|
||||
ПОРТРЕТ ЗА ПРОФ. Д-Р СИНИША СТАНКОВИЌ – ЧОВЕКОТ ОД СВЕТСКАТА НАУЧНА ЕЛИТА (1) |
Основачот на Хидробиолошкиот завод во Охрид и на лимнолошките истражувања во Македонија. Беше познат биолог во целиот свет и научник од светски глас. Неговиот дедо по потекло бил од Македонија, од селото Пожаране,Полошко. Тој честопати пред научните работници на Хидробиолошкиот завод го потенцирал своето македонско потекло Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, етнолог, еколог, револуционер, општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид, Македонија, биолошкиот подем и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е мошне тесно поврзано со постоењето и со конституирањето на поранешна Југославија. тој бил вљубеник во Охридското Езеро, „македонското море“, како што го нарекувал, вљубеникот и заштитник на мајката природа. Беше основач на Хидробиолошкиот завод во Охрид и на лимнолошките истражувања во Македонија. Уште на почетокот треба да се истакне дека не е лесно и едноставно да се пишува за луѓе кои инспирираат, кои задолжуваат и кои заветуваат, за луѓе кои оставаат неизбришливи траги кај современиците и кај поколенијата што доаѓаат. Таков е академикот проф. д-р Синиша Станковиќ, великанот во лимнологијата и во научната мисла воопшто. Неговата научна и политичка активност биле единствен израз на неговата личност. Тој бил прогресивно ориентиран професор; еден од оние универзитетски професори кои му дале непроценлива помош и поддршка на напредното студентско движење во поранешна Југославија, особено на Белградскиот универзитет. Бил познат биолог во целиот свет и научник од светски глас. Академикот Синиша Станковиќ бил роден на 26 март 1892 година во Заечар, Србија. Меѓутоа, неговиот дедо по потекло бил од Македонија, од селото Пожаране, Полошко. Честопати пред научните работници на Хидробиолошкиот завод, професорот го потенцирал своето потекло, а тоа особено било изразено во последните години од животот. При една посета на Петар Стамболиќ, кој во својство на претседател на Извршниот совет на ФНРЈ го посетил Охрид и Заводот, во разговорот со професорот Станковиќ и научниците работници од Заводот, рекол дека Синиша навистина целосно се посветил на Езерото. Тогаш, академикот Станковиќ се насмевнал и рекол дека има причини за тоа, бидејќи и во него тече македонска крв, а потоа ја раскажал историјата на своето потекло
Црквата Св. Никола во Пожаране Имено, заради незгодите што ги имал со турските власти, неговиот дедо уште во раната младост заминал од родното Пожаране. Патот го одвел во Заечар, каде што работел како фурнаџија, а истиот занает му го пренел на Ѓорѓи, таткото на Синиша. Во тоа време од фурнаџискиот занает многу добро се живеело, затоа таткото бил релативно добро ситуиран и бил во можност да го испрати својот син да учи средно училиште во Заечар. Синиша со успех го завршил основното и средното образование во родното место, но уште како дете имал афинитет и голема љубов кон музиката и кон фолклорот. Како гимназијалец свирел на флејта, а од неа не се одделил ниту како студент, а и подоцна. Заедно со професорите од Универзитетот свиреле во оркестарот и тоа најголем број концерти на Коларчевиот универзитет и пред студентите. Многу ја сакал народната музика, а особено македонскиот мелос и често сам или пред студентите пеел македонски песни, а најчесто од сите македонски песни ја пеел песната „Билјана платно белеше на охридските извори“. По завршувањето на средното училиште во своето родно место Заечар, младиот и талентиран Синиша се запишал на Универзитетот во Белград, каде што ги започнал студиите по биологија во 1910 година. Уште од почетокот се истакнувал меѓу студентите со своето широко познавање, разбирање и со својот афинитет кон биолошката дисциплина. Меѓутоа, Првата светска војна го прекинала неговото редовно школување и перото го заменил со пушка. Бил приклучен во српската војска и како војник го преживеал повлекувањето преку високите планински бездни на Албанија, за да стигне на крајот до островот Крф. Во текот на Првата светска војна, во српската војска во чиј состав биле приклучени голем број Македонци, кога се воделе историските битки на Кајмакчалан и на Солунскиот фронт, професорот Станковиќ вршел хумана дејност. Имено, во текот на 1915 година бил назначен за професор по билогија на Велешката гимназија, во градот кој во тоа време претставувал вистински крстопат на војните, на политичките и на економските збиднувања, во времето на распарчувањето на Македонија. Всушност, тоа била повторна средба со Македонија, зошто Станковиќ уште во текот на студирањето, заедно со студентскиот хор од Белград, го посетил Скопје каде што настапил со својата флејта и ги покажал своите високи музички квалитети. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |