|
|
Бранко Героски: Ова се твоите успеси, другар Заев! |
Ова се твоите успеси, другар Заев!Лидерот Зоран Заев го повика членството на СДСМ до изборите да зборува само за успеси. Иако не сум член на ниту една партија, го прифатив предизвикот - ова е мојот список на најголемите успеси на премиерот Заев. Во ред, другар Зоран Заев, штом толку инсистираш, еве, ќе зборувам и јас само за твоите успеси. Вечерва не можам одеднаш за сите, се разбира, бидејќи се многубројни. Ќе почнам од почеток и ќе ги спомнам само оние што ми се чинат најважни. Дојде на власт без изборна победа Да, така беше. Ти успеа да дојдеш на власт без победа на изборите. Со два пратеника помалку од победникот. Со силна поддршка од борците против режимот на Никола Груевски и од меѓународната заедница, како и со пресвртната одлука на Али Ахмети, успеа да составиш малцинска влада. Секоја чест! Не велам дека тоа е лошо, само те соочувам со тој факт, бидејќи таа ноторна вистина кај тебе требаше да побуди потреба да ја искористиш шансата и да се обидеш да ја намалиш конфликтноста во општеството, да ја обедини нацијата. А ти веднаш почна да се однесуваш како триумфален победник. Победник на зелена маса… Се опкружи со апаратчици и со апологети
Со исклучок на неколку способни и посветени луѓе (имаше и има такви во твојата влада), ти успеа во твоето најблиско опкружување да собереш главно партиски апаратчици, апологети и полтрони, советници на кои всушност им е потребен другарски совет дека ја згрешиле адресата, како и интриганти и евтини пропагандисти. Едноставно, околу тебе има премногу луѓе на кои им недостасува не само знаење и способност да решаваат едноставни проблеми, туку и желба да се потрудат да научат нешто. Кога ова ти беше кажано на самиот почеток на мандатот, ти успеа да подигнеш бедем на одбрана на твојата одлука, не сфаќајќи дека тој бедем е керпич што ќе се распадне при првите удари на аргументираната критика, при првата посилна бура што ќе ја предизвикаат кризите и аферите од кои не може да избега ниту една влада. Тоа и се случи. Поттикна говор на омраза, лажни вести и манипулации Успеа да ги замразиш своите критичари и да ја поттикнеш целата партиска и владина машинерија, вклучувајќи ги тука и медиумите што ги освои (знаеме како), да те бранат со еден недостоен говор на омраза кон твоите критичари, со ширење лажни вести и манипулации, со црна пропаганда и со кампања со која успеа да нѐ потсетиш на „славните“ достигнувања на твојот претходник Никола Груевски. Не верував дека ќе успееш во тоа, но ти ме изненади. Го реши спорот со Грција, но не беше искрен со нас Да, ти успеа да го решиш спорот со Грција. Секоја чест! Но, успеа со договор кој ги надмина твоите ветувања кон нацијата. Да те посетам, ти ни вети дека компромисното име ќе биде само за меѓународна употреба и дека нема да се менува Уставот. Додека дишам, велеше, Уставот нема да се смени. Гледам, уште дишеш и ти посакувам да си се изнадишеш уште долго. Можеби беше принуден да ја платиш таа цена, ама ти не беше искрен со нас, со граѓаните на Македонија. Нѐ излажа, другар Заев. И покрај и наспроти тоа, многумина ти простија. Јас ти простив јавно. И јавно те поддржав. Бидејќи мислам дека тоа е добар договор, покрај сѐ. И многу други те поддржаа. И баш нас најмногу нѐ замрази… Го „преживеа“ неуспешниот референдум Изгледа дека ти сепак не успеа да си простиш. Сакаше да бидеш сигурен дека мнозинството на граѓаните на оваа земја го прифаќаат Преспанскиот договор, со истата, неподнослива леснотија, со која ти го прифати. И покрај предупредувањата да не го правиш тоа, ти свика референдум. Кој не успеа. Згора на тоа, ти се обиде да ја убедиш јавноста во спротивното, дека референдумот некако бил успешен, дека два и два сепак биле пет, а не четири. И бидејќи времето лечи сѐ, ти некако го „преживеа“ референдумот. А по правило, за таков неуспех се дава оставка, тоа е барем