|
|
ДЕЛ ОД ДОНАТОРСТВО НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ (4) |
ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „АТАНАС БЛИЗНАКОВ“ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ Во таа пригода Атанас Близнаков накусо ја опишал историјата на Македонската православна црква и нејзината улога во националниот, политичкиот и културниот живот на македонскиот народ и, меѓу другото, рекол: ,,Драги браќа и сестри Македонци, македонскиот народ со векови се борел за своја национална слобода и црква и денес неговите вековни стремежи се стварност. Македонската православна црква денес живее и работи како автокефална во слободниот дел на Македонија и таа дејствува во сите краишта на земјината топка, секаде каде што има македонски колонии. Новата македонска катедрална црква во Скопје ќе им служи не само за религиозните потреби на македонските луѓе, туку ќе биде и споменик и гордост на македонскиот народ, зашто Македонската православна црква е таа која ги удри темелите на славјанската писменост, култура и литература. Драги браќа и сестри, во овој момент, кога приложуваме парична помош за изградбата на новиот црковен дом во Скопје, да покажеме дека сме достојни наследници на нашите просветители св. Кирил и Методиј; дека сме следбеници на св. Климен Охридски и на другите македонски апостоли на просветата и доброто на човекот, поклоници на верата, културата и прогресот.” Потоа биле собрани доброволни прилози од многубројните гости на вечеринката, во износ од 3.335 долари, а Атанас дал 200 долари. Притоа, било одлучено комисијата за помош на Соборната црква во Скопје да работи во текот на целата година. Со акцијата на Македонците во Гери, Индијана, членовите на комисијата, сакале да ги поттикнат и Македонците од другите длеови на светот, од Канада, Америка и Австралија, да го исполнат својот атриотски долг и да ја помогнат изградбата на новата црква во Скопје. Атанас Близнаков финансиски го помагал и гостувањето на КУД „Мирче Ацев” од Скопје при посетата на САД и на Канада во 1975 година, за кое е објавен пригоден текст во списанието ,,Македонија” чиј автор е Атанас Близнаков. Играорки на КУД „Мирче Ацев” По доаѓањето во Македонија, Атанас, се концентрирал на формирањето на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф” за која како почетен влог подарил 350.000 долари, за во 1999 година, по период од 22 години, колку што тогаш се наоѓаа во ,,Прудентиал секуритѕ” во Чикаго, во САД.
Се чини дека Атанас Близнаков бил најдобриот читател и вљубеник во списанието „Македонија”, на кое секоја година му подарувал од сто до петстотини долари. Тоа го правел со голема љубов и почит кон своето списание, како што често знаеше да рече. Исто така, подарил одредена сум пари на Македонската православна црква, и тоа 500 американски долари на Соборниот храм ,,Св. Климент Охридски” во Скопје и на други објекти. Продолжува |