|
|
Од паролата на Заев животот дојде, животот си замина од Македонија |
Владината коалиција предводена од Зоран Заев се фали дека Македонија добила исклучителен позитивен извештај од Европската комисија со чиста и безусловна препорака. Меѓутоа, изјавата на претседателот на Франција Емануел Макрон во Европскиот парламент, го доведува во прашање проширувањето на ЕУ. Имено, во својата изјава Макрон нагласува дека не сака Балканот да се сврти кон Русија и Турција и дека не сака Европа која лошо би функционирала со 28 членки. Сето ова може да значи дека ЕУ ја спушта рампата до 2025 година, а со тоа и ја заоштри кризата во земјите на западен Балкан. Изјавата на Макрон, претседателот на Франција, една од трите европски сили која во XIX век ја создаде грчката држава, во себе содржи порака која дополнително може да ги отежне преговорите помеѓу Македонија и Грција околу името. Истовремено, ваквиот став на Грција и овозможува да продолжи со својата уценувачка игра и да ја попречува евроатланската интеграција на Македонија, но и да го запали регионот Но, наместо француската рампа на европската врата да ја освести владеачката коалиција, таа сметајќи на брз влез во НАТО, упорно ги продолжува понижувачките разговори со Атина, кои бараат промена на името и Уставот на земјата. Во меѓувреме и албанската дијаспора бара итно воведување на албанскиот јазик како втор службен јазик, односно поделба на државноста, доколку земјата сака да стане членка на НАТО. При вакви надворешни притисоци, владата на Заев во предизборен ритам, продолжува да дава лажни ветувања и спроведува антимакедонска кампања. Имено, за време на кампањата и по изборите лидерот на СДСМ Зоран Заев постојано говореше дека нема да коалицира со лица кои се споменуваат во т.н. бомби и за кои постои сомнеж за сторен криминал или пак лица кои се обвинети. Ветуваше дека ќе ја открие вистината за „Смилковско езеро“. И додека од СЈО започна да води политички процеси против раководството на ВМРО ДПМНЕ, немаше ниту едно обвинување за членовите на ДУИ, поранешен коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Набрзо потоа беа ослободени обвинетите за „Смилковско езеро, а ниту збор не се слушна за вистината која ја ветуваше Заев за тоа кој се виновниците и покрај постојаното инсиситирање на родителите на убиените деца. Играњето со чуствата на родителите, не се одлика на еден државник, туку на уценета особа или на мешетар кој влегол во власта за лични интереси. Оттука доаѓа и антимакедонската политика која сегашната власт ја спроведува. Потврда дека нема ништо државничко во владеењето на Заеев во текот на не цела една година покажува падот на инвестициите во земјата, намалување на продуктивната вработеност, постојаните задолжувања, како и хаосот во сите полиња на животот во земјата. Од неговото „животот дојде“, нема ништо, зошто оваа парола набргу стана „животот си замина од Македонија“. Се повеќе млади купуваат билет во еден правец. А како да останат во земја каде нема вработувања, во земја во која не владее правото, во земја каде криминалците се на улица, а патриотите во затвор. Едноставно заради антимакедонската политика на оваа власт, ни постарите, а камоли младите, не ја препознаваат својата земја и својата иднина во неа. До каде се оди со антимакедонизмот, покрај остранување на споменици, може да се види и од најавата на Министерство за култура дека малите статуетки и илјадниците сувенири изработени според споменици и скулптури од проектот „Скопје 2014“ ќе бидат отстранети од музејските институции и од сувенирниците. Бог да чува! Од што се плашат актуелните власти. Ако денес Грција бара да ги остраниме спомениците на Филип и Александар, утре може Бугарија да побара да го остраниме споменикот на Самуил, Гоце Делчев, Даме Груев и т.н., задутре Србите да бараат да го тргнеме споменикот на Крале Марко,.... Се поставува прашањето што ќе им оставиме на идните генерации, ако нашите соседи побараат да ги ревидираме учебниците по историја и да повлечеме се што им смета, што ќе му остане на македонскиот народ. А на народ без историја не му е место во Европа. Ете до каде не дотурка налудничавата стратегија, ако така може да се нарече, на актуелната власт, Македонија набрзина да стане членка на НАТО и ЕУ. |