|
|
Гоце Делчев е Македонец роден во Кукуш и никој нема право тоа да му го одземе |
Свекрва Гоце Делчев: „Кој знае дали има народ којшто толку многу трпел од своите синови изроди, колку македонскиот!...“ Бугарскиот премиер Бојко Борисов неодамна при посетата на Македонија, кажа дека прашањето за македонскиот национален херој и револуционер Гоце Делчев мора да се реши до октомври. Оттука дојде и барањето на Бугарија за вонредна средба на Комисијата за историски прашања за што побргу да се реши идентитетот на Гоце Делчев. Меѓутоа, сето ова преставува политички притисок кој може да доведе до прекинување на работата на комисијата. Познато е дека Бугарија не остапува од тоа дека Гоце Делчев е Бугарин. Тоа го потенцираат бугарските политичари во секоја прилика и доколку македонските истроричари не го прифатат тоа, може да се случи во иднина Софија да го услови членството на Македонија во ЕУ. Инаку Бугарите своето тврдење дека Делчев бил Бугарин го влечат од фамозното писмо кое тој го испраќа до Никола Малешевски на 5 јануари 1899 година во кое меѓудругото вели: „..Жално е, но што да правиме кога си сме болгари и сите страдаме од една иста болест! Ако таа болест ја немаше кај нашите прадедовци, од кои што ни е наследство, тие немаше да потпаднат под грозниот жезол на турските султани. Наш долг е, се разбира, да не се поддаваме на таа болест, но колку можеме да влијаеме на другитe? Сепак имаме нешто и од грчките болести - ,колку глави – толку капетани’… Пустата! Секој сака да блесне, па не го знае фалшот на тој блесок. Тешко им на тие што страдаат под овие ,комедии’.“ Меѓутоа оваа изјава е толку двосмислена и тој говори за страдањето на народот од бугарска и грчка болест, а не дека Македонците се Бугари или Грци. Всушност како размислува македонскиот визионер Гоце Делчев за предавниците може да се види од едно писмо што го испратил под псевдонимот Ахил до Никола Малешевски на 22 април 1897 година во кое меѓудругото говорејќи за штетното делување на врховистите ќе каже: „Кој знае дали има народ којшто толку многу трпел од своите синови изроди, колку македонскиот!...“ Навистина и денес е така. Тоа што некогаш врховистите го правеа, денес неразумната политика на владата на Заев со своите одлуки не ги подобри односите со соседните земји, напротив ја донесе земјата во подредена улога и да биде условена од сите нив, особено од последните. Инаку, Гоце Делчев никогаш немал доверба во бугарските власти и никогаш не очекувал помош од неа. Според спомените на Ѓорче Петров, во 1897 година тој и Гоце Делчев не биле во добри односи со тогашната бугарска влада. „... Откако примивме 4043 пушки, се прекрати примањето на пушките, зашто се расипавме со владата. Ова стана, зашто владата се обидуваше да се меша во нашите внатрешни работи. Одовде сакаше да ни се меша, да не треба да праќаме од ова оружје во Одринско; ние не се согласивме и испративме. Стоилов, наоѓаше дека не треба во Одринско да креваме револуција, за да не пострада таму бугарскиот елемент. Ние стоевме цврсто.....Каде има наши робје, треба да дејствуваме еднакво и да подготвуваме револуција." По ова прашање имав личен спор со Стоилов. Се обидоа да ги откријат нишките, каде го препраќаме оружјето, а ние тајно го вршевме, тоа од нив. Дојде прашањето меѓу владата и нас до отворено противставување. Стоилов беше готов, мене и Делчев да не уапси. Од ЦК му се сугерира дека слична постапка ќе се смета како посегнување врз Организацијата и дека лично него ќе го држат одговорен. Ризов беше определен да посредува за да се изглади овој конфликт. Беше натоварен од Стоилов со оваа мисија. Стоилов сакаше отворено да излеземе и против ВК, а пак јас со Делчев ја теравме така, што никако немавме намера да ја исполнуваме оваа желба на Стоилов. Воопшто, со еден збор станавме непријатели.“ (Спомени на Ѓорче Петров, стр. 55, 57, 59 - 60.) Во овој контекс е интересно и писмото на Никола Карев до Гоце Делчев пред Илинденското востание во кое известува за влошената положба на Револуционерната организација и бара согласност за кревање на востанието и да не се чека ослободување од соседните држави. Во ова писмо кое најверојатно е од 1902 година, Никола Карев, истакнатиот македонски револуционер-социјалист и потоа претседател на Крушевската република, ќе напише: „... Во Крушевско и Битолско стануваат секојдневно ноќни блокади на села, а многубројните афери фрлаат многу луѓе в затвор. Не треба да чекаме повеќе, Гоце. Време е веќе да стануваме и да се биеме. Да не чекаме слобода ниту од Грците ниту од Бугарите, ами сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија, што ја засилува организацијата меѓу селаните и да не се споменуваат тврдењата дека „сите Македонци работеле за присоединувањето на Македонија кон Бугарија или Грција". Што се однесува до мене, никој не ќе може да ми ја одземе мојата храброст и мојот патриотизам. Драго ми е да Ти соопштам дека сите наши момци се готови со пушка в рака да се бијат.“ „Сами ние да се бориме за наша Македонија", (Необјавено писмо на Никола Карев до Гоце Делчев) - Нова Македонија (Скопје) г. XXIV бр. 7744 (5 мај 1968) стр. 8. Гоце Делчев е Македонец роден во Кукуш и никој нема право тоа да му го одземе. |