|
|
Време е во ОН да настапиме под уставно име! |
Во почетокот на 19 век кога се создаваат балканските држави и нации, ниту еден друг народ, освен населението на територијата на Македонија, не претендирал ниту го зел македонското име. Соседите не го направиле ни по Балканските војни кога по војната со Турција анектираа делови од територијата на Македонија, ниту пак по Букурешкиот мировен договор од 1913 година, како пак ни по Првата светска војна кога конечно беше санкционирано распарчувањето на територијата на Македонија. Под македонско знаме за слободата на Македонија умреле со стотици илјади Македонци. На многумина од нив чии коски се расеани по целата територија на земјата ни гробовите не им се знаат. Дури и ако народот им подигнел споменик на луѓето кои умираа со последните зборови за слобода на Македонија!, честопати тие беа уништувани од соседите или нивните платени слуги. Но затоа, пак, до денес постојат добро сочувани гробови на туѓи синови, кои гинеле за да ја окупираат земјата за време на Балканските војни, Првата и Втората светска војна. Мнозинството од македонскиот народ никогаш не се откажал од своето име. Но, секако дека во минатото постоеле поединци кои за пари или други бенефиции се декларираа дека се се’ друго само не Македонци. Како тогаш, така и денес, по 74 години од поставувањето на АСНОМ - ските темели на нашата државност и по 27 години од осамостојувањето на македонската држава, постојат луѓе кои од лични интереси го негираат постоењето на македонската нација. Денес на власт имаме луѓе кои мислат дека можат за кратко време да го направат она што на соседите не им успеваше со децени. Овие луѓе сакаат со неколку акти да ја редефинираат земјата, да го променат Уставот, името, јазикот, историјата и идентитетот на македонскиот народ само за да сме влезеле во ЕУ и НАТО. Меѓутоа, тие забораваат на една работа дека името и идентитетот, како природно стекнато право не може да се смени, дека никој нема право да тргува со националните интереси и дека еден ден можат да одговараат пред судот на народот! Стекнатото име на македонскиот народ си има своја закономерност. Таа е поврзано со територијата на која живее и се пренесува од колено на колено. Мнозинството родители со генерации им го пренесуваат на своите деца чуството да ја сакаат својата родина, да ја негуваат и да ја бранат македонската земја. Тоа се пренесувало од колено на колено и е вкоренето, така да не е лесно да се избрише, посебно не во денешно време, кога не е можно да се изврши колективна амнезија или колективно самоубиство на еден народ. Македонската политика во текот на изминатите повеќе од две и пол децении, поради поделеноста на релевантните политички субјекти, не разви доволен капацитет за да изгради подобра позиција во овој наводен спор наметнат од Грција. Наместо создавање на заедничка стратегија, спорот со името беше злупотребуван во меѓусебната борба за власт. Со оглед на целокупната состојба, Македонија треба да се повика на тоа дека привремениот период за употреба на референцата „ПЈРМ“ е изминат и, поради тоа разговорите треба да се прекинат, а во ОН треба да се побара да биде ословувана како Република Македонија. |