|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - XXIV |
М-р Мартин Треневски, поранешен министер и амбасадор
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - XXIV
1. Во Министерството за надворешни работи се одржа редовната годишна конференција
„Амбасадорски совет“ на која доминантни фаци беа тандемот Пендаровски-Димитров. Море таква сплотеност и блискост меѓу овие двајца - не ќе да е видена одамна: те срдечни ракувања, те заеднички фотографирања, те взаемни надополнувања во нивните говори.... Милина да го фати човека и да се радува на невидената(!?) хармонија меѓу овие две водечки фигури од државното раководство.
Арно ама, ко ќе се сети човек дека до само пред некој месец обајцата беа лути противници - кој од нив да биде кандидат за избор на претседател (додека не пресече Калето тоа да биде Пендаровски), Стево одеше од амбасадор до амбасадор со папка полна со исечоци од јавни настапи на Димитров за да го кодоши и омаловажува пред странците и да се промовира самиот себеси како демек подобар кандидат!?
Работите очигледно се посмирија меѓу нив двајца во последно време бидејки се чини дека и на потписникот на капитулантскиот акт од Нивице му е ветена повисока позиција (така брујат медиумите), т.е. тој (Димитров) да биде замена на компромитираниот и до гуша заглавен во корупциски афери Зоран Заев,
2. Република Македонија се соочува со скандал од невидени размери познат како "Рекет" во којшто, како што се одмотува клопчето, излегуваат во јавноста бројни ликови од актуелната власт. Иако и од Брисел и од Вашингтон веќе пристигнуваат сериозни пораки да сe интензивира истрагата, која амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар ја нарече "реалити шоу", нашиот претседател Стево Пендаровски ни порача дека "се што требало да биде превземено (се мисли на истрагата), според негово мислење, било превземено"!?
Ало Стево, каде живееш бре човече? При толку советници не допира до тебе што се случува, не ја согледуваш (или не ти ја сервираат) реалноста што тресиш зелени во јавни настапи??? Не ги слушаш ни пораките од Вашингтон и Брисел???
Па не е ни чудно што тоа го правиш Стево, бидејки ти и самиот си составен дел од оваа политичка констелација што брутално ни беше наметната од страна со единствена цел да не разнебитат и обезличат и да не елиминираат како нација со свое богато минато, но, за жал, неизвесна иднина.
Дали тебе ти се допаѓа, или не, ти Стево ќе бидеш запаметен како еден од клучните измеќари на странците во скрнавењето на овој народ што своевремено го нарече "стока" и се расфрлаш со констатации за работи и личности за кои не се разбираш, како на пример дека Гоце наш бил Бугарин!
Ах Стево, Стево, што ли уште ке ни приредиш самобендисан некадарнику???
3. Ни престојат кадровски "зајакнувања" во власта и тоа од кадри - припадници од терористичката ОНА. Хисен Џемаили амнестиран злосторник, расист кој со нож оргијал врз грбовите на работници на ГП Маврово е предложен за министер за привлекување странски инвестици (!?), а за генерален конзул во Минхен (не се ни трудам да му го споменам името) е предложен исто така терорист, припадник на ОНА.
Што уште може да очекуваме од актуелнава коалиција мачно ми е и да помислам!
4. Лицето Зоран Заев кој во моментов ја окупира позицијата премиер, иако споменат во некои тајно снимени телефонски разговори од аферата "Рекет", упорно тврди дека немал ама баш ништо со неа. Останува да видиме што ќе покаже понатамошната истрага, а тој и понатаму упорно настојува да ја држи власта во свои раце. Познатиот новинар, Словенецот Ларис Гејсер констатира дека "порано или подоцна тој (ЗЗ) ќе мора да замине - тој е минато и меѓународно е мртов", но Муртинецов сеуште не помислува да се повлече! Или можеби такви инструкции добива од тие што го донесоа на власт, бидејки ова што се случи со криминалот во СЈО во којшто е инволирана речиси половина влада е и нивен грев и срам бидејки истите тие ги донесоа на власт и кумувааа во создавањето на тоа контроверзно СЈО што сега им се враќа како бумеранг.
5. Од Бугарија ништо ново. Сега посегнаа и на манастирот Св. Јоаким Осоговски и на самиот светец и патрон на манастирот! Од нигде, никаде се појави некаков си "историчар" Пламен Павлов кој тврди дека и манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, како и неговиот патрон, наводно, се бугарски.
„Манастирот ‘Св. Јоаким Осоговски’, како и самиот негов патрон, се категоричен дел од бугарската историја и од нашето културно наследство. Во тоа не може да има никаков сомнеж“, изјави за бугарското радио Фокус Пламен Павлов, професор по историја на Византија и на балканските земји од 4 до 15 век на универзитетот во Велико Трново. Историчарот додава дека Јоаким Осоговски е еден од тројцата следбеници на Св. Иван Рилски, „така што тој во голем степен е продолжувач на бугарската духовна традиција од времето на Првото бугарско царство“, рече "историчарот Павлов".
И што да му порачаме на овој "голем познавач на истoријата на балканските земји"? Лудаку еден, што го прави светецов Бугарин? Колку светци делувале на Света Гора, Рим, или не знам каде се по светов, па тоа не ги прави етнички ......? Патем, се согласувам со констатацијата што неодамна ја изговори Стево Пендаровски дека допрва ке имаме проблеми со Бугарија, и покрај некаков си меѓусебен договор за /не/пријателство.
6.In memoriam: Почина Јордан Костадинов, еден од основачите на ОМО „Илинден“
По кратко боледување, во 87-мата година од животот почина Јордан Костадинов Иванов, македонски национален деец од Пиринскиот дел на Македонија, борец за националните права на Македонците во Бугарија.Како македонски национален активист бил два пати затворан од бугарската власт во најтешки затворски услови. Еден е од основачите на македонската организација ОМО Илинден и нејзин лидер. Целиот свој живот го посвети за човековите и националните права на македонците во Бугарија, борец за македонската кауза. Во повеќе наврати покрена судска постапка пред Судот за човекови права во Стразбур и во повеќе пати Бугарија беше осудена за кршење на човековите права на македонците во Пиринска Македонија. Бог да го прости братот Јордан!
|