Среда, 19 Август 2020   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (67)

1.0.6

Во монографијата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески“, од авторот Киро Кипровски, објавени се повеќе говори на Мане. Меѓу нив е говорот одржан на состанокот со преставниците на задграничните комитети на ВМРО ДПМНЕ во Европа, на 06 февруари 1993 година во Хаиделберг, Германија.

Иако од одржувањето на состанокот изминало речиси три децении, од говорот може да се заклучи дека многу работи не се измениле. Наследниците на поранешните комунисти, денешните социјалдемократи сеуште играат негативна улога во општеството, сменувајќи го името без согласност на македонскиот народ, албанците продолжуваат со своите нови и нови барања, меѓународната заедница продолжува со мешањето во внатрешните работи на земјата, повторно се соочуваме со економска криза и т.н.

Во говорот од далечната 1993 година, наоѓаме елементи кои како да се пресликуваат денес. Во овој говор кој го пренесуваме во целост поради својата актуелност, Мане Јаковлески пред преставниците на задграничните комитети на ВМРО ДПМНЕ тогаш вели:

„Браќа и сестри, Македонци и Македонки, почитувани членови на раководствата на задграничните комитети на ВМРО – ДПМНЕ од Европа, ценети гости, сите обединети околу светиот идеал за независна, демократска и слободна Македонија!

Ми причинува задоволство да го поздравам Драги Арсов, член на Извршниот комитет на ВМРО - ДПМНЕ; Крсте Попстефанија, претседател на ЗК Љубљана, Словенија; Љубе Бошковски, претставник на ВМРО – ДПМНЕ за Хрватска.

Во мојов говор, ќе направам краток преглед на досегашната работа на Задграничниот централен комитет, на неговата дејност и перспективи. Во таа насока, ќе се задржам и на сите интерни прашања, на потребата за реорганизација и избор на ново раководство на ЗЦК. Посебен акцент ќе ставам на актуелната политичка состојба во Република Македонија.

Од своето постоење, Задграничниот централен комитет има јасна и чиста биографија и без претерување, претставува совест на Македонците во Европа, главен организатор на политичките активности, цврст мост меѓу патриотската миграција и Република Македонија, како и координатор на работата на секциите на ВМРО - ДПМНЕ.

За минатиот тригодишен период, ги одделувам следните активности, кои по своето значење имаат тежина не само за нас, што сме на советувањево, туку пред се за Македонија.

-          бевме носители на организацијата на демонстрациите во Европа, заедно со други клубови и здруженија;

-          испративме голем број на апели до државите членки на Европската заедница за признавање на Македонија под уставното име;

-          испративме многу протести за нереално информирање во европските и светските медиуми;

-          направивме неколку политички средби;

-          доста направивме за враќање на македонскиот дух во македонските клубови во западноевропските држави, кои сами се насловуваа како југословенски клубови;

-          го будевме и ќе продолжиме да го будиме македонскиот патриотски дух кај Македонците надвор од Македонија;

-          заедно со клубови и здруженија организиравме хуманитарни акции за собирање лекови и облека за Македонија;

-          и многу други активности.

Како круна на нашите активности, беше дипломатската активност на посетата на Софија, Република Бугарија, есента 1991 год., извршена во особено сложено време, кога ни официјално не беше побарано осамостојување на Македонија. Однесувањето на соседите се чинеше крајно непредвидливо и опасно. Без лажна скромност, значителен удел во креирањето на една позитивна политика на Бугарија, кон една идна независна македонска држава, имаше нашата посета, нашите средби, нашите дипломатски разговори.

Задграничниот централен комитет, не само што го оправда своето постоење, туку со своите активности останува и натаму да биде важен фактор за македонската политика во Европа, сега и во иднина. Тој беше и ќе биде отворен за сите патриотски и демократски ориентирани Македонци, за сите пријатели и поддржувачи на независна Македонија, за сите граѓани што работат на создавање на демократска македонска држава. Во минатото, постоењето на ЗЦК на ВМРО -ДПМНЕ, беше нужност, денес е факт со кој тешко се помируваат властите во Република Македонија (на наша радост, не на сите, туку само оној дел што уште не може да сфати дека Македонија не е мртва, ако е  мртва нивната Југославија). Јас се надевам дека имаме иднина. Допрва нашите идеи ќе се реализираат. Затоа, нужна ние реорганизација на ЗЦК. Новото раководство да создаде поефикасни механизми на комуникација, за да бидеме поорганизирани. Целта, повторувам, останува иста - независна, демократска и слободна македонска држава, Република Македонија, без никакви додатоци, однапред или одзади, само Република Македонија.

