|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - XXXII |
М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - XXXII 1.Претседателот на македонската Либерална партија (минорен партнер во актуелната антимакедонска владеачка коалиција) Горан Милевски алармираше деновиве дека Грција не го почитува (според мене капитулантскиот) Преспански договор!? Милевски изјави дека враќајки се со кола од Атина забележал дека на ниту една попатна табла не го пишувало новото име на нашата земја, туку или "Скопиа" или "ФИРОМ"!? А го прашувам Горана: Дали Грција воопшто почитувала досега некоj договор со Република Македонија? Не би рекол! Грција не ја испочитува Времената спогодба од Њујорк (1995) во која во член 11 јасно пишува Првата страна (Грција) нема да го попречува зачленувањето на нашата земја во меѓународни организации под времената референца (ФИРОМ)! И што се случи? Грција тотално ја игнорираше Спогодбата заради што уследи и тужба до Меѓународниот суд во Хаг кој речиси едногласно констатираше дека македонската страна е во право, а Грција ја игнорира обврската според споменатиот важен и меѓународно верификуван документ. Ни пресудата од МСП од Хаг не беше доволна да ја убеди Грција да го почитува меѓународното право. Тоа најдобро се виде и со блокадите на РМ за членство во НАТО, иако во нашата земја во одреден период преовладуваше расположение за согласност да постанеме членка на Алијансата дури и под времената референца (ФИРОМ). Како амбасадор на РМ во НАТО (2010-2014) имав прилика да разговарам, на мое барање, со двајца директори на правната служба на НАТО (секој документ од НАТО пред да излезе во јавност по правило треба да го провери и одобри Правната служба за да утврди дали е во согласност со меѓународното право и документите на Алијансата), токму на темата непочитувањето на пресудата од Хаг од страната на Грција и нејзините континуирани блокади за членство на РМ во Алијансата. И едниот и другиот (обајцата американци, експерти за меѓународно пораво и тоа од Стејт Департментот!!!), ми потврдија дека се согласуваат со оценката дека Грција го крши меѓународното право со непочитување на Времената спогодба од Њујорк и пресудата од Хаг. За жал, ниту еден фактор, не само во НАТО, не реагираше на ваквото однесување на Грција! Па не е ни чудно, Грција била и е милениче на западот којшто во неа гледа некаква "лулка на демократијата" и на Елините едноставно им се може се(!). За жал, цехот на ваквото однесување го плативме ние со ставањето потпис на капитулантскиот Договор од Нивице и со прифаќање на буквално се што ни испорачаа Грците. 2.Лицето Зоран Заев кој е на позицијата прв министер на македонската Влада (демек премиер) веќе го има зафатено голем, дури паничен страв! Судејки по гестикулаците што ги правеше на партискиот собир викендов во Прилеп, типични за уличари и невоспитани лица, го има фатено таква паника што уште сега, шест месеци пред изборите на кои ќе треба да се соочи со реалноста дека треба да одговара за сите зла, злоупотреби, криминали и кршења на законите, како во бунило е и вон себе. Разбирливо, дотичниот посакува уште еден мандат бидејки ќе треба, меѓу останатото, да објасни како стекна имот од над 100 милиони евра со брат му, кој - според пишувањето на некои портали, веќе си купил куќа дури во Буенос Аирес, Аргеентина, за да бега од правдата (Море и подалеку да е, во Патагонија, ќе го стигне правдата!). Заев како на распродажба сега се расфрла со зголемување на плати, кој и да му побара (за капитални инвестиции не станува ни збор), а се почесто ја користи (злоупотребува) полицијата за да се брани од гневните земјоделци, млекари, сточари други незадоволни категории граѓани. Не за долго, се надевам! 3.Во неделата (27 октомври) телевизијата Алфа објави интервју со познатиот Ларис Гајзер, автор на повекето инкриминирачки колумни во италијанскиот весник Ла Верита (Вистина) во кои јасно и недвосмислено го разоткрива криминогениот карактер на актуелната власт во Македонија. Гајзер, кој е универзитетски професор во Љубљана, воедно уредник и коментатор, со очигледно многу, ептен многу јаки меѓународни врски и извори на информации, јасно посочи неколку работи од кои боли глава! Гајзер констатира дека во Македонија нема власт, туку со земјата владее криминална хунта(!) која, според него, воведе "мафијашки систем на владеење" и му порача на Заев да се тргне од