магазин”, “Дејли њуз”, “Ривердејл прес”, “Денс ривју”, “Балерт њуз”, “Д'тајмс хералд”, “Артс” и други без исклучок давале највисоки оценки за кореографијата, беспрекорната техника на изведување и одушевувањето кое го предизвикува ансамблот со сите изворни ора и песни од Македонија, а посебно со “Невестинското”, “Калајџиското” и др. Ансамблот “Томов” гостувал во Македонија, на сите фолклорни фестивали и пошироко на бившите југословенски простори, и тоа: 1974, 1975 и 1983 на Балканскиот фестивал во Охрид; 1976, 1977, 1979 на “Илинденските денови” во Битола; 1975 и 1976 на Смотрата на фолклорот во Загреб; 1975 на Дубровничките летни игри; 1981 и 1989 година на “Скопското лето” во Скопје и 1991 на Семинарот за фолклор во Струга. Неговата активност била активно следена и од македонските јавни медиуми. СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС. Оваа асоцијација, која се бори и ја брани македонската вистина во земјата и во светот, е регистрирана во метрополата Њујорк на 25 мај 2000 година и има своја канцеларија. Исто така, Светскиот македонски конгрес има свој огранок во Њу Џерси. МАКЕДОНСКИ СВЕТСКИ КОНГРЕС. Иницијатори на Македонскиот светски конгрес била група македонски доселеници од САД и Канада. Првата средба била одржана во март 1992 година во Њуварк, Њу Џерси. Потоа, на 20 мај 1992 година, како непрофитна асоцијацијата била регистрирана во државата Флорида. Првиот конгрес бил одржан на 3 и 4 јули 1993 година во Дирборн, Мичиген. Македонскиот светски конгрес има голем придонес, меѓу другото, за признавањето на Република Македонија. Прололжува
|