Почитувани, додека Македонија беше дел од денес покојната Југославија, беше во ќорсокак, која беше доведена од Белград, од контролираните македонски политичари. Денес Македонија се наоѓа на слеп колосек, каде ја доведоа горе – доле истите политичари.

Гледаме како лукаво и неморално, тие политичари го создадоа хаосот, од кој за големо чудо на неупатените, успеваат да профитираат. Друго и неможеше да се очекува од корумпирани и сервилни Македонци. Тие до вчера ја прогонуваа секоја мисла за независна Македонија, а денес на сите страни трубат дека се модерни, демократски ориентирани борци за независна Македонија. Свесни сме, дека никој нема монопол на љубовта кон татковината, свесни сме дека секој има право да го смени сопственото мислење, па дури и да прифати спротивни политички идеи. Меѓутоа, денешниве властодршци на Македонија, освен декларативна промена, не сменија ништо во своето однесување, а најмалку својата љубов кон привилегиите што ги нуди власта. Вистинските реформисти во Македонија се потиснати, ортодоксните комунисти со неколку бледи македонски бои, денес се апсолутни господари. Европски срам, држава во која само една институција расте и ја има насекаде, а тоа е полицијата. Држава, во која политичките атентати се случуваат со гласна адвокатура на режимските медиуми. Држава, во која довчерашните лидери на работничката класа, сегашните квази демократи, ги тепаат селаните во Куклиш и работниците во Радовиш, отпуштаат работници, организираат политички процеси и матни самоубиства и убиства. Полицијата е гарант за режимот, ја има како брутална сила во сите сфери на државата: во партиите, во парламентот, во црквата, во медиумите, во синдикатите и на крајот успеаја да ни уфрлат и меѓу нас, во задграничните комитети. Денес, кога една Албанија им суди на своите довчерашни, сталинистички владетели, македонските политичари ги уништуваат досиејата (нешто што не се случуваше ни за време на  владеењето на Лазар Колишевски), и натаму полициските служби со неизменет состав ги гонат „непријателите“ на државата, креирајќи таканаречени терористички организации и предавнички групи (нас ни е позната „гардата на Љубо Јовановски, наш доскорешен член – доушник на УДБА и на КОС). Овде се оградувам од чесните членови од нашата паратија, кои беа заведени и изманипулирани од страна на Љубо, УДБА и КОС.

Основното право, правото на слободно комуницирање, гарантирано во целиот цивилизиран свет, во Македонија го нарушува полицијата со контрола на телефоните и писмата. Полициската служба, што ги следи граѓаните, ги употребува сите сталинистички средства наследени од бивша Титова Југославија (позната ни е изјавата на МТВ на еден велешанец, кој тврдеше дека при испитувањето, полицијата со специјална направа му ги влечела ноктите само да признае дека добил експлозив од ВМРО - ДПМНЕ). Балансирајќи го стравот, создавајќи конфликтни ситуции со малцинствата, пред се со Албанците и Србите, таа игра на една опасна карта – создава контролиран хаос, во интерес на евентуално повампирената Југославија. Сметаме, дека ако некој во Република Македонија бил и е за Европа, тоа е пред се ВМРО - ДПМНЕ. Да се потсетиме. Минатата година, режимските политичари и нивните медиуми, брутално ја нападнаа Европа за да си ги измијат од сопствената, неуспешна политика. Само ВМРО – ДПМНЕ се покажа трезна, достоинствена и европска.

