|
|
Прво отворено писмо на Окружниот комитет на Серскиот револуционерен округ од декември 1907 г. |
Тихомир Каранфилов По поразот на Илинденското востание во 1903 година, започнале интензивни консултации и разговори за консолидација на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, кои продолжиле се до општиот конгрес на Организацијата во Рилскиот манастир во 1905 година. Првите проценки во врска со пропаднатото востание и за иднината на Организацијата биле водени кон крајот на 1903 и почетокот на 1904 година во Софија каде биле собрани најголем дел од раководните кадри. Уште на почетокот се издвоиле две струи: козервативна предводена од задграничните преставници Матов и Татарчев и прогресивната левица предводена од раководителите на Серскиот револуционерен округ. Додека козервативците биле за задржување на старата организациона форма и се изјаснувале за нови востанички акции во пролетта 1904 година, левицата била против задржувањето на стариот ред на организационата структура и за демократизација на Организацијата. По обемните дискусии спроведени во целата Организација, надвор и во земјата, се дошло до сознание дека патиштата за консолидација на револуционерно движење водат преку одржување на конгреси на револуционерните окрузи, како најдемократска форма. Прв практичен чекор за надминување на состојбата во Организацијата бил преземен од Битолскиот револуционерен округ со одржувањето на „Прилепскиот конгрес“ во 1904 година, а потоа, во текот на 1904 и 1905 година, свои конгреси одржале Скопскиот, Солунскиот, Струмичкиот и Серскиот револуционерен округ. На овие конгреси се отвориле цела лепеза на проблеми кои барале итно решавање на Општиот конгрес. На Рилскиот конгрес кој се одржал во октомври 1905 година, присуствувале 22 делегати од цела Македонија. Иако на конгресот било постигнато единство по низа прашања, набрзо се покажало дека тоа нема трајна основа. Конгресот не можел да го спречи процесот на поларизација и формиерање на разни струи во движењето. Тоа продолжило со заострување на односите меѓу групите, што довело до расцеп на Организацијата. Јавно расцепот настанал во врска со одржувањето на вториот редовен годишен конгрес на Организацијата. Преставниците на десницата немале намера да се придржуваат по одлуките на Рилскиот Конгрес, конгресите на Организацијата во иднина да се одржат во внатрешноста на Македонија и за делегати да бидат избрани оние кои една година поминале на работа во Македонија. Расцепот бил толку голем што Вториот конгрес не се оддржал. Декларацијата која потоа ја објавува десницата ја разјаснува целата ситуација дека таа наполно се ставила во служба на политиката на Софија согласувајќи да се финансира од бугарскиот буџет, што пак не било прифатливо за левицата. Тоа ќе доведе до безмилосна војна меѓу двете крила на Организацијата, во која левицата при крајот на ноември 1907 година ќе ги ликвидира Бирис Сарафов и Иван Гарванов. По нивната ликвидација се појави писмо во јавноста во месец декември 1907 г. кое во извесна смисла претставува посмртен обвинителен акт против Б. Сарафов и И. Гарванов. По него, подоцна, се појави и второ такво писмо. Писмото било потпишано од членовите на Окружниот комитет Ј. Сандански, Ч. Кантарџиев, А. Бујнов и Г. Скрижевски и потпечатено со печатот на серскиот окружен комитет на ВМРО. Во него се вели: „Потребата од едно правилно и вистинито определување на целите и суштината на Македонско-одринската револуционерна организација како и нашето гледиште по тоа прашање се налага повеќе од секогаш. Досега мошне многу и различно е пишувано на таа тема и особено противречни мислења и погледи се искажувани за споровите и разидувањата на Организацијата. Но, речиси сите што се обиделе да го решат горното прашање беа еднострани во своите сфаќања, бидејќи не ги проучуваа непосредно условите на македонската стварност, за да можат објективно да расудуваат, туку во своите мисли се потпираа врз странички податоци и осветлувања, и на тој начин, наместо очекуваното објаснување, внесуваа уште повеќе заблуди. Навистина, ситуацијата со македонското прашање е мошне сложена, па бара едно задлабочено проучување; колку и да се познати мотивите и елементите во кои изникна и се развива револуционерното движење, сепак самата цел на Организацијата не е јасно формулирана за многумина што учествуваат во тоа движење. Во текот на своето кратко постоење, Организацијата досега не успеа да создаде своја револуционерна литература, дури ни весник, кои да ја посочат содржината и смислата на борбата што ја води. Фактот дека тој толку суштествен