|
|
Гледај чедо, дијаспората не нè дава, дијаспората нè брани! |
Не постои место во светот каде не живее Македонец, па многу јасно е да се виорат македонски знамиња и кога сакаат да го искажат својот револт за одредени ситуации, кризи, неправди во Македонија, земјата во која се родиле но и земјата за која им зборуваат на своите деца. Без разлика каде и да е човек, во која земја живее, секогаш си го носи она своето куферче полно со култура, традиција, јазик, историја, менталитет, придобиени во родната земја за подоцна да бидат пренесувани на наредните поколенија. Сите нации кои живеат во Австралија секогаш со гордост зборуваат за своите потекла, но не мора ни да зборуваат, доволно кажуваат нивните традиции изразени преку јадењето, носиите, музиката, јазиците кои ги зборуваат. И да се оддели детето од своите родители, врската е нераскинлива. Многу коментари повторно на сметка на дијаспората? Зарем не ни се доволно делења на секоја основа, дали сме богати, сиромаси, високо или ниско образовани, селани или граѓани, партиски определени, ние сме Македонци. Доколку не се гледаме со почит туку со омраза, сами себе се уништуваме. На кого му пречи дијаспората? Сигурно на оние кои растураат, сквернуваат споменици, прават шарени револуции, се сметаат подобри од другите и ставаат сопки на се друго што е напредно, плукаат против своето и каде и да се, исто функционират – против својот сонародник. Кој може да и го скрати правото да биде тоа што е, да се чувствува Македонец и да лобира за доброто на Македонија во земјата во која живее? Е па тие се токму ваши роднини, пријатели, сонародници, кои во најтешкото ви помогнале, влеваат девизи во македонските банки и јакнат економијата, тие се оние кои еден ден ќе сакаат пак да се вратат во родните огништа. Кога Јапонците играат и пеат македонски песни и ора, се восхитуваме и гордееме, зарем Македонците родени во Македонија не смеат да го прават тоа? Не смеат да изразат грижа за состојбата во родината? Каде и да одиш прво прашање е Од каде доаѓаш, кое е твоето потекло? Кој јазик зборуваш? Секому треба да е јасно ова и да си има расчистено досега дека треба со почит и љубов да гледа на иселениците, своите браќа и сестри. Доста и беа на Македонија окупации, немири, конфликти, негирања, сето тоа го чувствуваат и иселениците на своја кожа. И никој да не се чуди зошто станале да демонстрираат, станале затоа што длабоко ги вознемирува неправдата низ вековите, и неспособноста на политичките лидери да го штитат она кое секому му е битно – зачувување на идентитетот како Македонци. Кога бев дете, татко ми гледаше на телевизија демонстрации во Австралија од страна на македонската дијаспора и со солзи во очите ми рече: Гледај чедо, дијаспората не нè дава, дијаспората нè брани! Татко ми гледаше спас во дијаспората, денес и јас неговата ќерка сум дел од таа дијаспора, организатор и учесник во демонстрации кои мојот татко веќе не може да ги види но го чувам неговиот спомен и неговите зборови како завет дека каде и да сум, ќе работам за доброто на Македонија како Македонка. Токму Македонците од иселеништво во деведесетите години ја почна борбата за самостојна Република Македонија. По 28 години, на 4 март, 2018, поторно се кренаа Македонците во целиот свет – Македонци во одбрана на својот идентитет. Пораките беа скоро идентични во секој град:Стоп на преговори, Името е наше право, стоп на грчкиот геноцид. Овојпат протестите одекнаа најсилно и беа пренесувани на сите државни телевизиски канали о Австралија. Овојпат треба да го доиграме орото и да победиме во името на она што сите не обедини – Македонија. Со Македонија никој повеќе не смее да тргува. Дијаспората е и треба да се гледа како битен политички субјект кој допринесува за зачувување на македонскиот идентитет, јазик, култура, обичаи, традиции надвор од своите огништа. |