За жал, тоа што сес лучува во денешна Македонија, беше очекувано. Тоа е неизбежна последица на една погрешна политика, конфузна и спора, не дефинирана од самиот почеток, секогаш зад настаните во светот, па дури и зад легитимните барања на граѓаните на Републиката. За големо чудо, македонските власти ни до денес не се сетија, да направат државна програма. Тие се гордеат, дека имаат етничка хармонија, но погледнете ги фактите  никој не е задоволен од таквата поделба на власта, а најмалку Албанците. Наместо да се гради, македонската држава се разградува. Албанците во власта, се наоѓаат од една проста причина – да добијат автономија, а потоа и целосна самостојност. За жал, можам да кажам, дека таквите идеи и за светот стануваат прифатливи. Доказ за тоа се и силите на ООН, распоредени на северната и западната граница, како превенција од српска опасност, пред се како гаранција за албанското малцинство, кое, по некои мислења, е заложено од Македонците - христијани. Да го цитирам Џонатан Ејал, британски авторитет, во угледниот манчестерски дневник „Гардијан“, кој го предупредува македонскиот претседател Киро Глигоров, дека игра на опасна карта, со поканата на силите на ООН. Ејал смета, дека ООН не даваат никаква воена гаранција за државата, нема да се ангажираат, меѓутоа, веројатно можат да испровоцираат агресија, западна интервенција. Како што пишува Ејал, поради ова, картата на која игра претседателот Глигоров е погрешна.

Веќе премногу се алармантни текстовите за состојбите во Македонија. Економијата е на катастрофално рамниште. Инфлацијата, пак, почна да зема замав, што е подеднаква последица и на лошата економија, но и на политичката нестабилност и на непризнавањето на државата. Македонија, без дилеми, плаќа данок за својата полузависност од Белград и државната полусамостојност. Нема демократски услови, за да може да се дискутираат сложените проблеми во Македонија. По се изгледа, слабиот државно недефиниран режим во Македонија, ќе добива официјална поткрепа од Запад, затоа што лесно ќе може да го манипулира и да го реши во погоден момент македонското прашање, еднаш засекогаш,на задоволство на сите страни.

Компромисот со Грција е невозможен. Бришењето на името е прв чекор, кон бришењето на државата. Албанските барања, со политиката на компромис со властите од внатре и на пресијата на „демократските“ сили од светот, што работат под контрола на силното албанско лоби, неминовно ќе доведе до либанизација на Македонија. Србите, неизбежно, ќе се потрудат да најдат начин да грабнат парче за себе и сопствениот проблем со Албанците на Косово, да го решат на сметка на Македонија. Чекор по чекор, ние веќе одиме кон тоа. И тоа, со македонските власти во Скопје. Нашиот предлог беше, и сеуште е, создавање на Влада на спасот, која веднаш ќе пристапи кон дијалог со сите демократски сили, што се залагаат за слободна, демократска и една Македонија. Не можеме да дозволиме, во Македонија да се повтори Хрватска, наместо Српска Краина, да имаме Албанска Илирида. Уште помалку, треба да дозволиме, Македонија да стане нова Босна и Херцеговина, распарчена на етничко-религиозни кантони. Не можеме да дозволиме прекрстување на земјата, додека нас не има. Нејзиното име е, без никакви додатоци, само едно - Македонија. Тие што во Републиката мислат поинаку, може да си ги сменат сопствените имиња. Замислете како ќе гледа претседателот на Републиката? На чело на една бивша Југословенска Република Македонија, ќе биде еден бивш југословенски политичар. Срамно и жално!

Играта со афирмација на македонската држава сега е пренесена преку Атлантикот, во зданието на ООН. Наместо во Брисел, проблемот ќе се решава во Њујорк. Преминавме, како што кај нас меѓу обичниот свет се вели, од трн на кол! Во САД има силно грчко влијание. Приемот нема да се изврши, се додека не се знае кое е вистинското име на државата што се прима во ООН. Да се дискутира за македонското прашање, мора да се добие согласност од Советот за безбедност, во кој Грција има барем една членка со право на вето, а Македонија нема сигурен пријател.

Новата администрација во Вашингтон, ќе бара компромисно решение, што ќе треба да биде во интерес на сите заинтересирани. Но, јавна тајна е, дека грчкото влијание во креирањето на америчката политика кон Балканот, ќе биде пресудно. Дали од сето ова ќе има излез?

