|
|
Нема лесно решение за историските разлики меѓу Скопје и Софија |
Свекрва Нема лесно решение за историските разлики меѓу Скопје и Софија Софија никако да се ослободи од пропагандата која бугарските власти ја воделе кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Поради ваквиот став на денешните бугарски историчари, неодамна во Софија се одржа уште една неуспешна седница на македонско-бугарската комисија за историјата, која на агендата имаше жешка тема за идентитетот на револуционерот Гоце Делчев и средновековието. Неуспешната средба се должи на големите разлики во толкувањето на минатото и начинот на решавање на споровите. Едноставно Софија очигледно не сака да разбере дека Македонците се близок, но посебен народ и тие не се ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци. Ова создава нетрпение меѓу двата народи уште многу одамна. За ова и за посебноста на Македонците говорат многу историски извори. Еве на пример што во предговорот на својата книга „Наръчно Св. Благовествование" (1869), Кузман Шапкарев говори за расположението што постоело кај македонскиот народ против воведувањето на бугарскиот јазик во Македонија. Тој напомнува дека иекој во Македонија не само што не го разбирал и не го знаел бугарскиот јазик туку и не сакал да научи да чита на овој јазик. Во текот на преродбата, за отпорот против обидите за наметнување на бугарскиот јазик во Македонија, на 29 мај 1869 година во Кукуш К. А. Шапкарев ќе напише: „... Кај нас (до каде што бил изгонет бугарскиот јазик) се разбира дека никој, од најмалиот до најголемиот, не знае да чита бугарски, та како би можело да се воведе лесно? Но полошо е тоа што меѓу нашите има и такви луѓе кои, освен што не знаат и не сакаат да се научат, ами уште бидејќи од една страна убедени во тоа што нашле, а од друга пак вршејќи влијание врз народот, но малку пречат и на другите говорејќи им секакви изговори. Една од многуте нивни големи пречки е и следнава - оти црковниот б. јазик бил српски (!?) та не сме можеле да го разбираме (!) уште и од владата бил (?!) божем запрен (?.') А за денешното источнобугарско наречје - оти било „шопско", а пак Шоп кај нас значи најпрост дебелоглавец, та велат: „Шопје ли ќе се чиниме?" (Кузман Шапкарев, „Наръчно Св. Благовествоваине", Цариград 1869, стр. 3.) Сепак за разликите меѓу двата народи најсликовито говори писмото што првенците од Охрид го испраќаат до Цариградскиот патријарх во 1890 година. По создавањето на Егзархијата во 1870 година, граѓанството кое се смета за измамено од страна на Бугарската егзархија на национален план, две децении подоцна, во 1890 година ја моли Цариградската патријаршија да дозволи да биде обновена македонска национална Охридска архиепископија под покровителство на Патријаршијата. Во писмото адресирано до Неговата Светост Великиот Патријарх во Цариград, а потпишано од 120 жители, граѓаните на Охрид молат за следното: „...Ние верните поданици на Неговото Величество царот Султан Абдул Хамид од долго време немаме црковна слобода, а од 1872 година станавме уште повеќе заблудено стадо, зашто дојдовме под Бугарска егзархија, заблудени од бугарската пропаганда. Така и ние станавме шизматици. Ние, Славјаните од Македонија, од секогаш сме имале своја црква, Охридска архиепископија, која имаше седиште во нашиот град. Денес ние би сакале одново да си ја вратиме и така живееме во слога со Великата црква. Бидејќи нам ни е потребно Вашето свето благоволение по однос на нашата словенска црква во Македонија, поради тоа Ве молиме, макар и да сме измамени од страна на Бугарите, да ни простите, бидејќи сте благ Христов служител и да ни ја обновите нашата црква. Покрај тоа што Бугарите не измамија и излагаа, тие ни го отфрлаат и јазикот, ни ги менуваат и нашите свети обичаи и ја менуваат и сета наша лика и прилика. Ние тоа не можеме повеќе да трпиме и не сакаме нашите деца да не колнат нас и гробовите на нашите предеди. Сега ние се одделивме од Бугарите и сами сочинуваме славјански општини во Македонија, и сочинуваме самостоен народ. Како такви, ние сакаме да имаме наша црква, наши училишта. Ние си најдовме и наши учители, кои ги плаќаме и издржуваме...“ – се вели во писмото на Охриѓани до Неговата Светост Великиот Патријарх во Цариград. Од овие примери се гледа дека Македонија е на македонскиот народ кој си има своја историја, традиција, култура и јазик. Затоа никој не може да го присвојува ни цар Самуил, ни Св. Климент, ни Гоце Делчев, ниту бил кој друг припадник на македонскиот народ. Може ако сака да ги чествува, но не може да ги присвојува. Тоа се личности на Македонија, чија етногеографска територија е поделена во 1913 година меѓу Бугарија, Грција и Србија, а еден мал дел и е даден на тогаш создадената нова држава Албанија. Очигледно е дека историските разлики меѓу Скопје и Софија нема да бидат решени лесно, како што нема да бидат решени ни проблемите меѓу Скопје и Атина и покрај потпишаниот Преспански договор. Колку македонско-бугарската и македонско-грчката комисија да ја шминкаат историјата нема да можат да ја избегнат вистината. Како што на секој позначаен светски историчар му е познато дека Александра Македонски не бил Грк и неговиот мајчин јазик не бил грчки, како и тоа дека древните Македонци не биле Грци, така ним им е познато и дека личностите почнувајќи од цар Самоил па се до Гоце Делчев не биле Бугари. Во интерес на Балканот е да се проговори за вистината за Македонија. Научниците кои се во комисиите треба да имаат храброст и да проговорат за вистината на македонскиот народ. Но, по случајот „Рекет“, видливо е дека на Балканот се е можно. За пари се може да се добие, па и новокомпонована историја. Меѓутоа, тоа е голем ризик за регионот. Доколку се обидат вистината повторно да ја скријат со бришење од учебниците, тогаш децата до неа ќе дојдат преку „забранетите книги“, што може да има негативни реперкусии во иднина. |