Среда, 12 Февруари 2020    PDF Печати Е-пошта
Горна Ѓоновица – копнеж, предизвик, перспективи

gonovica1

Селото Горна Ѓоновица се простира на падините на планината Буковиќ

Пред некоја година, планинарско-спортскиот клуб „Бистра“ од Гостивар трасира и обележи планинарска патека од Горна Ѓоновица до кичевското село Зајас, која минува низ прекрасни предели на планината Буковиќ. Пештерата Убавица, рибникот „Бигор“, недопрената природа, чистиот воздух се предизвици за развој на туризмот и на други стопански дејности

РАСКАЖИ НИ ЗА МАКЕДОНИЈА

На крајот на јануари го посетивме селото Горна Ѓоновица, кое се простира на падините на планината Буковиќ, на 810 метри надморска височина. Иако зимата го достигна својот зенит, снегот го нема, односно белините се задржани на осојничавите места, што не беше случај во изминатите години кога снежната покривка изнесуваше и над половина метар. Ведрото и сончево време ни овозможија попријатно да се чувствуваме и да уживаме во убавините на недопрената природа и чистиот воздух. Петнаесетте километри од Гостивар ги минавме за дваесетина минути возејќи се со автомобил по сув асфалтен пат.
Прошетката ја започнавме на неколку стотина метри источно од првите куќи на Горна Ѓоновица. Пешки се упатуваме кон селото, во друштво на нашите домаќини, 62-годишниот Маренко Милошески, фармер, сопственик на ранчот „Маренков“, и 66-годишниот Игне Анѓелковски, пензионер.

gonovica2

Со доброволни работни акции, со сопствени парични средства и донации, во 2005 година ја реновирале црквата „Св Никола“

– Најубавите години од животот ги минавме во нашето село Горна Ѓоновица. Спомените не се забораваат. Постојано сме тука и никогаш нема да се откажеме. Со дваесетмина истомисленици сме фанатично вљубени во овој предел и со разновидни активности го враќаме животот. Со заеднички сили решивме неколку комунални и други проблеми и создаваме пристојни услови за живеење, а со тоа овозможивме сожителите да почнат да се враќаат, да ги реконструираат напуштените куќи, се градат и нови, се обработуваат напуштените плодни површини. Иако нивните родители се иселиле пред повеќе од половина век, многумина покажуваат интерес наследените куќи да ги оспособат за живеење. Во последниве десетина години се изградени 17 куќи – велат Милошевски и Анѓелковски.

Пишани документи за настанокот и за историјата на селото Горна Ѓоновица не постојат. Селото е од збиен тип со две маала, Горно и Долно. Во 1947 година по ослободувањето на Македонија од фашистичкиот окупатор, беа регистрирани 32 куќи, а во 1961 година живееја 164 Македонци. По 41 година, со последниот попис од 2002 година, беа регистрирани само 8 жители.
Истражувања вршел доктор Јован Ф. Трифуновски од гостиварското село Вруток, а резултатите ги објавил во 1976 г. во книгата „Полог, антропогеографски проучувања, населби и потекло“. Меѓу другото, тој за оваа селска населба забележал: „На местото каде што се наоѓаат Горна и Долна Ѓоновица, многу порано постоело старо македонско село, кое имало 354 куќи. Тоа село било разбиено. Црквата и гробиштата на старата населба се наоѓаат на денешните муслиманско-арбанески гробишта во Долна Ѓоновица. Старото село било раселено во некоја војна пред двесте и повеќе години.

Раселувањето било извршено во времето кога биле уништени и други блиски македонски населби“. Црквата на старото македонско село не постои, но затоа православните гробишта постојат, оградени се со бодликава жица и сочувани“.

– Сѐ до седумдесеттите години во Горна Ѓоновица имаше живот. Детскиот џагор беше присутен насекаде, имаше веселби, свадби и крштевки, домашни и селски слави. Жителите ја обезбедуваа егзистенцијата со сточарството и земјоделството. Дури и децата работеа. Со овчарство се занимаваа неколку семејства што имаа над 2.000 овци, речиси секоја куќа имаше по неколку крави, коњи, а се обработуваше и плодна површина. Се садеа пиперки, домати, компири, пченка, грав, имаше овоштарници со јаболка, сливи, ореви. Се одгледуваше и тутун, неколку семејства се занимаваа со пчеларство. Значајно беше и тоа што педесетина горноѓоновичани работеа во државните претпријатија „Македонски железници“ и „Македонија пат“ – се сеќава Милошевски.

За масовното иселување на жителите на Горна Ѓоновица во 1970-тите години пресудно било укинувањето на железничкиот сообраќај на теснолинејката Гостивар – Кичево – Охрид, што минувала под селото, каде што била железничката станица на популарниот воз „Ќиро“. Превозот бил редовен, евтин и безбеден. Него го заменила новата железничка пруга со нормален колосек изградена по нова траса, подалеку од селото, возот што сообраќа е недостапен за неговите жители. Условите станале уште потешки за живеење кога во употреба била ставена современата патна сообраќајница, западната магистрала Гостивар – Кичево, преку превојот Стража. Не само што Горна Ѓоновица била отсечена од светот, туку над педесетина луѓе биле отпуштени од работа. Горноѓоновчани беа принудени пешки да одат по 30 километри во Гостивар, за да завршат некоја административна или друга работа, да појдат на пазар или на лекар. Во тие години било укинато и училиштето во кое децата учеле од прво до четврто одделение, а повозрасните деца од петто до осмо одделение пешки оделе во селото Симница, оддалечено 5-6 километри. Условите за живот биле неподносливи, особено во зимските месеци кога дебелината на снежната покривка надминувала и еден метар. Ниедна од надлежните државни институции не покажала интерес да им ги ублажи маките на горноѓоновичани и неизбежно било масовното иселување, останале само неколку пензионери.

