|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - XXXVIII |
M-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор
1. Космополитска Македонија се соочи минатата недела со невиден излив на екстремен национализам и шовинизам на етничка основа што го манифестираа самонаречените "Шверцери", (навивачи на фудбалскиот клуб Шкупи) во салата на Македонскиот народен театар. Од претставниците на албанските партии не чувме ниту една осуда или изрази на жалење за инцидентот, туку само лигави објаснувања дека тоа што се случило во МНТ, а го видовме на ТВ екраните, во суштина не било така како што мислиме!? А владата, демек за да констатира што навистина се случило, формира комисија и тоа како што би рекол големиот Черчил, за да не се заврши работата, т.е. да се минимизира скандалот и да не ги дознаеме фактите за настанот!?
Еве што впрочем дознавме од медиумите: Министерот за култура Хусни Исмаили, во чија надлежност е МНТ, негира било каква одговорност за инцидентот и сета вина ја порефрла на директорката на театарот Симона Угриновска; таа кутрата најавува оставка доколку се констатира нејзина вина... и така се вртиме во круг и ќе испадне дека виновник за скандалот - нема!? Во меѓувреме пристигнаа бројни соопштенија, дури и од "Шверцерите", дека инцидент немало(?), туку дека тие само си одбележувале 30 години од нивното основање!?
Самата помисла дека во културна установа како што е МНТ некаков јубилеј обележувале фудбалски навивачи е тема сама по себе и неизбежно наметнува впечаток дека се работи за осмислена, тендециозна и однапред планирана провокација! Замислите некој фудбалски клуб од Австрија да прославува јубилеј на навивачите во Виенската филхармонија, позната по традиционалниот новогодишен концерт или во Виенската опера, една од најубавите во светот! Не, не, такво нешто е невозможно ни да се замисли, а камоли да се случи. Во нашиов случај, според пишувањето на домашните медиуми, излегува дека пратеникот на ДУИ Артан Груби туку така, по телефон, наметнал да се стави на располагање МНТ на навивачите од Чаир (па кој е тој пратеник што е толку моќен, по телефон, да дава наредби на државни институции од културата!? На кое дереџе спаднавме - немам зборови!). Посебно иритира што прославата на годишнината на "Шверцерите" следела веднаш (во византиски, валкан и лажлив манир) по наводното одбележување на 28 ноември, денот на албанската азбука! Ни лидерот на ДУИ Али Ахмети, (кој од кога е дојден од Швајцарија не изусти јавно ниту збор на македонски иако основно образованиое завршил во Кичево и тоа на м а к е д о н с к и), изјави дека "Не видел ништо спорно во однесувањето на "Шверцерите"!?
Дека станува збор за однапред смислена провокација потврда е и истакнување на голем транспарент во салата на театарот со порека, на албански, "Војници на Скопје" (за какви војници станува збор?), и извикувања "немате историја" и слични навреди и омаловажувања на мнозинскиот народ во Македонија - македонците!?
Дали и овој случај е според веќе видената пракса: Кога Македонија е на прагот да постигне некој меѓународен успех како на пример сосема извесното членство во НАТО и многу веројатното добивање конкретен датум за почеток на преговори за членство во ЕУ на 20 март идната година и сл., да се испровоцира меѓуетнички судир и политичка криза според мене не е далеку од помислата, но загрижува што политичките лидери на некои малцински партии играат многу видливо на таа карта!
Проценетата материјална штета во театарот изнесува околу четири илјади евра, а таа не е проблем да се поправи, но штетата од недовербата (во меѓувреме на општинската зграда во Чаир е истакнато големо знаме на туѓа држава - Албанија!?), на скраневњето на соживотот е многу поголема и ќе треба многу време истата да се санира.
На сликата: Артан Груби прави "селфи" пред почетокот на дивеењето на "Шверцерите" во салата на МНТ
2. Најнов злостор од актуелната анационална влада што ја силува Македонија веќе 2,5 години е подмолното континуирано уништување на споменикот на страдалниците во Граѓанската војна во Грција (1948/49) во паркот "Жена борец" во срцето во Скопје, со што продолжува нивниот вандалски порив на рушење и уништување се што е македонско! По уриштувањето на споменикот на илинденецот Ќосето, сега очигледно е на ред споменикот среде Скопје којшто потсетува на злосторствата извршени над нашите браќа и сестри од Беломорска Македонија од грчките монархофашисти и нивните западни подржувачи пред речиси 70 години.