услов беше игнориран, лесно го објаснува малиот број дејци со потребната подготовка и знаења, како и отсуството на еднаквост и заедништво во мислите и применуваните револуционерни методи. Таа постојана неопределеност и немањето на свест кај голем дел од раководните лица во врска со задачите на Организацијата, придонесе да се формираат различни безидејни групации со свои шефови, кои немаа утврден раководен план, туку дејствуваа безразборно, вложувајќи само личен елемент во сите свои дејства. Колку и да се стремеше Организацијата... да ги отфрла различните туѓи влијанија, кои во еден или друг облик се трудеа неосетно да си пробијат пат во нејзината средина, -таа не можеше да остане незасегната од нив. На тој начин, место да го употреби времето за своето внатрешно средување и изработување на здрави теоретски ставови, како и за усвојување на сите мрдерни средства за водење на една разумна и планска револуционерна дејност, Организацијата ги трошеше речиси сите свои интелектуални сили и енергија во непрекинатите меѓусебни караници и лични расправии. Несомнено е дека, ако таа останеше незасегната од извесни туѓи влијанија, ќе беше на сосема поинаков степен на развиток и ќе претставуваше влијателна и моќна сила. Ете затоа, највиталното прашање, кое непрекинато ги измачува и тревожи како дејците во внатрешноста, така и самото население, е немањето на единство и целост во Организацијата. - Во дадениот случај, ние имаме за цел да ги проучиме горните причини и објективно да се искажеме за нив, без да водиме сметка за безбројните навреди и клевети ширени против нас, како такви што произлегуваат од заинтересирани луѓе и, според тоа, немаат никаква вредност. Општопознато е дека соседните балкански држави: Србија, Грција и Бугарија, раководени од своите економски и политички интереси, под различни форми се обидуваат да заземат поздрави позиции кои да им послужат при евентуалното решавање на македонското прашање. Но, како најсилно заинтересирана во случајот, Бугарија прва почна да го користи (македонското) ослободително дело за своите државни и династички цели. На тој начин таа уште од самиот почеток ја компромитира независноста на Организацијата и предизвика вооружен курс на туѓите национални пропаганди, па земјата постепено се претвори во арена на непрекинати разурнувања и борби, за да го намали значењето на Организацијата и да ја скршне од патот на нејзиниот природен развиток. Бугарија ги употребува сите средства за да се раздори меѓу дејците во внатрешноста, стремејќи се по таков начин да ја претвори во свое орудие. Политиката на завојување, од нејзина страна, еднаква како и онаа на Србија и Грција, безусловно ни наложува да заземеме став кон неа како спрема туѓа - непријателска сила. Но бидејќи (македонското) прашање за неа е мошне сериозно, од голема животна важност и ја апсорбира нејзината главна грижа, зашто таа има потреба од завојување на нови области за политичко и економско користење, затоа таа применува секакви методи и средства да се инфилтрира во Организацијата и одвнатре да ја насочува неа онака како што и налагаат нејзините сопствени интереси. По многуте безуспешни обиди, правени во различни времиња, за да создаде своја националистичка група која би била спроводник на нејзините интереси, таа ја постигна својата цел, истовремено внесувајќи со тоа полна деморализација и разединување во редовите на Организацијата. Уште на минатиот општ конгрес, (Рилскиот конгрес од октомври 1905 г.) Борис Сарафов, чијашто револуционерна актива е од мошне сомнителен карактер, требаше да биде суден за многуте негови престапи во однос на Организацијата. Тогаш тој ја чувствуваше сета критичност на својата положба; тој сфаќаше дека казната е неизбежна, зашто беше свесен дека не можеше да се оправдува. И покрај сето тоа, за да ја отстрани таа опасност, тој ги употреби сите средства за да го ублажи општото расположение и да ја избегне казната. Најпосле, поради стекот на многу околности, прашањето се реши со една условна амнестија, формулирана во циркуларите, (Конгресни решенија и резолуции изложени во вид на циркуларни документи и објавени во 1905 г.) во смисла дека, ако направат нови престапи и грешки, таквите лица истовремено ќе бидат судени и за минатите и за новите престапи. Понатаму, истиот општ конгрес усвои и внесе во циркуларите една утврдена линија на поведение во своите односи со Бугарија при што реши во никој случај да не се дозволи да се земаат средства и полномоштија од бугарските влади. Токму овие најосновни и суштествени одредби, изработени од општиот конгрес, беа отфрлени и