Среда, 06 Септември 2023   
Писмата на Гоце Делчев испратени до надбискупот Менини

Обид да се запознае светата столица за борбата на македонскиот народ за самостојност  и за национална држава

Кон крајот на XIX  век, по Берлинскиот договот, македонскиот национален покрет влегува во нова фаза на својот развој. Времето на легалните борби за добивање на локална самоуправа до руско-турската војна од 1878 завршува, а започнува нов период, период на борба за независност и сопствена држава. Во деведесетите години на  XIX  век во земјата беа присутни сите услови за создавање на национално ослободително револуционерно движење. Тешките општествено-политички услови во Отоманската империја, го принудија македонскиот народ да се организира и да превзема чекори за конечно национално ослободување. Скоро во сите делови на Македонија постоеа организирани групи по селата за одбрана од разни насилници. Слично распололожение владееше и во градските средини. Беше потребно само да се соединат разделените сили и да се насочат кон заедничката цел. Во есента 1893 година во Солун се собраа најголемите иницијатори за создавање на организација која ќе ги соедини и насочи силите на македонскиот народ за негово национално ослободување.

На 23 октомври 1893 година во просториите на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов се одржа првиот состанок на поширок круг на револуционери меѓу кои: Даме Груев, учител од Смилево, Петар Поп Арсов, учител од село Богомила, Христо Татарчев, лекар од Ресен, Антон Димитров, од село Ајватовци кај Солун, Христо Батанџиев, учител од село Гуменџе и Иван Хаџи Николов. Кај сите нив преовладуваше заедничкиот јазик за спроведувањето на идеите, односно за понатамошната политичка активост во земјата. Организаторите повторно се сретнуваат на 23 октомври наредната година (1894) во Солун, кога се поставени следните цели пред организацијата: таа да биде тајна и ревулуционерна; нејзината територија да ја сочинува Македонија во географските и етнографските граници, поради што ќе се вика внатрешна, нејзини членови можат да бидат лица кои се родени и живеат на територија на Македонија без разлика на вера и народност; а политичка цел била автономија на Македонија и сочувување на организацијата да не падне под влијание на политиките на владите на слободните соседни држави.

Со влегувањето во втората година од своето делување, револуционерната организација добива значајни нови импулси со доаѓањето на Гоце Делчев. Неговата енергичност ќе овозможи организацијата да се прошири и да премине во масовно сенародно движење. Се напушта дотогашната пракса за поединачно примање во организацијата. Црквените дворови и неделните училишта за возрасните беа идеални места за привлекување на се поголем број прврзаници кон револуционерната организација. Набрзо организацијата ги помина градските зидови, ќе земе замав и преку Радовиш ќе се прошири во Виница и другите делови во земјата. Мрежата на организацијата брзо се ширела. Посебен замав ќе забележи по селата, каде населението масовно се вооружувало. По Солунскиот конгрес на ТМОРО во 1986 година, Македонија била поделена на 5 револуционерни окрузи: Солунски, Серски, Струмички, Битолски и Скопски, а како посебен бил Одринскиот ревулуционерен округ.

Напоредно со постигнувањето на значајните резултати во ширењето на организацијата таа се соочува со првите поголеми проблеми кои ги наметнуваат надворешните фактори, како што биле упадите на врховистички и андартските чети. Ваквите упади ќе го свртат вниманието на османските власти, кои гонејќи ги овие чети ќе почне да ја разоткрива делови од мрежата на тајната македонска ревулуционерна организација. Во овие акции ќе паднат мнозина истакнати македонски дејци.