јасно. Удри по македонизмот со сета сила Успеа Преспанскиот договор да го промовираш во твое маестрално достигнување, достојно за кандидатура за Нобеловата награда за мир (која, нормално, не успеа да ја добиеш). Успеа новото компромисно, но службено име на нашата земја (Република Северна Македонија), како и придавката изведена од тоа име, да ги наметнеш како обврска во секојдневниот говор на сите службени лица, што не е обврска од договорот што го потпиша. Го повторувавте тоа ново име како папагали. А немате обврска. Тоа поттикна некои од твоите најголеми медиумски поддржувачи да објават дека Македонија треба да умре, дека македонизмот веќе е мртов. Се родија дури и идеи да ја смениме химната, да се откажеме дури и од „неспорниот“ дел од нашата историја, оној кој ти самиот го именуваше како историја на „Република Северна Македонија“. Тоа од никого непобарано и непредизвикано самонегирање на нашата нација, е твој успех, другар Заев. За кој не ти простувам. Не доби датум за ЕУ „по вина на Макрон“ Успеа да ја убедиш нацијата во ноторната лага дека после Преспанскиот договор, нашата земја веднаш ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија и дека тоа е само техничко прашање, бидејќи сите други барања во поглед на реформите биле исполнети. Сите што зборуваа дека тоа не е така, дека во многу области нема ни „р“ од реформите што се бараа уште во извештајот на Прибе, ти успеа да ги етикетираш како „кочничари“ на нашиот пат кон ЕУ. Твојата пропаганда детално ја разработи таа теза, до невидена вербална агресија кон твоите „непријатели“. И потоа, кога сепак не добивме датум, ти успеа вербалната агресија да ја насочиш кон францускиот претседател Макрон и кон францускиот амбасадор Тимоние, иако долго време пред самиот на ЕУ ти знаеше што ќе се случи. Знаеше дека Франција ќе инсистира на нов модел на преговори со земјите кандидатки за членство, дека Германија нема да се противи на тоа, дека се подготвува т.н. Мал Шенген, дека многу сериозно се заговара менување на архитектурата на ЕУ итн. Твоите спинери разочарувањето од твоето владеење, за кратко, успеаја да го трансформираат во разочарување од ЕУ. Но, само за кратко, бидејќи европските лидери набрзо ги смирија страстите и постигнаа единство околу потребата Македонија да продолжи и да ги засили реформите и така да патува кон Европа, без оглед што возниот ред допрва ќе се утврди. Правиш драма од ратификациите за НАТО Сега се трудиш и делумно успеваш ратификациите на земјите членки на НАТО, после нашиот формален прием во оваа организација, ратификациите кои навистина се само техничко прашање, да ги прикажеш како политички достигнувања. Згора на тоа, тешкотиите околу ратификацијата од страна на Шпанија, ти се обидуваш да ги искористиш како алиби за одложување на изборите. Иако цела Македонија е сведок дека на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, ти и сите други лидери се согласивте вонредните избори да се одржат на 12 април. Патем речено, ти лично го прифати предизвикот и повика на предвремени избори. И тоа наспроти мислењето на многумина, меѓу кои бев и јас, дека не се потребни предвремени избори, туку интензивно ангажирање на власта и на опозицијата на планот на реформите. Го реши спорот со Бугарија, па пак го замрси Да, другар Заев, ти успеа да го решиш и спорот со Бугарија, ама и да го замрсиш пак. Со многу твои лични несериозни постапки, со многу спорни изјави и одлуки на твојата екипа, ти истовремено успеа да ја испровоцираш официјална Софија да ги отвори болните прашања, за кои двете земји спорат со децении – прашањата за постоењето на македонскиот јазик и за самобитноста на македонската нација. Јас тврдам и сум сосема убеден дека твоите партиски апаратчици и невротични пропагандисти непотребно го пуштија духот од шишето и сега односите меѓу Скопје и Софија непотребно се усложнија, до степен што некои од прашањата што се чинеа