|
|
Македонскиот народ треба да има резерви кон разните ветувања кои доаѓаат од разните „пријатели“ |
Свекрва Македонскиот народ треба да има резерви кон разните ветувања кои доаѓаат од разните „пријатели“ Спротивно на постојаните препораки од Европската комисија и волјата на мнозинството земји-членки на ЕУ, како и пораката на Макрон при потпишувањето на Преспанскиот договор дека смета на нашата земја, Франција во минатата недела не даде зелено светло на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија. Ваквиот пристап на Франција, посебно кон Македонија, која за интеграцијата во ЕУ и НАТО, го смени и името, ги закопа надежите не само на Македонија, туку и на другите балкански земји за нивно влегување во ЕУ и безбедносно релаксирање на регионот. За да се надминат фрустрациите на Балканот предизвикани од ставот на францускиот претседател Емануел Макрон, наместо полноправно членство, сега се турка идеја од Брисел за создавање Европска Економска Зона во која ќе влезат шест балкански земји: Албанија, Косово, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Не е првпат да се турка идејата за обнова на скратена Југославија, во која наместо Словенија и Хрватска би била Албанија. Иако овој предлог може да ги отвори вратите за во иднина и ги прави идните дебати за членство во ЕУ поконкретни, досегашното однесување на ЕУ кон Македонија како држава не дава надеж. На референдумот одржан на 8 септември 1991 година македонскиот народ изгласа самостојност бидејќи не сакаше да остане во редуцирана Југославија. Сосема логично би било да се постави прашањето дали ваков предлог се враќаме повторно во деведесетите години, кога се предлагаше скратена верзија на Југославија. Македонија тогаш одлучно беше против останување во редуцирана Југославија и по осамостојувањето, единствено за Македонија и Словенија комисијата на францускиот правик Роберт Бадинтер даде позитивни оценки дека ги задоволуваат условите за независност. Меѓутоа, иако Македонија ги задоволуваше сите критериуми, тогашната ЕЗ, ги призна само Словенија и Хрватска. Македонија и Франција воспоставиле дипломатски односи на 27 декември 1993 година, со континуирано продлабочување на соработката во разни сфери. Динамичната соработка беше крунисана со две посети на македонскиот претседател Киро Глигоров на Париз, како и со посета на францускиот претседател Жак Ширак на Македонија во февруари 1999 година. Кон крајот на февруари и почетокот на март во 2001 година Париз го посети и претседателот Борис Трајковски. Во меѓувреме Париз беше посетен и од македонските премиери. Во текот на воениот конфликт во 2001 година, во август беше потпишан Рамковниот договор. На 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Свои потписи на договорот тогаш ставија и специјалните претставници на ЕУ французинот Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју. Францускиот амбасадор Ален Ле Роа, беше специјален претставник на ЕУ во Македонија постконфликтно во 2001 и 2002 година. Во рамките на својата тогашна мисија, тој ѝ помогна на земјата повторно да ја воспостави меѓуетничката доверба и да го врати својот углед во Европа. Како пријател на земјата, Ле Роа дојде во Македонија на почетокот на годината по повод петнаесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски. Инаку, македонскиот претседател загина во авионска несреќа кај Мостар на 26 февруари 2004 година. Во 08:01 ч. воздушната контрола на СФОР го изгуби авионот од радарската контрола на подрачјето околу Столац, 30 километри јужно од Мостар. Во тој момент контролата на летот ја извршувале француски припадници на СФОР. Останаа многу неразјаснатаи работи и шпекулации за оваа авионска несреќа. Инаку, во септември 2018 година, Ален Ле Роа му даде силна поддршка на референдумот за промена на името, како предуслов за интегрирање во НАТО и ЕУ. Тогаш тој ќе нагласи дека официјален Париз цврсто стои позади евроатлантските аспирации на Република Македонија. Потикнати од ваквите изјави од европските преставници, спротивно од изјаснувањето на народот, марионетската власт го смени уставното име на Република Македонија и го доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ. Со тоа е доведено во прашање и опстанокот на земјата. Отука треба да се извлече поука дека македонскиот народ треба да има резерви кон разните ветувања кои доаѓаат од разните „пријатели“. |