Паметам, некогаш пред споменикот имаше чешма со два гулаби од мермер! Гулабите ги украдоа, а ни чешмата денес ја нема. Вознемирува што во последно време видливо е континуираното руинирање на споменикот: малиот базен околу него денес е празен а украсните плочки на дното се извадени; железната ограда наоколу е откорната и однесена; мермерните плочки со кои беше оивичен базенот исто така ги нема; но наjстрашно е што неодамна ги снема и плочите со пригодните текстови за страдањата на беломорските Македонци. Случаен минувач деновиве затекнал во глувите ноќни часови како двајца со хебли се обидувале да ја откорнат големата бронзена композиција "Mајка страдалник со мало дете на градите и друго дете води за рака", да ја откорнат - но не успеале бидејки билa добро зацврстена! А кога случајниот минувач ги запрашал кои се тие луѓе, му одговориле дека се "Oд патишта" и исчезнале во ноќта (се работи најверојатно од градското претпријатие "Улици и патишта", што укажува на спрегата градоначалник на Скопје Петре Шилегов - Зоран Заев!!!
Од Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија велат дека скрнавењето на споменикот е во континуитет уште една отстапка од ненароната влада во Скопје према Грција бидејќи на грците им пречело кога на одреден ден во летните месеци пред споменикот се собирале стотици Беломорски Македонци, бегалци!
Загрижува што актуелнава анационална влада нема елементарно чуство почит кон нашите Беломорски браќа (впрочем и кон сите нас), ниту трошка респект кон нивните жртви иа патења.
Е па ред е сите ние заедно да им покажеме на властодржциве како гледаме на ваквото однесување на следните избори на 12 април 2020!
3. Зоран Заев не престанува да не резили со неговото непресметливо и неодговорно однесување. Тој не се корегираше по срамот кога непостоечки "принц на Македонија и Монтенегро" го прогласи за лажен витез (!?), не се спастри по неколкуте телефонски разговори со руски мајтапџии кои лажно се претставија како претседател на Украина! Деновиве повторно не засрами прифаќајки разговор со лажната Грета Тунберг. Што е најзапрепастувачко, разговорот се случил со посредство на македонско дипломатско претставништво (најверојатно амбасадата на РМ во Шведска!?), а по препорака на експертите(!?) за масовни комуникации во кабинетот на Зоран Заев.
До кога бе Зоране??? Свати дека ти не си естрадна ѕвезда да прифаќаш телефонски повици од улица за да ти се дигне рејтингот. Како не сваќаш, не само себеси, туку не страмиш сите нас, како земја и народ!
4. Наместо многу најавуваното лого на Зоран Заев и СДСМ "Едно општество за сите", Македонија се повеќе наликува на дивиот запад. Се пука од огнено оружје насекаде, а последниот вооружан инцидент се случи минатата недела кога тројца маскирани со балаклави (се дозна дека биле трговци со тешки наркотици), наоружани со автомати влегле во ресторанот на елитниот скопски хотел Александар Палас и почнале да пукаат кон група посетители. На нивна среќа на масата бил и полицаец во цивил, кој тогај не бил на должност и со службениот револвер испукал дури 11 куршуми, по што напаѓачите побегале со украдено возило што подоцна било пронајдено изгорено, а во него имало изгорени и две автоматски пушки од типот "Калашников".
Но има нешто чудно во целава оваа операција со пукањето во хотелот "Александар палас", а тоа е прашањето: како е можно на фрчат калашникови од една страна, а од другата страна полицаец во цивил да испука дури 11 куршуми и во сета таа мешаница да нема ниту еден ранет??? Сосема разбирливо! Па авторот на сценариото за оваа ујдурма не предвидел ранување. Имено, атуелниве власторжци се махери да ја замајаваат јавноста и како на филмска лента да фабрикуваат афери со цел да се дефокусира јавноста од секојдневните животни и егзестенцијални проблеми со кои се соочува Пушкарањето во "Александар палас" е само една од низата (со неа се покри скандалот со руинирањето на МНТ) - до утре или задутре, ќе видиме!?
Ете тоа се "убавините" што ни ги донесе владата на СДС и ДУИ, а што ни ја наметнаа нашите стратегиски партнери од странство! Владата наместо да гради - руши, наместо мир и благосостојба за граѓаните донесе насилие по улиците, масовна сиромаштија и иселување!
|