и што се објективно лесно решливи, денес изгледаат како равенки со три непознати. „Се претера“ и со двојазичноста Твој успех е и решавањето на јазичното прашање на Албанците во нашата земја, договорот за двојазичноста, кој беше критикуван, но доби и силна поддршка. Меѓу другото, ја доби и мојата поддршка. И таа подршка од мене остнува. Иако, да бидеме искрени, сите сме свесни дека во некои сфери, како што е судството, на пример, имплементација на двојазичноста може да придонесе до комплицирање и до забавување на процедурите, а со тоа и до повреда на други, не помалку важни човекови права. На тоа укажа и извештајот на Венецијанската комисија, кој сега се обидувате да го отфрлите со евтини спинови. Си купи албански гласови, ама не и за овие избори Тоа, за жал, нема да ти помогне да ја купиш трајната наклонетост на ДУИ и на Али Ахмети, или на другите албански политички партии. Нема, зашто тие знаат дека на последните претседателските избори, ти успеа во некои албански средини, со клиентилистички методи (во Арачиново сте ветиле триста „пилоти“, ако ти текнува), да купиш гласови за победата на Стево Пендаровски. Тоа беше непотребно, бидејќи тие гласачи секако ќе се определеа за него. Идејата, всушност, ти беше да оформиш контингент албански гласови за следниве парламентарни избори. Офсајд, друже Заев! Тој краткорочен успех албанските политички асови нема да ти го заборават. И немој да се надеваш дека ако не успееш да победиш на следните избори, за Пендаровски да ти го додели мандатот да составиш влада, дека Албанците пак со тебе ќе прават малцинска влада, зашто така ќе им кажеле странците. Тие бајки одамна се минато. Економијата напредува, стопанствениците вријат од нервоза Да, сум кажал и порано и пак ќе кажам – како успех можеш да си припишеш извесен напредок во економијата. Но, немој да се залажуваш, другар Заев. Стопанствениците од реалниот сектор на економијата не се задоволни. Море вријат. Мислам дека ти тоа го знаеш, бидејќи слушам дека тоа сѐ поотворено и сѐ погласно ти го кажуваат. Државната каса за следната година ја димензионираше на рамниште на „воен буџет“. Пред избориве најавуваш масовни вработувања во ионака прекубројната администрација. Најави даночна реформа, па ја откажа. Настрада министерот. Сега си фокусиран на популистички мерки, на директно уфрлање пари во народот, пари без покритие, пари за кои Македонија енормно ќе ја задолжиш. А тие позајмени пари не одат за капитални инвестиции, туку главно за непродуктивни трошоци. Секоја година твојата влада очајно потфрла во реализацијата на капиталните инвестиции. За овие три години, ти успеа да отвориш само еден автопат, оној од Миладиновци до Штип, што беше целосно изграден во времето на Груевски. А и тоа со сила те натеравме… Досега требаше да бидат готови и новиот Клинички центар и многу други навистина капитални објекти, од кои нема ништо. Пари има, но се користат за зголемување на социјалните трансфери, за повисоки плати во администрацијата, со еден збор – за купување гласови пред изборите. Тука си успешен, симнувам капа. Грујо може вода да ти носи. Ја уништи надежта за правда и мир Твојот најголем успех, другар Заев, е што ја разочара нацијата и ја уништи надежта дека некогаш ќе има правда и мир. Се сеќаваш, „нема правда, нема мир“ беше централниот слоган на револуцијата што те донесе на власт. Наместо веднаш да се зафатиш со коренити реформи во судството – што подразбираат подобрување на системот, на легислативата, на процедурите, на квалитетот на правосудната пракса, едноставно усогласување на сите овие клучни елементи со европските регулативи и со европската пракса – ти и твоите советници реформите ги сфативте како естрадно воведување Јакобинска правда. Беше тоа најсилен и најопасен изблик на твојот популизам. Ти успеа да формираш револуционерен суд, т.