|
|
Трулеж на системот |
Да, има потреба од ветинг, почнувајчи од судството и полицијата, во Владата и другите институции, па да видиме... Немам намера да пишувам за скандалите на високото образование на високи функционери. За незаконските унапредувања во наставно-научни звања или докторирања и непотизми. За тоа се знае во нашава држава, знаат и странските институции. Со донесениот Закон за високо образование од страна на министерката Рената Дескоска, истиот не само што не е развоен, туку е полош од претходниот, под секоја европска норматива. Без формирани нови тела, кои до ден денес не се создадени, нема студентски собранија, се одлучува без студентите, националниот совет не профункционира. Сето ова е без перспективност за младите. Само декларативно се зборува за тоа како да ги задржиме младите во нашава Македонија, да не одат во странство. Секојдневно го гледаме нивното заминување, за подобар и поперспективен живот и напредок. Во високообразовните институции има 4.232 вработени наставен кадар, од кои 71,7 посто се наставници. Нема подмладок на професорскиот кадар. Издвојувањата за науката и истражувањето е на најниско ниво во Европа и во регионот. Каде ни оди образованието? Во академската 2018/2019 година се евидентирани 136 факултети, со над 2.000 студиски програми. Студиски програми (некои, а можеби и повеќето) се за формално функционирање на факултетите, без направена анализа за потребите на пазарот на трудот. Загрижувачко е што 2,8 отсто од вкупното население се студенти, а од нив најголем дел, 87 отсто студираат на државните универзитети. Која е перспективата? Нема стратегија. И таа што се носи е формална. И затоа сме изложени на критики од странските, па и по некој домашен експерт. Што испорачуваме? Безперспективност. Нема реформи. За правна држава и не станува збор. Институциите се партизирани и нефункционални. Какво ни е правосудството. Деновиве министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, меѓу другото истакна „Овој систем е нефункционален, можеби и корумпиран и има потреба од ветинг“. Со едноставни зборови трулеж на системот. Да, има потреба од ветинг, но г-дине Спасовски ветинг прво од кај вас и вашиот заменик министер и началниците, па во судската фела, Владата и други институции... Така да се бориме против корупцијата. А не декларативно. Тоа што сме декларативци и јаки на зборување, не поминува веќе кај странските држави. Деновиве францускиот амбасадор во нашава држава Кристијан Тимоние меѓу другото изјави: „вие испорачајте и ние ќе ви испорачаме“. Ајде да видиме што ќе испорача Владата и институциите. Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор |