Среда, 16 Август 2023   
Британски документи за Македонија (1901-1904)

„Треба да се повлече јасна линија меѓу бугарските и македонските работи“

Еве што британски дипломати му пишувале на својот шеф на дипломатијата во почетокот на 20 век: „Бугарите апелираат до Европа да им даде на Македонците реформи – автономија, кралство или република, без разлика што било, само тие да можат да се вратат во својата сопствена земја – тие дојдоа да бараат слобода, а им го зедоа лебот од устите на Бугарите“.

ceta1

Кон крајот на XIX век, по Берлинскиот конгрес (1878 година), карактеристично за историјата на Балканскиот Полуостров е појавувањето и развојот на македонското прашање. Според решенијата на овој конгрес, Македонија останала во рамките на Османлиската Империја, а договорот постигнат во Берлин, за Македонија и за другите делови од Европска Турција, за кои се однесувал чл. 23, предвидувал делумна административна автономија, но османлиската влада немала намера да го спроведе во живот овој член.

Во тоа време во соседството на Македонија се создавале државите Грција, Србија и Бугарија, а нивните големодржавни аспирации биле насочени токму на територијата на Македонија.

Меѓутоа, овие држави воено и економски сè уште биле многу слаби за да преземат воени акции за освојување на нови територии, затоа почнале жестока верско-јазична пропаганда за придобивање на македонското христијанско население. Бугарската, грчката и српската влада не штеделе средства за отворање што поголем број бугарски, српски или грчки училишта и цркви, а набргу почнале и оружени судири меѓу приврзаниците на овие странски пропаганди.

Во такви услови во 1893 година во Македонија била формирана Внатрешната македонска револуционерна организација, а во 1895 година во Софија, со обединување на македонските друштва, бил формиран Врховниот македонски комитет, кој ги изразувал барањата на македонските емигранти во Бугарија во однос на Македонија.

Овие револуционерни движења, судири и борби на крајот на XIX и почетокот на XX век довеле до познатото Илинденско востание. Сè покомплицирана ситуација во врска со нерешеното македонско прашање го предизвикала вниманието на развиените капиталистички европски држави, чија цел било проширување на сферите на влијание и заземање на што повеќе колонијални поседи и пазари.

cetata-na-cakalarov

Четата на Чакаларов

За случувањата во т.н. Европска Турција, чиј дел била и Македонија, особено се интересирала Велика Британија. Таа настојувала да ги зајакне своите дипломатски претставништва во овој дел од Балканот за да ги следи одблизу случувањата и да ги брани британските интереси пред другите европски држави.

Зборникот „Британски документи за историјата на Македонија“ (1901-1904) содржи интересни информации за економската и политичката состојба, за револуционерното движење, верските судири и др., кои ги праќале британските дипломатски претставници до своето министерство за надворешни работи (Foreign Office).

Во овие документи, како и во целокупната документација од тоа време, припадниците на христијанското словенско население се именувани како Бугари, Грци или Срби, во зависност од тоа под власта на која црква се наоѓале – Бугарската егзархија, Грчката патријаршија или Српската православна црква, бидејќи османлиската држава ги имаше поделено своите поданици на верски, а не на етнички заедници и нивниот основен идентитет бил верскиот, а не националниот. Покрај тоа, тие често давале и неточни толкувања и оцени за настаните во Македонија, но сепак во некои извештаи среќаваме термини како „Македонци“, „македонски народ“, „автономна држава Македонија“, „Кнежевство Македонија“ и сл.

Во 1890 година во Кнежевството биле попишани 3,5 милиони Македонци

Еве два такви документи:

Во првиот, кој претставува писмо од британскиот амбасадор во Виена Франсис Планкет до државниот секретар за надворешни работи на Велика Британија, маркизот од Ленсдаун, од 9 март 1901 година, се прави јасна разлика меѓу Бугарите и Македонците, кои се непожелни во Бугарија, бидејќи „им го зедоа лебот од устите на Бугарите“.