Прво откривање и поголем потрес Организацијата ќе доживее за време на т.н. Виничка афера, која ја опфатила речиси цела Источна Македонија. Ноќта на 14/27 ноември 1897 година, познатиот арамија Коте Голчев ќе влезе од Бугарија со 26 арамии, и во Виница ќе го опљачка и убие богатиот турчин Ќазим – ага. Истовремено при повлекувањето ќе го убие и пољакот во Виница, кој бил член на организацијата. Жената на убиениот пољак, мислејќи дека нејзиниот маж е убиен од членови на Организацијата, за одмазда на турските власти ќе им открие дека во нејзината куќа има скриено големо количество оружје, кое им припаѓа на Организацијата. По овој настан Турците направиле страшни репресии врз македонското население. Почнале масовни потери, претреси и апсења на луѓе од кои најголем дел биле членови на ТМОРО. Биле уапсени околу 600 лица, над 200 биле мачени, 10 биле убиени а околу 300 барајќи спас пребегале во Бугарија. За да ја избегнат турската потера некои членови на Организацијата се засолниле во манастирот во селото Паљурци.

Манастирот во Паљурци, Гевгелиско, бил изграден од италијанското мисионерско семејство Алоати, кое го откупиле земјиштето од Турците во 1893 година. На местото каде порано престојувал Апостол Павле, го изградиле манастирот со кое управувале игуменија и калуѓерки. Манастирот во Паљурци, му припаѓал на Ватикан и бил главно прибежиште на македонските револуционери, бидејќи турскиот аскер ја почитувал забраната за влез во манастирот, за да не се замери со западноевропските држави.

Од името на Задграничното претставништво иа ТМОРО во Софија Гоце Делчев (Горѓи) ќе му заблагодари на пловдивскиот надбискуп Менини за укажаната помош во криењето на група македонски револуционери пред турска потера во манастирот Паљурци (Гевгелиско). Тој во своето прво писмо до Неговата Екселенција, Надбискупот пловдивски Г. Менини во Пловдив ќе наведе:

„Поради невозможноста од името на Задграничното претставништво на ТМОРО директно да и ја искажам својата благодарност на управата на манастирот во с. Паљурци по повод на укажаната несебична помош на седумтемина наши револуционери и нивното засолнување од турската потера, го користам случајов преку Вас, Ваша Екселенцијо, да ја искажам големата благодарност кон неа, бидејќи пред страв на лична одговорност спаси седум животи од јатаганот на крвавата османлиска власт.

 

Наедно сакам да Ве запознам, Ваша Екселенцијо, со положбата на ропството во Македонија, за правилно да ја оцените големата услуга што и управата на Паљурскиот манастир и ја стори на нашата Револуционерна организација. Познато Ви е дека. во Македонија се развива систематска агитација за едно внатрешно востание, кое зема големи размери, така што ниту едно катче во таа борбена земја нема да не е опфатено од идејата за ослободување од турската тиранија. Токму ропската положба на христијанското население во Македонија јасно определува што треба да се прави: тоа е патот по кој оделе сите потиснати. Нашата цел е да ги исправиме неправедните решенија на Берлинскиот договор по однос на Македонија и затоа нашата борба е свртена кон придобивање на полна политичка автономија на оваа земја за сите луѓе што ја населуваат без оглед на националноста и верската припадност. Затоа нашата Револуционерна организација е длабоко признателна кон сите оние што по каков било начин ги помагаат нашите револуционери, не навлегувајќи во мотивите поради кои чинат добри дела. Чинејќи добри дела кон нас, тие всушност и самите се борат против тиранијата, нечовечноста и самата османлиска управа како владејачки систем.

 

Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ја запознаете и Светата Столица во Рим со нашата признателност кон неа, бидејќи хуманите акции што ги презема за подобрување на ропската положба на македонското население се израз иа нејзината висока христијанска задача. Примете уште еднаш, Ваша Екселенцијо, изрази на нашата длабока почит и уважение“.

