|
|
Драган Богдановски - политичкиот емигрант во Европа |
„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – ЕВРОПА (ЕВРОПСКА УНИЈА) Драган Богдановски беше еден од најпознатите македонски политички емигранти. Тој беше човек со извонредно богата биографија, непоколеблив борец за остварување на македонските илинденски (Гоцеви) идеали, односно идеи за ослободување и обединување на сите делови од етничка Македонија. Богдановски 30 години се наоѓаше во челните редови на патриотски настроената македонска емиграција. Драган беше еден од најпознатите македонски политички емигранти по 1945 година. Тој беше иселеникот најмногу следен од УДБ-а, а во 1977 година киднапиран од Франција и тајно доведен во Македонија. На судскиот процес зад затворени врати беше осуден на 13-годишна робија Според порталот „Македонија нација“ кој има посветено најмногу простор за овој македонски иселеник, меѓу другото, се вели дека Драган Богдановски е роден во 1929 година во селото Клечовце, Кумановско и дека потекнува од позната селско-земјоделска фамилија со патриотски корени. Неговиот дедо Драган бил илинденец - комита во четата на Атанас Бабата. Основно училиште завршил во родното село, а средно образование во Куманово и Битола, по што во 1948 година се запишува во Белград (Земун) на Факултет за земјоделство и шумарство. Во Белград уште во третиот семестер од студиите се пројавува како иницијатор за формирање на „Македонски студентски клуб“, активност за која бил затворен и издржувал казна од 4 месеци во злогласниот затвор на „Обилиќев Венац“. По излегувањето од затвор бил исклучен од факултетот без право на упис на кој било факултет во тогашна Југославија. Таа драконска мерка на факултетските власти во основа го сменила животот на Богдановски. Тој одлучил да ја напушти земјата и во пролетта 1950 година, заедно со неколкумина колеги студенти, кај Гевгелија ја преминал границата кај јужниот сосед. По задолжителен престој во бегалскиот логор „Лаврион“, кон крајот на 1950 година заминал за Јужна Америка, каде до 1954 година престојувал во Аргентина и Бразил. Меѓутоа, желбата за наука не го напуштила, поради што се вратил во Париз и на Сорбона се запишал на Факултетот за политички науки и журналистика. Уште веднаш започнал со политичко дејствување, ја формирал организацијата „Македонски национален фронт“ и започнал со издавање на весникот „Македонска искра“.
Во 1958 година Драган Богдановски се оженил со Брита, ќерка на тогашниот главен архитект на Осло, и заминале да живеат во Норвешка. Во бракот со Брита има два сина (Пер-Арне и Иван). Во Осло приспособува печатница на кирилско писмо и преку пишан збор со неговата национално-политичка активност придонел во борбата за обединување на Македонија. За Драган 1958 година е многу значајна, бидејќи тогаш се јавил како придвижувач за издавање на повеќе весници, списанија и книги за Македонија и македонското дело. Во Осло го издавал списанието „Македонска лоза“, и „Слободна Македонија“, потоа го печател весникот „Македонија“ списанието „Македонска нација“ и сл. Неговата активност најмногу беше изразена како иницијатор за основање на бројни политички организации на Македонците во странство. Споменатите гласила наишле на голем одѕив кај македонската емиграција. Со тоа, всушност, започнало будењето на Македонците и македонството во Европа, а потоа во Австралија, Канада и пошироко во светот. Во 1963 година дошло до формирање на првата македонска национална организација ОКМ (Ослободителен комитет на Македонија), организација која во 1972 година се трансформирала во ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија). Драган на чело на оваа организација дошол уште во 1967 година. Организацијата ДООМ развила широка активност насочена кон Македонците кои по 60-тите години на минатиот век масовно ја напуштале својата татковина од економски или политички причини, поради што набргу се соочил со тогашната СДБ која ги следела и повремено ги попречувала неговите активности. Се организирала кражба на неговата печатница во Минхен (од Осло пренесена во Брисел па во Минхен) во која се печатело списанието „Македонска нација“. За волја на вистината СДБ не презела акции за целосна елиминација на дејноста на Драган Богдановски, бидејќи тој со својата борба беше брана за спречување на дејствувањето на разни странски пропаганди, политички или црковни институции кои Македонците на печалба или тогаш популарно нарекувана „на привремена работа во странство“, ги поплавува со прогрчка, пробугарска и друга пропагандна активност, каква што спроведуваа „Панмакедоники“, „МПО“ на Ванчо Михајлов, „Славјански комитет“ на НБР и други институции на соседните земји на Македонија. Драган Богдановски беше голем борец против сите оние што го негираа постоењето на македонската нација и македонскиот етнички идентитет. Во тој период (1958 -1977) најголема битка водеше против „МПО“ на Ванчо Михајлов. По Втората светска војна МПО се обидела своето влијание да го прошири и во Европа. Бројот на Македонците во Брисел, било одлучувачко за МПО да се обиде да го прошири влијанието преку клубот „Тодор Александров“. Овој клуб