|
|
Душан Ристевски-Македон: БЛАГОЈА БОЖИНОСКИ-ОПШТЕСТВЕНИК И ПИСАТЕЛ |
Нови книги Неодамна во Библиотеката „Григор Прличев“ ни беа донирани две книги од познатиот општественик, здравствен работник и литературен деец Благоја Божиноски кој живее и твори во градот Њукастел кој е оддалечен 150 километри од Сиднеј. Благоја Божиноски е роден во селото Единаковци кое се наоѓа во Демир-Хисарската општина и е четврто дете од седумте на Стојан и Стојанка Божиноски. Основното училиште го завршува во родното место, осмо одделение во Демир Хисар, а во 1967 година во битолската гимназија “Браќа Миладиновци“ завршува прва година. Наредната година продолжува во средното Дрвно-Техничко училиште „Трајко Бошковски-Тарцан“ во Прилеп. Благоја како средношколец пројавува желба кон пишаниот збор посебно кон поезијата и со свои творби учествува на повеќе меѓуградски литературни кружоци во Прилеп и околината. По завршувањето на средното образование, во 1972 година се доселува во Сиднеј, а во 1977 година се населува во индустрискиот град Њукастел каде има голема македонска колонија. Неколку години работи во дрвната и градежната индустрија, а потоа во 1985 година се вработува во државната Етничката здравствена служба (Migrant Health Service) за македонската Заедница во Њукастел. Работи како Здравствен работник (Ethnic Health Worker, Health Liaison Officer in Age and Disability and Interpreter). Останува во оваа здравствена установа повеќе од 37 години. Неговото работно место како и желбата да биде нераскинлив дел од македонската заедница го поттикна активно да делува во заедницата на општествено-културно-литературно поле. Негова желба беше да ја воздигне македонската заедница на културен план за да биде рамноправна етничка заедница во мултикултурното општество на индустрискиот град Њукастел и целиот Ханта регион. Македонците беа ценети работници во локалната Железара и едни од главните носители на економскиот развој на овој град. Понесен од оваа желба токму пред 40 години го започна издавањето на весникот „Копнеж“ кое беше единствен од овој вид во Њукастел и државата Нов Јужен Велс. Уредувањето на весникот и желбата да го промовира животот на македонската заедница на Благоја му стана трајна-животна определба. Тој почна да собира податоци за првите македонски доселеници во овој град, за нивната судбина, траума и радост, желби и копнежи, сонови и љубов. Во исто време преку весникот ги промовира здравствените и социјалните служби, ги информира и просветува Македонците и да ги поттикнува активно се вклучат во промовирање на својот јазик и култура. Исто се вклучува во управниот одбор во Македонската црковна општина каде повеќе од 20 години зазема клучни места како благајник, секретар и председател. Благоја беше иницијатор за воспоставување на повеќе огранизации во македонската заедница меѓу кои и оформувањето на Австралиско-Македонската Ассоцијација за Култура и Човекови Права, (Australian/Macedonian Cultural and Human Rights Association) и иницијатор за издавањето на книгата “The Real Macedonian“ од Др. Џон Шеи и книгата “Macedonia and Greece-The Struggle to Define a New Balkan Nation“ која беше издадена од McFarland& Company, London. Приходите од книгата ‘The Real Macedonians’ беа дадени за одржување на Македонскиот јазик во Маквори Универзитетот во Сиднеј и формирањето на агенцијата МИЛС со претставништво во Брисел. Исто така беа воспоставени часови за изучување македонски јазик во редовна настава, часови по религија во основните училишта каде имаше ученици од македонско потекло, саботни часови за изучување македонскиот јазик во средното училиште Мериведер (Merewether High School) кои беа внесени во програмата и признати како дел од завршната 12 гимназиска година. Благоја исто така го воспостави Македонското пензионерско друштво и Центарот за дневна нега (Day Care Centre) за Македонците со посебни потреби, а беше оформена и Доброволна работна група (Charity Welfare Group) која имаше за цел да ги посетува осамените и изолирани Македонци кои се наоѓаа во старски домови, болници или своите домови. После 30 годишна работа во македонската заедница се јави идејата за книгата “Четврта Генерација“. Сите податоци од многубројните интервјуа се умешно собирани и документирани во оваа книга која беше издадена во 2012 година во соработка со уметникот Владо Крстевски, а истата во 2021 година беше ревидирана и преведена на англиски јазик под име ‘Fourth Generation’ Книгата “Единаковци-Моето Село“ е двојазично издание, посветено на неговото родно село Единаковци и на неговите родители Стојан и Стојанка. Во книгата Благоја ја опишува љубовта кон родниот крај, кон родното огнишште, поширокото семејство, роднини и пријатели како и кон неговите соселани. Неговата желба е да го зачува народното предание, историјата на селото, семејствата кои се распрскани насекаде низ светот но во кои сеуште тлее желбата да се вратат и копнеат сите да бидат заедно, да нема разделби.
Копнеж Живот оддалечен Неподнослив мачен Копнеж затемелен Ненадејно здрачен Во душата наша копнееме тајно Носталгија мачна Безнадежна трајно Таковина мила Копнежот е наш тој Со нашата сила Непобедена стој
Тука сме, а не нема!? Името и јазик мајчин наш Го продаде муртински маж Македонска земја мила Ќе ја зема, без мака и сила
Само родот наш, а не други Станавме ние свeтски слуги Ни треба се’млади борци Без сонце, сите сме ќорци Историјата наша стара Секој ја сака, и бара До Гоце од понов век Замина се, по речен тек Време врви, застој нема Избори пред нас се спрема Опстанок се бара сега Без победа, стоиме во спрега.
За спас на сите нас Кој дојде да даде помош Живот го направи полош На нож остар нас не стави Бега назад и прав се прави Мачени векови цели Со невидени денови бели Македонци браќа мои Не знаеме што ни се крои Слушам како народ вреска Од страв се треси како треска Без победа, не ми треба оро Без слобода се е глуво и ќоро Македонска земја наша стара Политички сега не се бара Барајте браќа избор и начин За спас на име и јазик мајчин |