|
|
Дали внукот на починатиот романски крал Михаил I може да и помогне на Македонија? |
Освен Србија, сите балкански држави кои во минатото беа монархии и на чело на државата имаа кралеви или цареви поврзани со европските кралски семејства, денес се членки на ЕУ или на НАТО. Единствено Македонија, која во поновата историја на чело на државата немала крал, не само што е попречена во своите напори да стане дел од ЕУ или НАТО, туку се соочува со губење на името и идентитетот на македонскиот народ, односно со губење на државата. На Лондонската мировна конференција во декември 1912 година, турската делегација предложила .„Македонија да стане кнежество со Солун како престолница, под суверенство на султанот, меѓутоа кнезот би го бирале сојузничките држави, а султанот би го потврдувал. Кнезот треба да биди од протестанска вера од некоја неутрална држава.“ Овој предлог не е прифатен, а Македонија е поделена меѓу трите кралства Србија, Бугарија и Грција. Во текот на народно-ослободителна борба за создавање на самостојна и независна држава, македонскиот народ во текот на XIX и XX век никогаш не размислувал за враќање и воспоставување на монархија. Тој секогаш се стремел за создавање република, почнувајќи од Илинденското востание 1903 година, потоа АСНОМ 1944 и осамостојувањето во 1991 година. По сите голготи кои ги поминал македонскиот народ, поради оспорување од своите соседи (Грција името, Бугарија јазикот, Србија црквата и т.н), можеби крајно време Македонците да се свртат кон своите ројалистички корени (Филип, Александар, Самуил и т.н.). Македонските ројалисти, својата надеж можат да ја најдат во внукот на неодамна починатиот романски крал Михаил I, Имено, на 16 декември 2017 година, во Романија беше погребан поранешниот романски крал Михаил I, кој почина на 96 годишна возраст во неговата резиденција во Швајцарија. Михаил кој е прапраправнук на кралицата Викторија и трети братучед на кралицата Елизабета II, го наследува принцезата Маргарета, наместо неговиот внук Николас Михаил. Инаку, Николас Михаил од Романија Медфорт-Милс е најстарото дете и единствениот син на принцезата Елена од Романија и Робин Медфорт-Милс. Како внук на Михаил I, поранешниот крал на Романија, тој беше трет по ред на непостоечкиот трон на Романија. Според семејниот закон, во 2007 година Николас станал "принц на Романија", но титулата му беше укината во 2015 година. Всушност статутот и титулите на романскато кралско семејство, не се опфатени со сегашниот романски закон. Николас Медфорт-Милс е роден на 1 април 1985 година во Мејрин, град во близина на Женева, Швајцарија. Тој е прво дете и син на принцезата Елена од Романија и нејзиниот прв сопруг Робин Медфорт Милс и вториот внук на кралот Михаил I од Романија и неговата сопруга кралицата Ана Бурбон Пармска. Тој е крстен во православната вера, неговите кумови се кралицата Ана (неговата баба) и кралската принцеза Маргарета од Романија (неговата тетка). По него следела сестра му, Елизабета-Карина (родена во 1989). До 4 годишна возраст Медфорт-Милс живеел со својата сестра и родителите во резиденцијата на романското кралско семејство во Версој (Версуа, Versoix), Швајцарија. Семејството се преселило во Англија во 1989 година каде што престојувале во Флас Хол, Еш Вининг во Каунти Дурам. Како потомок на кралицата Викторија од Обединетото Кралство и кралот Кристијан IX од Данска, тој редовно се среќавал со многумина од неговите роднини. Првпат во Романија Николас престојувал на 19 април 1992 година на Денот на Велигден, каде бил заедно со неговата баба и дедо, кралот Мајкл I и кралицата Ана, како и со неговата мајка и нејзиниот втор сопруг Александар Никсон. Во Романија повторно престојувал на Божик 1997, кога целото кралско семејство стапна во Романија за првпат по речиси пет децении егзил. Во 2002 година, по третпат ја посети Романија; тој престојуваше во палатата Елизабета. За време на оваа посета почна да ја разгледува неговата улога како член на кралското семејство, што бараше фундаментална трансформација за него. Од почетокот на 2008 година Николас Медфорт-Милс стана повеќе вклучен во јавниот живот на Романија, Тој ја посетил целата земја заедно со неговата тетка, кралската принцеза Маргарета и неговиот роднина, Раду Дуда. Во 1997 година, романските монархисти побараа од Михаил да назначи машки наследник - од Домот на Хоенцолерн, во согласност со правилата на последниот кралски устав, кој се базираше на agnatic primogeniture и на "Салискиот закон"; Монархистите се согласија за компромис и побараа од него да назначи машки, а не женски наследник - презумптивен, во ликот на Николас. Сепак, под влијание на кралицата Ана, Михаил го отфрлил барањето на монархистите, а на крајот на 1997 година тој ја назначил принцезата Маргарета како наследник, во согласност со Европската конвенција за човекови права, што значи дека Николас ќе успее да стане поглавар на кралското семејство само по смртта на кралот Михаил, кралската принцеза Маргарета и неговата мајка.