нарушени од Сарафов и Гарванов, и покрај тоа што тие самите учествуваа при нивното усвојување и озаконување. Според тоа, постојаното разидување меѓу нас и нив потекнува од принципиелни причини, а не од лични мотиви, како што тие предумислено ја искривуваа вистината. Со оглед на тоа дека ние, пред се, го браниме принципот на една револуционерна организација која живее и дејствува во една револуционерна територија, нејзината самостојност и независност ние високо ги цениме и почитуваме. А својата дејност сме должни да ја сообразуваме со условите на нашата стварност и во сите свои потфати и замисли да тргнуваме од непосредните интереси на револуционерните општествени сили. Според таа логика, како прва неопходност се јавуваат економските потреби на (народните) маси кои треба постепено да се револуционизираат и да се направат способни да ја осознаат својата сопствена сила. Без сомнение, една таква револуционерна организација каква што е нашата не може да најде оправдување за своето постоење ако не смета првенствено на своите внатрешни сили и со чисто револуционерни средства да го насочува развитокот на борбата што ја води. Ние, меѓутоа, овдека сметаме за излишно да зборуваме за тоа на кој начин Борис Сарафов ја добил својата популарност и слава на личност која уживаше значително влијание при решавањето на ова прашање, нити пак ќе даваме некаква критика на неговата револуционерна дејност. Личност без секаков идеен поглед и револуционерна свест, туѓ на интересите и судбината на поробеното население кој се раководи само од егоистични побуди - тој никогаш не престана да го експлоатира македонското прашање и да спекулира и демагогира со македонофилските чувства, за да може да се додржи за сметка на тоа прашање, дејствувајќи секогаш безобѕирно и придонесувајќи за всадувањето на најголема корупција во внатрешноста. Од друга страна, тој беше доволно силен со земаните средства од бугарските влади, со кој тој секогаш беше интимен, да си создаде лични приврзаници од најпорочни и неспособни луѓе. И покрај сето тоа, Борис Сарафов многу јасно ја создаваше својата беспочвеност меѓу населението како и својата компромитираност и затоа чувствуваше потреба да се рехабилитира, придржувајќи се кон некоја друга постојна група во Организацијата. Спроти општиот конгрес што не се одржа. Сарафов и Гарванов, исплашени од околноста дека, разединети, - се слаби да го наложат своето влијание, се здружија помеѓу себе за да го создадат од нив саканото мнозинство. Така формираната националистичка струја Сарафов-Гарванов со помошта на добиваните средства од бугарската влада, успеа мошне вешто да го наложи своето влијание на голем дел од револуционерната територија. Во името на тоа дека бугарскиот елемент е слаб и е загрозен од насилствата од страна на српските и грчките чети, за кратко време тие двајцата создадоа „револуционерни" кадри од луѓе сосема туѓи на (македонското ослободително) дело кои ги испратија (во Македонија) да ги разгоруваат и засилуваат националните омрази. Се разбира, бидејќи задачата на тие чети не беше постигната тие создадоа уште поголемо влошување на положбата; српските и грчките чети не само што не беа изгонети туку продолжуваа со уште позасилена дејност да ја прошируваат својата база и пожестоко да го прогонуваат бугарскиот елемент. Целта не можеше да биде постигната на тој начин и негативните резултати и последици, со своите (зголемени) размери, предизвикаа само реакција и опустошување во тие краишта. Наедно со тоа Гарванов и Сарафов ја изместија револуционерната територија, пренесувајќи ја својата сфера на дејност во Бугарија, од каде што заедно со бугарската влада инспирираа безразборно навлегување на масовни чети во внатрешноста. Западните краишта (на Македонија) постепено беа подложени на најголеми катастрофи и несреќи, а агентите и наемниците на бугарската влада, непопречувани од ништо, среќно си живееја во Бугарија и подготвуваа нови удари против Организацијата. Тие не можеа да се освестат дека се лизгаат по удолнина и, за да ги замаскираат своите вистински дела, ги криеја своите врски со владата, бидејќи тоа беше акт на злосторство. При таквиот развој на настаните предизвикани од дејноста на Гарванов и Сарафов, кои го сопираа и отежнуваа природниот развиток на револуционерното движење, ние не можевме за тоа да не водиме сметка и да не преземеме соодветни мерки што ни ги налагаше иднината на Организацијата.“ (,,Македонскодело" (Виена) 1V/84(1929), стр. 7-10.) (извор: Историја на македонскиот народ, Сјопје 1988, стр. 182 – 187; Документи, том први, Скопје 1981, стр. 496 - 499) |