Немам илузии, дека во рацете држам магионичарско стапче, со кое ќе се најде спасувачко решение. Сепак, нешто ќе предложам, а потоа се надевам дека низ отворена дебата ќе донесеме одредени заклучоци по овие прашања, важни за опстанокот на нашата Македонија. Сметам, дека и за нас има сонце. Од борба и од упорна политичка работа, не се плашиме. Ќе работиме, пред се, на создавање единствена, демократска опозиција во самата Република, бидејќи таму прво треба да се смени политиката, за да може светот да ја смени политиката кон нас. Сметам, дека таа единствена демократска опозиција, ќе треба да изработи концизна и јасна државна програма и да започне дипломатска офанзива во светот. Тоа и досега беше правено, но новата администрација на Вашингтон, ќе даде приоритет на демократијата, на почитување на човековите и малцинските права, а тоа за демократските опозиции во некои бивши комунистички земји е зелено светло, да го урнат криптокомунизмот и конечно да изградат демократски, граѓански држави.

Како второ, предлагаме натамошно развивање на демократскиот печат и слободни радио и телевизиски програми. Најновиот случај со Република Македонија, ни покажува дека е далеку од почитување на основното човеково право, на слобода на говор и информирање. Конролата е очигледно целосна, бидејќи власта е апсолутистичка, а главата на државата е апсолутист. Наша должност ќе биде, да и го покажеме и на македонската и на светската јавност, вистинското лице на актуелната власт во Скопје. Без печат, без радио и телевизија, тоа е невозможно. Слободни медиуми, се разбира, а не политичко- полициски со режимски журналисти, што сметаат дека комунизмот е добар. Но, неговиот патрон - таткото на нацијата, како што неко и го викаат, е за респект!

Каде оди Македонија со заплашување? Сега не е време за критики, за кревање глас против властите и пред се против еден човек, претседателот? Зошто тој и неговата влада сметаат дека тие се државата, тие се мераците на демократијата и репрезенти на национално-државните интереси, кога за тоа немаат ниту легитимитет, ниту кредибилитет? Тие беа и остануваат главна пречка за државно конституирање на Македонија, за нејзино излегување од меѓународна изолација, за спас од економската катастрофа, за развој на демократијата. Се додека во Македонија се газат човековите права и се манипулира со нејзиниот идентитет, сметаме дека нашата опозиција не само што е разбирлива, туку е неопходна. Владетел што не дозволува ниту едно демократско гласило, кој стимулира противзаконски активности на полицијата, што срамно организира пропаганда со некои нивни доушници, од сојот на Љубо Јовановски, против патриотските сили, што дозволува индивидуални и колективни кршења на човековите права, по сите правила на демократските држави, не може да се нарече мудар претседател. Нашите визии за Македонија, се разликуваат од тие на сегашните власти – ние веруваме и се бориме за демократска, независна и слободна Македонија. Природна е идеологијата на изворната ВМРО и на нејзината легитимна наследничка ВМРО - ДПМНЕ, која ја сметаме за наша. Таа е не само минато, туку и иднина на Македонија.

Благодарам на вниманието, но пред се за задоволството да ги споделам мислите со Вас. Сосема сигурно, тука сме еден за сите и сите за еден, за демократска, независна, македонска држава. Ние си ја знаеме како Македонија. Така ја крстила историјата, така ја нарекувале нашите предци. Тие што мислат поинаку, се лажаат себеси, но не и нас. Светот е голем. Секој може да си побара кум, но за себе, а не за татковината, наша, една и единствена, без додатоци однапред или одзади, Македонија.

Се за демократска, независна Македонија.

АМИН!“

(продолжува)

 

На прво место

News image

Падот на западнохристијанската цивилизација

Инквизиција, од латинскиот збор Inaqusittio, што значи – иследување, претставувала група н...

Историја

News image

Владетелите на Македонија

Сите познати и образувани луѓе во вековите пред Христа пишувале за македонската историја и за Македо...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ОД КИСЛЕВ – МЕСЕЦ ОД ЕВРЕЈСКИОТ КАЛЕНДАР - ДО ЗБОРОТ КРШТЕВАЊЕ (21)

Во ова продолжение за читателите на порталот „Македонска нација“ ќе ги претставиме имињата, збо...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (44)

ТРОЈАНСКАТА ВОЈНА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.