бил непомирлив непријател на идеите на Драган Богдановски, затоа во зимата 1962/63 година со негова помош профункционира друштвото за Македонците од Брисел „Јане Сандански“, кое официјално за тамошните власти требало да дејствува како културно друштво. Преку ова друштво Богдановски се обидел да им помогне на тамошните Македонци, кои го напуштиле друштвото „Тодор Александров“. Тогаш во Брисел било одлучено клубот да печати и свое гласило под името „Македонска мисла“, како списание за култура и општествени прашања. Првиот број излегол во јули 1964 година во кој била објаснета намерата на списанието каде меѓу другото се вели: „Денес во емиграцијата има неколку македонски изданија, од кои некои се вистински македонски и национални кои се издаваат на македонски литературен јазик и ги заштитуваат македонските национални интереси, а други, псевдомакедонски како ‘Македонска трибуна’ и ‘Македонски глас’, што се издавани од група родоотстапници на бугарски јазик, сеејќи во нив замаглување и фалсификаторство за националниот карактер на Македонците, нивното историско минато и нивната борба за национална самостојност“. Дејствувањето на културното друштво „Јане Сандански“ иако траело кратко, сепак, било од големо значење за Македонците во Белгија, за збогатување на нивниот социјален и културен живот, како и за јакнење на националното чувство. Меѓутоа, Драган Богдановски за првпат ќе биде оквалификуван како противник на Југославија. И во акцијата за расчистување со „опасните емигрантски кругови“, била донесена одлука за доведување на Драган Богдановски во Југославија и негово судење. Како раководител на ДООМ во 1977 година Драган бил киднапиран во Париз и доведен во Југославија. Со дипломатско возило бил пренесен во Љубљана, а подоцна и во Скопје. Токму во врвот на неговата активност и омасовувањето на Организацијата, се случило неговото киднапирање од страна на Службата за државна безбедност (СДБ), која уште од првите денови на неговата активност грижливо го полнела неговото досие. Во полициски објект во близина на Македонски Брод бил под истрага 18 месеци. Судскиот процес против него, пак, бил организиран зад затворени врати и бил осуден на 13 години затвор, од кои издржал 11 години во затворот Идризово. Во Скопје бил осуден на 13 години затвор, затоа што се залагал за независна и обединета Македонија. По излегувањето од затворот извесно време живеел во Скопје, а кога добил патна исправа, заминал во Шведска, каде ја подготвил програмата за формирање на национална политичка партија во Македонија (која политичка програма била отпечатена во весникот „Млад Борец“. Таа партија по идеја на Драган Богдановски била именувана како „Демократска партија на македонско национално единство“ ДПМНЕ. По образование интелектуалец и визионер за иднината на политичката акција во Македонија, Драган Богдановски во 1990 година заедно со Гојко Јаковлевски од Берлин, се состанале во Минхен, каде била донесена одлука за формирање на партијата со предзнак ВМРО. На состанокот присуствувале и Владо Транталовски од Ресен, Борис Змејковски и Љупчо Георгиевски. Партијата била формирана и регистрирана во Македонија. На првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ одржан во Прилеп на 6 и 7 април 1991 година, Драган е избран за почесен претседател на партијата, а од 1991 до 1993 година тој е претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа. Со заминувањето од Македонија, Богдановски повторно се нашол на животен крстопат: дали ќе си живее мирен пензионерски живот или ќе продолжи за реализација на идејата за независна и обединета македонска држава. И повторно се одлучил за идејата. Ги согледал тогашните политички услови во СР Македонија и идејно ја обмислил Демократската партија за македонско национално единство која имала за цел независност на Македонија. За Богдановски повторно започнал турбулентен период, кој набрзо резултирал со негово напуштање на Партијата и трајно заминување во емиграција, каде и го пречекала смртта. Тој починал на 31 мај 1998 година, во воз (во местото Федерација Данска), на пат од Шведска кон Германија. Погребан е во Куманово на 1 август 1998 година во присуство на фамилијата и најблиските и до крај верните пријатели и соработници. Иако Богдановски се пасивизирал од политиката, сепак, до својата смрт останал доследен на идејата за самостојна, независна и демократска Македонија. Со таа идеја се градеше како личност, со таа идеја живееше и со таа идеја почина. Иако за таа идеја страдаше и беше прогонуван, сепак, историјата е последниот судија, и денеска, благодарение на демократскиот систем во кој живееме, историјата му го обезбедува заслуженото место.
Покрај Драган Богдановски треба да се споменат и неговите истомисленици кои за жал не се повеќе меѓу живите, а кои цело време се бореа за самостојна Македонија, а тоа, меѓу другите се: Благоја Шамбевски - Шамбе ( 1921-1974); Панко Стамкоски (1938-2007); Михаил Шариновски - Солунски (1932-1999), Крсто Шкодров (1944-2005), Ристе Блажев - Ристески (1931-2000); Крсто Јенчев - Димитров (1912-2003), Јонче Трајчевски (…-2015) и други Пишува: СЛАВЕ КАТИН |