|
|
Интерпелација во Бугарското народно собрание против македонските „братоубиства“ |
„Додека во поробена Македонија (Македонија под грчка и српска власт) од 1919 година до денес убиените Македонци од српската и грчка диктатура - во спроведувањето на својата денационализаторска политика - наедно со жртвите од Трлис, Бутим (села во Егејска Македонија) и Гарван (село во Вардарска Македонија) не поминуваат 254 души, во „слободна" Македонија и Бугарија се убиени 2300 души.“ – се вели во интерпелацијата од 2 XI 1932 г., поднесена од народните пратеници Алексо Мартулков, Трајко Христов и Стамат Иванов преку Бугарското народно собрание до тогашниот бугарски министер за внатрешни работи. Во Уставот и другите програмски документи на Внатрешна македонска револуционерна организација (Обединета), која се создаде по основачката конференција во Виена во октомври 1925 година, посебно се нагласуваше дека ВМРО (Об.) треба да се развие во широко движење на Македонците од сите три дела на нивната поробена и разделена татковина и на сета македонска емиграција за извојување на главната цел: слободна Македонија во доброволен рамноправен сојуз на балканските народи. Централниот комитет на ВМРО (Об.), за популаризирање на своите ставови, пристапи кон обемна издавачка и агитациона дејност. Преку весниците „Македонско дело" и „Балканска федерација" и другите тајно печатени и растурани материјали ја ширеше мрежата на своите групи и организации во Пиринска Македонија и Бугарија, како и во деловите на Македонија под српска и грчка власт. Нејзините брошури и публикации, како и други нејзини документи (апели, протести, резолуции, меморандуми и сл.) допираа до напредните кругови на балканските, европските и американските земји. ВМРО (Об.) разви цврсти корени во Пиринска Македонија и во градовите на Бугарија со побројна македонска емиграција, по смената во 1926 година на А. Цанков со Андреја Лјапчев како министер-претседател. Стабилизацијата на владејачката класа во Бугарија не го попречија активизирањето на организациите на ВМРО (Об.), кои развија најголема дејност во Пиринска Македонија, каде што наедно беа изложени на тешки удари од десницата на Македонската револуционерна организација. Во подоцнежните години група приврзаници на А. Протогеров, околу Петар Шанданов, почнаа да се приближуваат до раководството и теренските организации на ВМРО (Об.). По убиството на Протогеров, повидни протогеровисти наоѓаа допирни точки и стануваа поборници за соработка со ВМРО (Об), што го зголеми судирот со десницата. Во текот на 1932 и 1933 година во судирот меѓу десницата и левицата, ги изгубија своите животи повеќе истакнати активисти на ВМРО (Об.) и на македонската левица. Поради овие убиства народните пратеници Алексо Мартулков, Трајко Христов и Стамат Иванов, претставниците на Работничката парламентарна група, на 2 ноември 1932 година, поднесуваат интерпелација во бугарското Народно собрание против убиствата. Овие преставници во тогашниот политички живот во Бугарија практично биле единствепите заштитници на интересите на македонскиот народ во Петричкиот округ. Во прашањето на народните претставвици Мартулков, Христов и Иванов, доставено преку Претседателот на 23 Обично (редовно) народно собрание до Министер за внатрешни работи, се вели: „Господине Министре, Македонските „братоубиства" не се повеќе обични братоубиства, туку се масовни убивања на македонската емиграција во Бугарија и на народот во Петричко. Не ќе биде пресилено ако кажеме дека Бугарија за македонскиот народ стана гробница. Зашто убиените Македонци во поробена Македонија од српската и грчка диктатура не се ни една осмина од истепаните Македонци од ВМРО (врхов.) во Бугарија и „слободна Македонија". Такви масовни убивања од последната се можни само со поткрепата на власта. А поддршката е повеќе од очигледна. Додека во поробена Македонија(Македонија под грчка и српска власт) од 1919 година до денес убиените Македонци од српската и грчка диктатура - во спроведувањето на својата денационализаторска политика - наедно со жртвите од Трлис, Бутим и Гарван не поминуваат 254 души, во „слободна" Македонија и Бугарија се убиени 2300 души. Колењата кај Трлис, Бутим и Гарван бледнеат пред тие во „слободна" Македонија. Масовните убивања во Дабница, Неврокоп, Петрич, Мелничко, Мехомиско (Разлошко), Горна Џумаја (денес Благоевград) ќе се паметат во историјата на македонското ослободително движење. Во Стара Бугарија нема градска улица што не е попрскана со македонска крв. Од 1928 год. наваму се нижат нови „братоубивања"... Со убивања, одвлекувања и беспримерен терор врз емиграцијата и петричкото население се исцрпува... Во последно време се прават обиди и против избраниците на Работничко-селскиот трудов блок. Така на 25. X о. г. во градот Русе е убиен работничкиот општински советник Душан X. Спасов од три „непознати" лица. Меѓутоа, кога се знае дека последниот и припаѓаше на левицата во македонското ослободително движење, тогаш не е тешко да се објасни од чија средина излегуваат убијците. Изнесувајќи Ви ја оваа слика, господине Министре, прашуваме: 1. Какви мерки има намера да преземе Владата за да стави крај на „братоубиствата"? (Македонско дело VIII/170-171 (25. XI 1932) стр. 3.) Во текот на 1932 и 1933 година во судирот меѓу десницата и левицата беше извршен атентатот врз македонскиот револуционер и депутат во Народното собрание Алексо Мартулков, кој наедно ја вршеше и функцијата уредник на прогресивниот весник „Македонско знаме", а во почетокот на 1933 година од платените убијци беше убиен Христо Трајков (23 јануар 1933), македонски општествен работник и член на парламентарната комунистичка група во Народното собрание. Овие убиства јасно покажаа дека атентатите поддржани од тогашните власти, во прв ред беше насочен против раководните луѓе на ВМРО (Об.), со цел не само да ja уништат македонската левица, туку и сонот за ослободување и обединување на Македонија. (извор: Историја на македонскиот народ, Скопје, 1988 г., стр. 289 – 290; Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје, 1981, стр.45-47)
|