н. прек суд, единствен таков во модерна Европа (ако не се смета Хашкиот трибунал). Тоа беше Специјалното јавно обвинителство. „Трите грации“. На чело со Катица Јанева, жената што требаше да донесе и правда и мир. Најголем дел од истрагите и процесите што ги покрена СЈО, се водеа аматерски, наспроти процедурите, со кршење на самиот закон за ова обвинителство и со огромна поддршка од брифираните медиуми и од јавноста жедна за правда. И веројатно тој пир ќе беше истолериран од меѓународната заедница и ќе беше прокнижен како твој успех, да не се случеше она најлошото – да не дознавме за аферата „Рекет“, за врските на Јанева со една рекетарска група, но и за неверојатните факти за начинот на кој СЈО бил буквално корумпиран од власта, со огромни надоместоци за кои нема никакво логично објаснување и оправдување. Се посрамоти со Катица Јанева и со „Рекет“ Поради силната желба да се забошоти, или барем да се намалат политичките штети од овој невиден скандал, ти успеа, другар Заев, самиот да се посрамотиш, упорно бранејќи ја Јанева и негирајќи ја политичката поддршка што актерите на оваа афера ја добија токму од владата на СДСМ. Да беше поодговорен и похрабар премиер, ти можеше да ги санираш политичките штети од аферата (кои не се само твои, туку се штети што ги трпи целата земја), но ти не беше спремен на жртви. Напротив, се стави во одбрана на дел од актерите на аферата и се нафрли врз оние кои ја обелоденија. Врз мене, најмногу. Твојата пропагандна машинерија во моментов врши притисок врз процесот и врз судот и жестоко се пресметува со сите што се осмелуваат да говорат за „Рекет“ и за разочарувањето што ни го приредија луѓето кои требаше да биде новото лице на македонската правда. Твојата пропаганда е како Грујовата, пуштена на најјако Можам да зборувам и за твоите успеси на многу други полиња. Го прифаќам твојот апел до членството на СДСМ до изборите да се зборува само за твоите успеси (иако не сум член на СДСМ) и така и јас ќе правам. Овој денешен попис ќе го завршам со уште еден твој успех, што мене лично најмногу ме засега. Ти успеа силно да ја рашириш омразата кон твоите политички противници и кон твоите критичари. Јас денес сум твој критичар, како што бев жесток критичар на режимот на Груевски. Во она време, не се симнував од насловниците на Грујовите медиуми. Бев изложен на притисоци, закани, напади. Тогаш ти годеше тоа. Тогаш ме прислушуваа, ама сега физички ме следат. Како и да е, не дочекав Груевски лично да ме дисквалификува, како што ти ме нарече „суетен новинар“. Тогаш недугавите ми се закануваа со „рамна плоча“, денес ми се закануваат со бесење. Во што е разликата? Да ги соберам сите навреди на кои бев изложен во тие десет години, не ќе се повеќе од навредите на кои твоите полтрони ме изложуваат секој месец. А да сум само јас… Под закани, навреди и тотална интимидација се десетици луѓе кои се на списокот за отстрел на твојата пропаганда. На сите страни фрчат „бомби“, компромитирачки материјали, интриги, анонимки, озборувања. Се повредува приватноста на луѓето, се повредуваат нивните семејства, се вознемируваат нивите пријатели. А сѐ со цел тие луѓе да се отстранат од јавната сцена, да се замолкнат и со компромитации да се обеснажи нивниот јавен збор. И тоа е твој успех, премиере. Од мене честитки за твоите успеси. Иако знам дека посакувате во капка вода да ме удавите, да ме снема, да снема многу други што храбро ја говорат вистината, јас сепак не успеав да те замразам, другар Заев. Но, нема да те лажам, во себе веќе не наоѓам никаков мотив да барам оправдувања за твоето поведение. Пардон, за твоите успеси. Ми поминаа и разочарувањето, и гневот, и депресијата. Сега, едноставно, сум рамнодушен. Сега можам за твоите достигнувања да пишувам смирено, неоптоварен од емоциите, кои ме спречија да те „прочитам“ на време и како што треба, без нереалните очекувања и без предрасудите што ме измамија во тебе да го видам она што објективно го нема. Никогаш го немало… |