|
|
Еднаш засекогаш треба да се острани главата на октоподот |
Свекрва Веќе три децении главата на октоподот кој има пуштено пипци насекаде во земјата ја уништува Македонија. Иако уште од времето на „ТАТ“ беше најавено нејзино истребување, до денес беа отсечувани само поедини краци, додека останатите успешно цицаа од мајка Македонија. Најновата афера „Рекет“ која допира со своите краци до највисоките власти покажа дека октоподот е сеуште жив и дека е потребно оваа година еднаш засекогаш да му се стави крај, да се острани неговата глава ако сакаме Македонија да функционира како држава. Во новата 2020 година Македонија ја очекуваат предвремени парламентарни избори, спроведувањето на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, потоа спроведувањето на Законот за јазиците и препораките на Венецијанската комисија, како и членството во НАТО и чекањето на датум за почетокот на преговорите со ЕУ. Тоа се само дел од предизвиците кои ја очекуваат земјата. За да може успешно да се справи со сите предизвици кои ги носи новата година Македонија мора да се обедини и под итно да се ослободи од Заевизмот кој и нанесе толку многу штета не само на македонскиот народ, туку и на останатите заедници кои живеат во земјата. По промената на името на државата, со што е доведен во прашање и идентитетот на македонскиот народ, Заевистите го доведоа во прашање опстанокот на државата. По редефинирање на политичката моќ на светските сили, Македонија која се наоѓа на „линија на огнот“, повторно е изложена на никогаш не заборавените аспирации на соседите. Од соседна Бугарија отворено ни порачуваат дека не постои македонски народ и македонски јазик. Тие постојано говорат за еден народ во две држави. Затоа нема да не изненади ако еден ден од нивна страна дојде до барање за бришење на границата меѓу двете земји, како што тоа го бара претседателот на Косово, Хашим Тачи. Имено, тој неодамна го повика албанскиот премиер Еди Рама да потпише „меѓудржавен“ договор за отстранување на границата и царината меѓу двете земји. Тачи кажа дека Косово е подготвено да го стори тоа, наведувајќи дека Албанците од двете страни на границата се „браќа и иста нација“. Колку и да има политички маркетинг во повикот на косовскиот претседател, воопшто не треба да се заборави на континуираната албанска политика за реализирање на големоалбанската идеја, како што не треба да се занемари ни однесувањето на источниот сосед. Инаку, турболенциите во регионот кој ги најави уште во февруари 2015 година поранешниот државен секретар Џон Кери сеуште не се завршени. Поради растечката моќ и влијание на Москва на Балканот, тогаш тој изјави дека „кога станува збор за Србија, Косово, Црна Гора, Македонија и други... тие се на линијата на огнот“. Како потврда на тоа беа и акциите на самонаречениот „бомбаш“ Зоран Заев. Имено на почеток на истата година Зоран Заев кој денес се поистоветува со „Бошко Буха“, наместо да ги предаде монтираните илегално прислушувани разговори до јавното обвинителство, започна со објавување на „бомби“ по кој дојде до дестабилизација на земјата и со сила до промена на власта. По доаѓањето со сила и поддршка од некои западни дрѓави на власт Заевистите наводно го сменија името на државата за да таа влезе во НАТО и за да го избегне распадот на земјата. Но, Шпанија сеуште го нема ратификувано протоколот и прашање е кога ќе го направи тоа, откако привремениот шпански премиер Педро Санчез ја пропушти првата шанса да добие согласност од шпанскиот Парламент за формирање левичарска коалициска влада. Сепак, дури и да сме членка на НАТО, организацијата нема сила и не може да се меша во односите меѓу две нејзини членки. Така на пример, Турција која е членка на НАТО, не беше спречена да интервенира на Кипар во јули 1974 година. Исто така, во поново време таа не е спречена да интервенира во Сирија, како и да донесе одлука да испрати своја војска во Либија, со што дополнително ќе ги заостри односите со Грција. Светот во 2020 година нема да биде ист, особено по последните случувања меѓу САД и Иран. Затоа Македонија треба да биде внимателна и обединета. Мора да се врати кон корените и истовремено мора да ги ресетира сите институции започнувајќи со отстранување на сите неспособни кадри поставени на раководни места, кои Заевистите ги подметнаа за да се направи нефункционална држава. И она што е најважно еднаш засекогаш треба да се острани главата на октоподот чии пипци веќе три децении го цицаат народот и ја уништува земјата. Расчистувањето со аферата „Рекет“ во оваа нова 2020 година треба да биде почеток со справување со сите негативни појави во земјата и почеток на опоравување на Македонија. |