Во септември 2012 година, по завршувањето на универзитетските студии, тој се преселил во Романија за да преземе повеќе јавни активности на кралското семејство. Меѓутоа, на 1 август 2015 година, поранешниот крал Михаил од Романија потпишал документ за отстранување на титулата кнез на Романија и квалификација на кралското височество за неговиот внук. Медфорт-Милс, исто така, е отстранет од линијата на сукцесија. Поранешниот крал ја донел одлуката откако сметал дека Романија има потреба од владетел обележан со скромност и морални принципи, почит и мисла за другите откако ќе заврши "владеењето и животот" на неговата најстара ќерка, кралската принцеза Маргарета. При објавувањето на декларацијата, поранешниот крал изрази надеж дека "во следните години Николас ќе најде соодветен начин да им служи на идеалите и да ги користи квалитетите што му ги дал Бог". Овој потег ги "шокираше Романците" и "предизвика шпекулации дека љубоморен роднина се обидел да го отргнат Николас од наследството". Според американскиот биограф Марлен Ејлерс Коениг, исклучувањето на Николас од кралската сукцесија може да се должи на раѓањето на нелегитимна ќерка, родена од кратка врска со Николета Цирјан. Детето, родено на 9 февруари 2016 година со име Ирис Ана, Николас не го признал. Во својата изјава за медиумите на 18 ноември 2017 година во Лондон тој ќе изјави: "Се вратив во Романија во ноември 2015 година за да се реши ситуацијата со моето наводно дете. Поради постојаниот недостаток на соработка од мајката, оваа ситуација остана нејасна, нема медицински докази за поддршка на обвиненијата на мајката, па затоа сите обвинувања кои се поврзани со оваа тема се неосновани." На 8 ноември 2017 година, за време на последната болест на Мајкл I, романската Кралска куќа поднесе жалба до швајцарската полиција, наведувајќи дека Николас се обидел насилно да влезе во домот на својот дедо. Поради тоа, тој ги обвинил своите роднини дека прават "максимално за да го спречат да го види својот дедо и да го дискредитираат неговото име". Нецел месец потоа, поранешниот романски крал Михаил I починал на 5 декември 2017 година. По смртта на Михаил, последниот жив балкански државен монарх е Симеон Саксобурготски, кој бил цар на Бугарија од 1943 до 1946 година и премиер од 2001 до 2005 г. Ако, поранешниот бугарски цар Саксобурготски можел да стане и премиер, кој потоа им овозможил на Бугарија евроатланска интеграција, зошто тогаш ние, ако мораме заради Грција под притисок на ЕУ и НАТО да го менуваме Уставот, името и идентитетот, не би размислиле да станаме монархија и внукот на Михаил, Николас да го крунисаме за македонски крал!? Ако размислуваме прагматично, со поставување на чело на државата, внукот на починатиот романски крал Николас Медфорт-Милс, кој е омилен во Романија, со поддршка на романскиот народ, потоа од кралските семејства во Европа со кои е во роднински односи, како и од Романската православна црква, може да ја гарантира иднината на Македонија, да го зачува името, македонскиот идентитет и како православен да го обезбеди признавањето на на МПЦ – ОА од страна на РПЦ!?
|