Гоце Делчев на 11 јули повторно ќе се обрати до Неговата Екселенција, Надбискупот Пловдивски Г. Менини, Пловдив  Во ова второ писмо, заблагодарувајќи се на одговорот, Гоце Делчев од името на Задграничното претставништво на Внатрешната организација ја објаснува суштината на македонското револуционерно дело. Во него тој ќе нагласи:

„Ваша Екселенцијо, Господине Надбискупе,

Почестен сум со Вашиот одговор на моето писмо од 3 јули о.г. и наполно ја делам Вашата загриженост во врска со евентуалното давање гласност на милосрдноста што сестрите во Паљурскиот манастир ја покажаа кон нашите луѓе. Причина што таа наша благодарност не ја упативме лично до нив, туку преку Вас треба да Ви биде јасна. Нашата Револуционерна организација за најважен принцип во дејствувањето ја има тајноста, бидејќи знаеме дека османлиската власт има намера да ги испофаќа сите луѓе, не само оние што го будат и водат народот во борба туку и оние што на каков било начин му помагаат на нашето револуционерно дело. Поради тоа немате причина да се беспокоите од можноста доброто да го платиме со зло.

 

И по овој случај, Ваша Екселенцијо, сакам да Ве убедам дека светлиот дух што ги озарува срцата и душите на нашите браќа, и револуционерна идеја - мајката на тој дух - се нескршливи, нив ниту железната османлиска рака, ниту штикот на турскиот аскер не може да ги пробие. Ние револуционерната борба за слобода ја водиме сами, не плашејќи се од жртвите што ги даваме. Меѓутоа, секоја помош од страна за нас е доказ дека нашата борба е праведна. Нашата ТМОРО денес се прогласува за терористичка организација од многу претставници на христијанските држави, едно поради непознавање на нашата борба, а друго и поради личните интереси на нивните држави. Нашите илјади дејци, скромни, но свесни и вистински борци, готови се секој миг да се жртвуваат морално и физички за народната слобода за сите народности, без разлика на верата. Тие имаат право, ако не на ефикасна помош, барем на милосрдност и сомилост. Бидејќи Вашата Црква ги покажа на дело тие својства кои треба да го красат секој вистински човек, ние ја искажуваме својата благодарност и очекуваме дека Светата Столица и натаму преку своите органи ќе ја врши својата хумана христијанска мисија.

 

Уште еднаш Ве молиме, Ваша Екселенцијо, да ја пренесете нашата благодарност до Вашите претпоставени и ги запознаете со суштината на нашето револуционерно дело“.

 

За оваа преписка пловдивскиот надбискуп Менини ја запознава и Конгрегацијата за пропаганда на верата во Рим, односно ја запознава за суштината на борбата на ТМОРО и на македонскиот народ за ослободување од ропството. Во ова писмо од 12 јули 1898 година надбискупот Менини ќе напише:

 

„Ваша Еминенцијо,

Во прилог на писмово Ви ги испраќам двете писма што ги добив од претставникот на Тајната македоно-одринска револуционерна организација Горѓи Делчев по повод на направените услуги на извесни македонски револуционери од страна на нашите пречесни сестри во манастирот, посветен на Премилостивата Мајка Божја, во с. Паљурци, Гевгелиско (Македонија).

 

Ваша Еминенцијо,

Во намера да добиете појасна слика на предметов, ќе го злоупотребам Вашето внимание да појаснам некои работи.

 

Од неколку години наваму во Македонија, која ја сочинуваат трите турски вилаети (Солунскиот, Битолскиот и поголем дел од Косовскиот) дејствува тајно една револуционерна организација која си поставила за цел, по пат на револуција (востание) да се избори за ослободување на својата татковина со сопствени сили. Треба веднаш да подвлечам дека таа организација до неодамна беше наполно тајна, но затоа за мошне кратко време успеа да го придобие населението, така што денес нема ни најмало населено место на таа територија кое не е зафатено од револуционерната идеја. Дури и нашите луѓе што и припаѓаат на нашата црква (источен обред) не се имуни од таа организација и ја помагаат материјално и физички. Оваа тајна револуционерна организација стана толку присутна во животот на македонските луѓе, што претставува сила за почит. Таа денес располага и со свое Задгранично претставништво, на кое еден од членовите е и потписникот на двете писма.