Во почетокот на писмото амбасадорот Планкет му се обраќа на маркизот Ленсдаун со зборовите:

„Ве молам да ми дозволите да Ви доставам краток извадок од еден извештај што денес беше објавен во весникот „Information“, во кој е изнесен бројот на офицерите, службениците итн., кои се родени Македонци, и какво влијание има тоа врз владата и администрацијата во Кнежеството (бугарското)“.

Следува извадок од статијата, во која се вели:

„Статистичките податоци во врска со бројот на Македонците што живеат во Бугарија фрлаат јасна светлина врз македонското прашање. Според последниот попис на населението во Кнежеството, тоа изнесува 3.500.000 лица и од последниот попис во 1890 година има пораст од 600.000 лица. Порастот се должи претежно на емиграцијата од Македонија и од Одринскиот вилает. Емигрантите не носеле со себе ништо, освен своето знаење за разни видови трговија, во која се натпреварувале со Бугарите. Дваесет илјади Македонци се населиле во Софија, 8.000 во Пловдив, а во другите градови бројот на македонските населеници е во пропорционален пораст. Статистичките податоци покажуваат дека една третина од офицерите во бугарската армија се Македонци. Меѓу 86.000 учители има 2.600 Македонци, а меѓу 38.000 службеници 15.000 се Македонци. Четворица од осумте митрополити се Македонци по раѓање, а од вкупниот број 3.112 попови, 1.262 се Македонци. Понатаму, секоја година, во потрага по среќа, во Бугарија доаѓаат по 200 до 300 македонски студенти од училиштата во Егзархијата. На тој начин, јасно е дека македонското прашање многу одамна за Бугарија престана да биде само политичко прашање. Тоа повеќе наликува на прашање со внатрешно-економски карактер.

Затоа, Бугарите апелираат до Европа да им даде на Македонците реформи – автономија, кралство или република, без разлика што било, само тие да можат да се вратат во својата сопствена земја – тие дојдоа да бараат слобода, а им го зедоа лебот од устите на Бугарите. Европа мора, порано или подоцна, да ги сослуша овие апели, бидејќи нема сила на земјата што може да го запре македонскиот офицер, војник или учител да не ја преминува границата оттаму каде што востанието само што не избувнало“.

ceta-jane-sandanski

Четата на Јане Сандански

Политичка автономија за Македонија

politicka-avtonomija-na-makedonija

Во писмото од британскиот генерален конзул во Софија, Ф.Х.Елиот, до државниот секретар за надворешни работи на В. Британија, маркизот од Ленсдаун, од 26 јуни1901 година, се констатира дека македонското движење треба да се дистанцира од големобугарските аспирации, и „да се постигне политичка автономија, со евентуален план за федерација со сите балкански држави“.

Еве што му пишува конзулот Ф.Х.Елиот на маркизот од Ленсдаун:

britanski-dokumenti-kniga

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

„Новиот претседател на Македонскиот комитет, професорот Михајловски, на 22 овој месец одржа говор, од кој Ви го доставувам следново резиме: Македонското движење мора самото да се спречи и да одбегнува секаков обид за примена на сила што може да доведе до катастрофа. Напорите на Македонците треба да водат во тој правец и да му покажат на целиот свет дека тие немаат панбугарски аспирации и оти тие се борат само за да ја добијат автономијата одредена со чл. 23 од Берлинскиот договор“. Понатаму тој ги наведува зборовите на Михајловски: „Да нема аспирации за соединување со Бугарија, да има потполна еднаквост на правата на целото население во Македонија, да се постигне политичка автономија, со евентуален план за федерација со сите балкански држави – такво треба да биде политичкото убедување на сите Македонци. Причината за неуспехот, како во Бугарија така и во Македонија, е бескрајната внатрешна партиска борба што се води во Бугарија. Во иднина треба да се повлече јасна линија меѓу бугарските и македонските работи. Македонецот што се меша во бугарската партиска политика мора да се држи настрана од борбата за ослободување на Македонија, а Бугаринот што се посветува на македонската кауза мора да им го сврти грбот на надворешните и на внатрешните аспирации на Бугарија“.

MKD

Од изданието на Државниот архив на Република Македонија „Британски документи за историјата на Македонија“ (1901-1904)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.