|
|
БЕЗ НАЦИЈА И ЦРКВА – НЕ ПОСТОИ ДРЖАВА |
Го пишувам текстов денеска, на ден Духовден, ден Педесетница, ден кога апостолите биле собрани на едно место во Ерусалим, биле 12 на број, зашто местото на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, еден од неговите ученици. Ден кога со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат, а околу нив, во заедница, биле присутни и првите христијански ученици и верници и, што е најважно, настаните на Педесетницата станале очигледни за сите нив, а не само за достојните. Токму затоа, овој чин се смета за основање на христијанската црква, па до ден денес, овој ден се слави како роденден и темел на Црквата. Црквата, како темел на народот и државата. Како чувар на традициите и културата низ вековите што минале, но и како гарант на вековите што допрва доаѓаат. Гарант за постоењето на еден народ и на една држава. И зошто токму денеска чувствував дека треба да го напишам текстов што следи? Заради темелите што и ги разнишаа ? Заради роденденот што не смее да го прослави во заедница со сите ученици и верници ? Заради обидот да ја оттргнат од местото што и припаѓа како гарант за нашето постоење низ вековите што допрва доаѓаат ? Заради поделбата што и ја подготвуваат ? Или заради сето ова заедно ? За да станат нештата појасни, по којзнае кој пат ќе се навратам на Вестфалскиот мир од 1648 година, кога по принципот на суверенитет се создава двојството “нација-држава“, како претпоставка за создавање на нов систем на политичкиот поредок во Средна Европа, кој подоцна, заради европската моќ и влијание, се проширува низ целиот свет. Притоа, на светиот римски цар Фердинанд Трети, спротивно на уставот на Светото Римско Царство, му била одземена моќта и им се вратила на владетелите на кралските членки, со што тие, самостојно одлучуваат за своите верски обожувања. Римокатолицизмот и протестантизмот биле редефинирани како еднакви пред законот, а, за прв пат, законски е признаен и калвинизмот. Независноста на Холандската Република, пак, во тој момент, обезбедила безбедна земја за европските Евреи. Се сметало дека на тој начин, на териториите на западното христијанство, се разрешуваат верските недоразбирања, дотогашните предизвикувачи на крвави војни. Единствено тогашниот Папа, Инокентиј Х, го нарекол овој договор “нула, празнина, неважечки, неправеден, отвратителен, развратен, пуст, празен во значењето и ефектот за сите времиња“, на чии зборови Ватикан се придржува и ќе се придржува “за сите времиња“. На територијата на источното христијанство, православието, речиси 250 години подоцна, со помош на кралските лози од веќе моќните и желни за влијание западнохристијански држави, а заради намалување на моќта на Отоманската империја, се создава тројството “нација-држава-црква“, па, на омеѓената со граници територија се создава нација од оние кои се затекнале таму и црква омеѓена со државните граници. Православието почнува да се дели според воспоставените државни граници, па наместо народите на кои природно им припаѓа, нациите стануваат “сопственици“ на црковната епископална поставеност. Со тоа, тројството почнува да функционира, па нацијата и националната Црква се двата столба без кои државата не може да постои. Зошто е ова од животна важност, особено денес и, особено за нас, Македонците? Затоа што човекот, кој според сопствените зборови, животот го учел по зелените пазари низ поранешната СФРЈ, можете да го замислите како на свои петнаесеттина години, со раката на срце, им се обраќа, на пример, на муштериите на некое белградско зелено пазарче, на “течен“ српски, со зборовите “жими мајке ми, све пиперке у вречи су убаве“, обидувајќи се расипаните пиперки да им ги подметне во средината на вреќата. Таа психологија на ситен пазарџиски измамник, Зоран Заев, за жал, ја внесе и во политиката, сметајќи дека така ќе успее да ги измами сите – Албанците во државава, но и официјални Софија и Атина. Притоа, свесен или не, дека наспроти неговата ситноизмамничка пазарџиска политика, стојат децениски, подобро речено, вековни стратегии на соседните држави. Па таков, стана лесен плен за стратегиските мрежи на соседите, кои, тапкајќи го по рамо, му ги поднесоа на потпис, со децении подготвуваните стратегиски документи во Атина, Софија и Тирана. Документи за непостоење на македонскиот народ и македонската држава. Така, со веќе потпишаниот договор со Атина, со промената на името на државава, тој го оневозможи постоењето на македонска нација, како дел од македонското тројство содржано во името Македонија – македонска држава, македонска нација, македонска црква. Со тоа, го избриша еден од темелите за постоење на државата – нацијата ( денес, наместо припадност на македонската нација, имате три коси црти ). Денес, пак, на ужас на сите разумномислечки, Зоран Заев, свесно или не, работи на уништување и на вториот темел од тројството, а толку потребен за постоење на државата – Црквата. Имено, преку неговиот духовен “гуру“, Владиката Наум, внесува поделба внатре во Светиот Синод на Македонската православна црква. Владиката Наум кој се јавува како духовен татко на двајца премиери во моменти на рекомпонирање на македонската држава – на семејството Георгиевски во време на потпишување на капитулантскиот Рамковен договор со кој националната држава на македонскиот народ се рекомпонира во “држава на заедници“; и на семејството Заеви кога македонската држава се рекомпонира во држава со друго име, се брише постоењето на македонскиот народ и македонската историја. Со поделбата во Синодот, примерот со владиката Пимен, кој во својство на доктор епидемиолог, како стручен за карантинско лекување, застана наспроти повикот на владиката Агатангел за посета на божјите храмови заради оддавање почит на починатите, што дури ни со неговите карантински мерки не беше забрането, внесува поделба меѓу верниците, што може да има катастрофални и несогледливи последици. И конечно, со носењето на мерки за полициски денови (не часови), токму за време на Велигден, Задушница и Духовден, перфидно, преку своите медиуми, го насочува незадоволството на верниците, не кон сопствената неспособност, туку кон мајката Црква, која, нели, не се спротивставила на овие мерки, а која, реално, не може да се спротивстави на ваква брутална диктатура. Така, се прави подмолен обид за поткопување на довербата кај верниците, за да се разделат верниците и Црквата, па таа да остане незаштитена од своето верно “стадо“. Со сето ова, за жал, до снеможеност се ослабува позицијата на Македонската Православна Црква, се отвора пат за се’ поинтензивно вмешување на соседните цркви во нејзините активности, со што се навестува можност и за нејзино рекомпонирање. Со тоа, би бил уништен и вториот темел на тројството “држава-нација-црква“, па државата Македонија без македонска нација и македонска црква едноставно би се распаднала. Влијанието на двете глобалистички стратегии, она на комунистичка Кина и она на американската длабока држава, за уништување на црквата како заштитник на верата и традицијата, само оди во полза на оние кои работат против нашата света Црква. Тоа е подолга тема, за која ќе пишувам во својот нареден текст. Се’ ова што ни се случува, како во време на Педесетницата, мора да стане очигледно за сите, а не само за достојните. Македонскиот народ, верниците, но и оние кои тоа не се, имаат право да го знаат сето ова и, нормално, да му се спротивстават. Пред да биде премногу доцна. Авторот Страшо АНГЕЛОВСКИ е Претседател на МААК |