 

Тајната организација, која скратено го носи името ТМОРО, е најопасниот непријател за мирот во овој дел на светот и постои голема опасност во најскоро време да го разгори огнот, на кој крајот не може му се согледа. Ние, Вашите верни чеда, настојуваме по секаков начин да ги држиме нашите луѓе надвор од какви било авантуристички потфати, но не секогаш сме во состојба тоа да го сториме, до колку не сакаме наполно да ја загубиме нивната симпатија, бидејќи тие му припаѓаат на народот кој се бори за својата слобода. Така треба да се толкува гестот на нашите пречесни сестри, кога без дозвола на претпоставените свои духовни власти се осмелиле да приберат во својот женски манастир седуммина луѓе, познати таму под името комити.

 

Според информациите со кои располагам, тоа станало на следнио начин. На 14/27 ноември 1897 г. некаква разбојничка банда влегла во едно село по име Виница, Кочанско и го убила месниот богат Турчин Ќазим-ага и од домот му зела околу 600-800 турски лири. Барајќи ги разбојниците и нивните јатаци, турските власти направиле истрага извршиле физички притисок врз месните селани и селанки, при што откриле магацин со пушки на ТМОРО, која немала врска со убиството на Турчинот. Штрекнати и вознемиреии од случајното откритие, властите извршиле масовни апсења, претреси и мачења на населението во редица села на Скопскиот санџак. Резултат на таа афера бил: 10 убиени, над 200 жестоко мачени, над 500 уапсени, а околу 300 души избегале преку граница. Седуммина комити, кои имале намера да се засолнат од турската потера, побарале заслон во нашиот манастир, па пречесните сестри ги чувале скриени неколку дена додека опасноста не преминала и тие заминале во непознат правец.

 

Дали пречесните сестри добровлно дале согласност да ги засолнат тие луѓе или биле на тоа принудени, не ми е познато. Важно е дека тој нивни гест е со полна симпатија примен од месното население. Тоа го покажуваат и двете писма што ви ги испраќаме во препис, а кои потекнуваат од мошне видно лице на таа организација.

 

Од приложените писма, особено од второто, се гледа дека ТМОРО настојува со нивната содржина да бидете запознат и Вие, Ваша Еминенцијо. До колку сметате на моето мислење, мислам дека нашите луѓе треба и натаму да стојат подалеку од настаните во врска со акциите што ги преземаат луѓето на таа организација, бидејќи може да дојде до тешки последици ако дојде до компромитација на некоја од нашите установи. Сепак, иако стоиме настрана, ние врз база на христијанскиот хуманизам и милосрдие не можеме да не покажуваме симпатии кон стремежите на населението да се ослободи од тешкото ропство. Границата на тие две крајности не може точно да се определи и главно зависи од умешноста на нашите луѓе.

 

Наоѓајќи се во мошне неповолна ситуација, како би рекле овдешниве луѓе, „меѓу чеканот и наковалната", Ве молиме, Ваша Еминенцијо, да ни дадете совет за натамошното наше однесување, бидејќи сме свесни дека и натаму врз нашите установи ТМОРО ќе врши притисок и ќе не доведува во недоумица што да правиме. Се препорачувам на Вашите молитви и останувам Ваш понизен брат и молитвеник“

 

Доколку внимателно ги разгледаме сите три писма може да се забележи дека Гоце Делчев на суптилен начин се обидува да сврти вниманието на Светата Столица во Рим и преку Ватикан да се делува на тогашните заподноевропски земји за правилно разрешување на македонското прашање..

Манастир во Паљурци, во кој чесните сестри Евхаристинки изградиле манастир, цркви, сиропиталиште и училиште од каде ја ширеле својата мисионерска дејност, а во кој се криеле македонските револуционери, функционирал до 1920 година.

Бил уништен од андартските чети.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.