власта за да не се откријат сите скандали како дојде на власт"! Гајзер исто така предупреди дека "мрежите што го донесоа на власт му дадоа неограничена моќ бидејки е марионета кој ќе продолжи со наводни реформи за да уништи една нација (македонската, моја забелешка)". (Забелешка: додека го пишувам прилогов во Македонија е дојден специјалниот пратеник за Балканот на Стејт Департментот Метју Палмер! За арно или за лошо - не знаеме. времето ќе покаже!). Дали Заев го гледаше ова интервју не знам, но сигурен сум дека многумина нему наклонети од службите дефинитивно го гледаа и истото ќе подлежи на детална анализа од проста причина што пораките што ги искажа Гајзер се толку сериозни што ако има барем трошка акал (што би рекол народецот наш), тој (Заев) би требало самиот да се повлече. Но Гајзер изрече и нешто што македонската опозиција не смее да го симне од ум ниту за секунда, а тоа е дека "мрежите што го доведоа Заев на власт се сеуште присутни (во Македонија, моја забелешка) и тие ќе го подржуваат да остане на власт" (Поаѓајќи од сознанијата што се' се случуваше во изминатата декада и како беше турната легално избраната влада на Груевски и донесена на власт нелегитимната влада на Заев, станува збор за служби, и од оваа, но и од онаа страна на Атлантикот!). 4.Koн вистинското цунами од критики и осуди за ставот на Макрон да не се даде датум за почеток на преговори на Македонија за членство со ЕУ се приклучи и големиот познавач на Балканот, Швеѓанецот Карл Билт во авторскиот текст што го објави угледниот Вашингтон Пост. Според Билт, тој потез на Макрон е "стратегиска грешка" со која се погазуваат ставовите од Солунскиот самит на ЕУ (2003), a грешката ќе придонесе за јакнење на евроскептицизмот во регионот и губење на довербата. Што се’ навистина се крие зад постапката на Емануел Макрон едноставно не знаеме и се' се сведува на претпоставки и шпекулации (лично сметам дека одработува за Грција!?), а "аргументите" што ги понуди самиот Макеон се тотално неубедливи и дури проблематични. Како и да е, останува да почекаме до следниот самит на ЕУ во мај идната година во Загреб каде званичен Париз кој е под невиден меѓународен притисок и осуда, да ги презентира своите позиции. 5.Повеќе пати во моите колумни укажував на дилетантизмот и непрофесионалноста во Министерството за надворешни работи што во моментов го предводи Никола Димитров (кому родениот татко му порача "Да му се исуши раката што го потпиша капитулантскиот договор од Нивице")! Дотичниот ај што сееше магла дека "само што не сме добиле датум за преговори за членство во ЕУ", не користи ниту ад хок прилики за афирмација на нашата татковина во многу полесни, но многу корисни ситуации. Како пример, ќе потсетиме: на 22 октомври во Токио се одржа церемонијата на превземање на престолот на новиот 126ти по ред, цар на Јапонија (најстара монархија на светот) Норухито, на која според едни извори присуствувале над 170 цареви, кралеви, премиери, претседатели од исто толку земји, а според други извори госи од највисок ранг биле над 200 од многу земји и меѓународни организации. Македонија како држава и нејзината некадарна дипломатија не беше присутна на свеченостите (не сум сигурен дали воопшто имаме амбасадор во Токио веќе подолго време?). Можеме само да мечтаеме и да посакуваме вакви собирања со највисоки државни представници и каква ретка можност претставуваат тие за билатерални средби и слични активности. Но тоа Димитров не го интересира бидејки со една нога веќе е вон МНР. Не знам дали Никола Димитров воопшто е свесен што значи, или поточно што се направи и сеуште прави земјата на изгрејсонцето за нас, за Македонија? Имав привилегија во далечната 1989. година да бидам еден од основачите на Македонско-Јапонското друштво за пријателство и соработка кое со активностите многу придонесе Јапонија да биде еден од најголемите донатори на Македонија, особено во здравството (со јапонски пари се опремија болниците во Скопје, Прилеп Штип, а тие инвестираа и во многу други области); а во буџетот на Јапонија со години дури имаше ставка за финансиска помош на РМ. Во меѓувреме Јапонија отвори своја амбасада во Скопје на што претходеше јапонскиот Почесен конзулат и културен центар во Скопје. Овие работи Никола Димитров не ги знае, или не му значат ништо, но со вакво игнорантско однесување не можеме да очекуваме голема јапонска подршка и во иднина. |