|
|
Прашањето за името од висок приоритет |
Македонска нација Александар Стојанов Теодоров-Балан (1859 - 1959) е бугарски лингвист, книжевен историчар и библиограф, академик на БАН. Од 1893 година е професор и раководител на катедрата за бугарска и словенска литература и катедрата по бугарска литература. По пoјавата на книгата на Крсте П. Мисирков „За македонцките работи" (Софија, 1903), која веднаш предизвикала реакција, Балан се обидува да ја оспори тезата на Мисирков. Во 1904 година, во статија „Една македонска теорија“, Балан ќе забележи: „Одамна ли беше до ослободувањето на Бугарите кога и по цела Бугарија се слушаа одговори на Бугарите на прашањето „што се" (по народност), дека се „христијани" или „раја"? Па не е голема реткост и сега уште да се чуе Бугарин како одговара во судот на прашањето за својата народност дека е „христијанин". Нему поимот за народноста уште не му станал нова придобивка на разумот. Во турско време бугарскиот селанец ги означуваше Бугарите од градовите со зборот „Грк", граѓанската носија за него беше „грчка носија". А бидејќи Грците го титулираа тој селанец со „дебелоглав Бугарин", неговиот брат од градот љубеше да се наречува „Елин", за да не трпи презир под своето вистинско национално име. Не ли е тоа сосем исто со она што го расправа г. Мисирков за називите на македонскиот Славјан? Името „Бугарин" беше паднало и во Бугарија до степен што го допираше само туѓ презир. Во устата на самиот Бугарин тоа име толку се испразни од националната содржина, што стана синоним на „христијанин", кое име ја беше опфатило целата етничка содржина на бугарската индивидуална и општествена свест. Нашиoт селанец, кога ќе речеше „ние сме Бугари", мислеше „ние сме христијани", т.е. православни. Рускиот цар беше за него „бугарски цар" не по народност, ами по православното христијанство.“ Токму така размислуваше и Македонецот. Кога велеше дека е Бугарин мислеше дека е православен христијанин, а кога велеше дека е Грк тој само се трудеше да ги сочува своите привилегии за да не му трпи работата. Во душата и „Бугаринот“ и „Гркот“ од Македонија беа само Македонци, кои своето потекло го пренесуваа од колено на колено. Често оспорувани од соседите, кога ќе ги прашавме постарите што сме?, тие велеа дека ние сме Македонци. Ни раскажуваа за сите маки со кои се судриле додека одеа на училиште. Им беа менувани имињата и презимињат, а доколку неможеа да се изразат на туѓиот за нив јазик тогаш добиваа по прстите или мораа да клечат на сронета пченка во некој ќош од училницата. Нема потреба да не им веруваме на нашите баби и дедовци, на нашите родители. Сепак за тоа што се случуваше најдобро говорат натписите на гробовите на нашоте претци. На нив може да се видат повеќе генерации од иста фамилија со презимиња кои во зависност од администрација завршуваа на ов, иќ или ос. Исто така на нив може да се прочита и за колку војски се бореле. Па сепак од поделбата на Македонија во 1913 година ниту една од тие времени администрации на територијата на Македонија не успеела да му го одземе идентитетот на македонскиот народ. Тоа добро му е познато на соседите кои ја поделија Македонија, но исто така и на меѓународната заедница, која меѓудругото многу добро знае дека при секој обид да се разнебити македонскиот народ завршувал со крвави војни. Отука, уште од почетокот на Втората светска војна, во проектот кој го подготвувале Западните сојузници за создавање сојуз на источноевропските земји (Балканско-дунавска конфедерација) со цел тој да стапи во воен конфликт со СССР, Македонија била земена во предвид како целина и равноправна членка. Како што пишува во статијата „Трета светска војна од Дунав и од Балканот“ објавена во „Руска реч“: „Во 1940 година Черчил со поддршка на САД ја изнесе својата идеја за создавање на Балканско-подунавска конфедерација – блок балкански и подунавски земји, кој би бил свртен против Советскиот Сојуз. Во состав на таа федерација требало да влезат Бугарија, Југославија, Турција, Грција, Албанија и Македонија. Оваа федерација би била самостојна државна единица со која би раководела Англија... По завршувањето на војната се предвидувало да бидат формирани три групи земји: балтичка, централноевропска и јужноевропска. Полициска улога во овие области би имала огромната англиско-американска воздухопловна флота.“ Со навлегување на руската армија на Балканот во 1944 година овој план пропаднал, но не завршиле и експериментите на големите сили на овој простор, а кои ја засегаат Македонија. По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, повторно се отвори македонското прашање. Но овој пат правесот по кој се движи македонското прашање оди кон целосно обезличување на македонскиот народ, неговото име, традиција, култура и јазик. Зошто не важи пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг за ЕУ и НАТО, освен ако меѓународната заедница не го движи процесот во тој правец. Проблемот со името беше само причина да се започне тој процес, а главните актери во спроведувањето на овој процес се нејзините соседи, речиси истите кои ја распарчија во 1913 година. Тие како ништо да не научија од минатото. Наместо да ни помагаат да влеземе во ЕУ преку примери за добрососедство, нашите „европски“ соседи демонстрираат национализам и територијални претензии кон Македонија? Не случајно денес ги гледаме активистите на Златна зора на граничниот премин како ни се закануваат и не случајни бугарската политика се солидаризира со Атина. Во овој момент прашањето за името на државата и негово зачувување е прашање од највисок приоритет. Секоја промена на името ќе доведе до промена и идентитетот на народот, а без народ нема ни држава. Оттука, Македонија нема друга алтернатива, освен по секоја цена да го сочува името. Доколку тоа не го направи, тоа ќе биде причина за нови внатрешни поделби, но и нови војни на Балканот. Бугарија како христијанска православна земја ја има една од клучните улога во решавањето на македонското прашање. Ако незнае, нека погледне уште еднаш во делот од статијата на Балан. Можеби таму ќе ги најди вистинските одговори за посебноста на македонскиот народ и потребата и зачувување на неговиот идентитет. (извор: http://www.scribd.com/doc/84992379?secret_password=1ovtu9bexcr2y4i6s597 - Александар Теодоров-Балан, Eдна македонска теориа, - Периодическо списание (Софих), 1,ХУ (1904), стр. 818;) |