Среда, 28 Јануари 2026    Печати
ЧЕТИРИНАЕСЕТТО ПОКЛОНЕНИЕ ПРЕД ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО ВЕЧНИОТ РИМ ВО 1982 ГОДИНА (21)

4 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ И ПОСТИГНУВАЊАТА НА АРХИЕПИСКОПОТ НА МПЦ-ОА Г.Г. МИХАИЛ

По повод празникот на светите браќа Кирил и Методиј и во 1982 година во Рим престојуваше делегација на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, како и државната, односно културната делегација и се одржа манифестацијата „Југославија во чест на свети Кирил”.

Црковната делегација која престојуваше од 19 до 27 мај, ја предводеше американско-канадскиот митрополит г. Кирил, а членови на делегацијата беа преспанско-битолскиот митрополит г. Петар и протојереј-ставрофор Методи Гогов, професорна Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски” во Скопје.Југословенската делагација, пак, ја сочинуваа: Ерос Секви (СР Србија), Душко Белиќ (САП Војводина) и Цветан Станоевски (СР Македонија).

Манифестацијата „Југославија во чест на свети Кирил” се одржа од 24 до 31 мај, чијашто програма ги имаше следните содржини: се одржа средба и разговори на група југословенски и италијански писатели на тема „Југословенската и инталијанската литература денес“.

Учесници од СФРЈ беа Ерос Секви (СР Србија), Слободан Вујачиќ (СР Црна Гора), како и Слободан Мицковиќ и Веле Смилевски (СР Македонија), а од италијанска страна учествуваа Алдо Дејако, Марио Лунета, Фабио Добликер и други. Средбата се одржа во салата на Клубот на книжевниците „Рема Кроче”.

Се одржа солистички концерт на пијанистот Владимир Крпан од СР Хрватска, а камерниот хор на Музичкиот центар на САП Војводина, во катедралата „ Света Њезе ин Агоне” настапи со југословенска програма.

Во продолжение во салата „Агика” се изврши проекција на филмот „Бановиќ Страхиња” во режија на Ватрослав Мимица и се одржа кратка програма од три цртани филма на авторите Петар Глигоровски,  Дарко Марковиќ и Мирослав Грчев . Исто така, се одржа разговор на тема „Југословенско-италијанската соработка во филмот и телевизијата”

5 copy copy copy copy copy copy copy

Одржувањето на манифестацијата „Во чест на св. Кирил” во 1984 година ја означи нејзината традиција и континуитет што започна 1969 година како чествување што го организираше Република Македонија и Македонската православна црква и доби нов квалитет прераснувајќи во општојугословенски настан.

По тој повод од 23 до 26 мај во Рим престојуваа две делегации, државна која ја предводеше Тихомир Илиевски, член на Извршниот со вет и претседател на Републичкиот комитет за информации и Михаил Банде, помошник-претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, која како и во минатото беше носител на организацијата и координатор на манифестацијата .

Во договор со југословенскиот амбасадор во Рим, за член на делегацијата беше одреден Данило Малиќ, министер-советник, додека во својство на преведувач на делегацијата се приклучи Наум Китановски, лектор по македонски јазик во Неапол.

Црковната делегација, пак, ја предводеше архиепископот охридски и македонски г. Ангелариј, а во неа беа и митрополитот Горазд и прота-ставрофорот Методи Гогов. Во уметничкиот дел настапи Ансамблот за средновековна музика „Ренесанс” од Белград. За време на престојот во Рим, на 23 мај 1984 година, двете делегации, во придружба на амбасадорот Звонимир Стенек и скопско-призренскиот бискуп г. Јоаким Хербут, беа примени во приватна аудиенција кај папата Јован Павле II.

До оваа средба дојде во рамките на екуменските средби што ги организира Светата столица, во знак на посебно почитување кон светите Кирил и Методиј. Приемот кај папата Јован Павле II помина во пријателска и срдечна атмосфера, што остави посебен впечаток. Во таа прилика шефот на државната делегација г. Тихомир Илиевски изрази задоволство од тоа што папата Јован Павле II годинава за првпат наверниците им го честита Велигден и на македонски јазик

Продолжува

6a-slavek copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy
Пишува: СЛАВЕ КАТИН