gonovica3

Пред некоја година, планинарско-спортскиот клуб „Бистра“ од Гостивар трасира планинарска патека

– Животот во нашето село никогаш не згасна и не дозволивме да се случи најлошото, да го снема од географска карта. Пред неколку години изградивме бетонски мост на Ѓоновичка Река, ни беше голем проблем со возило да пристигнеме во селото, особено кога реката ќе надојдеше по топењето на снегот. Поради ова бевме принудени да ги остававме автомобилите пред реката и пешки да одиме по 5-6 километри за да стигнеме во куќите во селото. Потоа со помош на локалната власт успеавме да ги асфалтираме неколкуте километри макадамски пат, нерамен и со ударни дупки од Долна Ѓоновица до нашето село. Времето за патување со автомобил се скрати, ги снема маките и нервозите, ги зачувавме и возилата – вели Рајко Савевски, градежник, кој за една година со семејството ќе се врати да живее во селото.

Со доброволна работна акции, со сопствени парични средства и донации, во 2005 година ја реновирале црквата „Св Никола“ од 1908 година, осветена четири години потоа. Со жичена ограда ги заградиле и ги уредиле гробиштата. Во завршна фаза на изградба се наоѓа тремот, кој ќе се користи за црковни прослави и слави. Изградиле и неколку апартмани за гости и посетители, и други придружни простории.
Маренко Милошевски, стечаен работник, сфатил дека егзистенцијата за семејството може да ја обезбедува, како неговите предци, со земјоделска работа.

– Со помош на сопругата и на синовите Ивица и Игор, формирав фарма за одгледување кокошки носилки, товам свињи, ги обработувам плодните површини на кои садам градинарски култури, имам овоштарник, собирам и шумски плодови, задоволен сум од приходите. Планирам да го зголемувам и проширувам производството бидејќи имам услови. Со пласманот на производите немам проблеми, побарувачката е поголема од можностите – вели Милошевски.

Пред некоја година, планинарско-спортскиот клуб „Бистра“ од Гостивар трасира и обележи планинарска патека од Горна Ѓоновица до кичевското село Зајас, која минува низ прекрасни предели на планината Буковиќ. Пештерата Убавица, рибникот „Бигор“, недопрената природа, чистиот воздух се предизвици за развој на туризмот и на други стопански дејности. Планинари од повеќе места на Македонија доаѓаат и ја минуваат планинарската тура, некои од нив се заинтересирани за неколкудневен престој. Од ова лето заинтересираните гости ќе можат и да ноќеваат во апартманите, некои семејства планираат да обезбедат соби за сместување гости.

gonovica4

Пештерата Убавица е природна реткост

Во непосредната близина на Горна Ѓоновица, на петнаесеттиот километар на стариот пат Гостивар – Кичево, се наоѓа пештерата Убавица. Располага со прекрасен пештерски накит во најразлични бои и нијанси. Од досегашните истражувања на спелеолозите, пештерата е долга 1.300 метри во правец југ – север. Низ средината минува канал со вода, има мало езерце и водопад висок околу 7 метри. Кум за името на пештерата е Душан Манаковиќ, кој ја откри со екипа и ја истражуваше во 1960-тите години.
– Со денови и ноќи ги анализирав фотографиите на галериите, фигурите, водопадот, рекичката, водопадот. Притоа, моите очи постојано застануваа кај сталактитот во облик на женска силуета. Најприродно беше пештерата да го добие името Убавица. И сѐ што се наоѓа во пештерата е од убаво поубаво, како град на паметници – вели Манаковиќ.
Во пештерата има мошне богат пештерски живот, лилјаци и пештерски штурци, но е слабо посетена.

gonovica6

Рибникот „Бигор“ успешно опстојува

Веќе триесетина година тука успешно опстојува рибникот „Бигор“ за одгледување калифорниска, речна и радичка пастрмка, а од неодамна се одгледува и охридска пастрмка. Капацитетот на рибникот има годишно производство од 25 тони, а се користи триесетина отсто. Проблеми со пласман на рибата нема. Половината и повеќе од производството се пласира на самото место на познати купувачи, а другото во Гостивар, Тетово и во други места. Како што вели сопственикот Благоја Анѓелковски, од одгледувањето на кој било вид пастрмка заработката е мала, токму тоа е причината што не го зголемува производството. Поголема заработка има од производството на подмладок и годишно произведува над 200.000 парчиња. Се подготвува и проект за изградба на мала хидроелектрична централа во близината на рибникот. За движење на турбината ќе се користи водата од акумулацијата што се наоѓа во пештерата Убавица, а оддалеченоста од рибникот е на стотина метри.

Kiproski

Киро Кипроски

https://www.novamakedonija.com.mk/prilozi/raskazi-ni-za-makedonija

 

На прво место

News image

Децата во Македонија ќе учат дека Александар Македонски бил Грк, а Македонците Илири

Учебниците по историја во Македонија ќе се преправаат и во нив изричито ќе биде наведено д...

Историја

News image

Заедничка изјава меѓу Јосип Броз Тито и Тодор Живков-(јануари 1976 година)

“Претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и претседател на Сојузот на комун...

Иселеници

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (13)

VI ДРЕВНА МАКЕДОНИЈА ВО ПРАИСОТИРСКИОТ ЕГЕЈ (ДЕЛ III)

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.