|
|
Ороспијата од Вавилон |
По којзнае кој пат од Брисел ја слушаме истата песна кога е во прашање интеграцијата на Македонија во Унијата и во НАТО. Не било само до реформите, не се доволни исполнетите критериуми врз основа на кои секоја земја кандидат станува полноправен член на заедницата. За нас важат други правила. Од нас не бараат компромис за името со Грција, иако тоа го преповторуваат постојано, туку промена на нашето име, по кое би следел и нов циклус на продор во идентитетот, јазикот, културата... Европа е доволно зрела демократија и има високоцивилизациски вредности, но се уште не се ослободила од национал-социјализмот на неколку нејзини земји, кои се обидуваат тоа да го наметнат како правило на игра. Да чепкаш во туѓ идентитет, во туѓо име, традиција и историја и тоа во 21 век, претставува најблаго речено узурпаторство на слободата на еден народ, што е најстрого забрането во меѓународното право. А, Европа директно учествува во тоа. Од друга страна, во случајот со името не станува збор за никаков компромис меѓу Македонија и Грција, иако Европа шаблонски го преповторува тоа. Можно ли е Брисел да не го знае вистинското значење на поимот компромис? Компромисот претставува доаѓање до решение со обострани отстапки. Што во случајот отстапува Грција и за каков компромис се бори? Нејзината „дозвола“ во нашето име да се најде зборот Македонија не е никаква отстапка. Тоа не е компромис. Тоа е вешта манипулација со земјите од ЕУ за прикажување на лажна конструктивност во спорот. Европа го знае тоа, но се солидаризира со Атина. Грција би направила компромис кога би го признала постоењето на македонското малцинство во егејскиот дел од етничка Македонија и би ги унапредила основните човекови прави на Македонците таму. Тоа е компромис, ако сака Македонија да биде конструктивна во спорот и да прифати некаква географска модификација на името. Ако се има предвид дека Грција тоа нема никогаш да го стори, тогаш за компромис не може никако да се зборува. Грција преку своите дипломати постојано ни укажува дека сака пријателски односи со нас и дека таа е земја пријател на Македонија. Никако не можам да ја сфатам оваа ораторска перверзија на Грците. Земја која секојдневно работи на моето уништување како земја, нација, јазик, историја, култура, традиција, вели дека ми била пријател? Грција е непријател од најжесток вид. Окупација во 1913 година на 51 % од територијата на македонската земја. Уништување на се што е македонско во Егејска Македонија. Еегзодус во 1948 година на илјадници Македонци кои се прогонети од своите родни огништа. Студената војна во декадите кои следуваат против се што е македонско ширум светот. Ембарго веднаш по прогласувањето на македонската независност во деведесетите години. Обид за делба и на денешна Република Македонија (наводниот договор Милошевиќ–Мицотакис)..... Да не редам уште. Ова е земјата пријател на Македонија? Простете. Јас во оваа земја гледам душман кој не бира средства за да не уништи. Ако Европа ги застапува грчките погледи и ставови по прашањето на Македонија, реална е констатацијата дека таа Европа нам ни е неискрен пријател. Се прашувам, дали треба веќе да ја доживуваме како таква? Која е потребата да бидеме дел од едно друштво кое не не почитува вакви какви што сме? Дали е корисно нашето присуство во такво друштво? Знам, „проевропските„ сили кај нас на ова ќе речат дека ние, ваквите какви што Господ не дал, само си создаваме непријатели. За нив Европа е света работа и само за да имаат „пријатели„ и кичма ќе свиткаат и име и јазик ќе променат. Се за таа Европа. Често во умот ми се навраќа познатата констатација на професорот Марјановиќ, кој постојано ја кажуваше за Европа. Ја нарекуваше ороспијата од Вавилон. |