Среда, 13 Декември 2023    PDF Печати Е-пошта
Бошкачки, вториот јазик на мијаците

lazaropole

Скивај, скивај каква манука ни догуруват одозгора. Ама е апсика како десетка.

- Апсика е вајзана, ама имат и апсик манук.

- Абре е апсик, ама е многу плак. Не го бидува за такечинење.

- Жилкај и не боботари. Го скива манукот да ѕверкат како лајаче.

Ваков дијалог иако звучи како да е воден на некој архаичен, исчезнат јазик, можете да го слушнете во Лазорополе, или пак во кое било мијачко село по долината на Мала Река. Станува збор за тајниот говор на мијачките мајстори, кои тие го нарекувале бошкачки. Ваквиот жаргон на говорење денес е веќе исчезнат. Го практикувале повозрасни Мијаци, главно со потекло од западниот дел на Македонија. Да го преведеме горниот дијалог:

- Гледај каква невеста ни иде во пресрет одозгора. Ама е убава, како убавана десетка во карти.

- Убава е невестана ама има и многу убаво момче.

- Знам дека е убав, ама е многу стар за неа. Него бидува за онаа работа.

- Работи и не вреви многу. Го гледа и него како не ѕирка како опасно куче.

Или пак:

- Скивај апсика манука. Само што гурат како зуросана. А и манукон како да е слукнат.

- Не мулкај муклее да не досчукает ѓалинава.

- Ја ќа спева. Немат муклес.

Најчестите занаети на лазоровци во минатото биле: ѕидарски, копаничарски, зографски, терзиски, кираџиски и, се разбира, неодминливото одгледување овци – сточарењето.

Многу ѕидарски, копаничарски и зографски тајфи од Лазорополе во текот на 19 век, а и подоцна го крстосувале Балканскиот Полуостров. И скоро да не постои поголема населба на овие простори каде тие не учествувале во градбата на цркви и значајни културни објекти.

Мајстор Крсте учествувал во обновата на конаците на Рилскиот манастир. Тој го изградил северното крило, а го изработил и таванот во резба за што оставил запис. Исаија Радев Мажовски во селото Бежаново, Бугарија ја изградил селската црква. Петар Христов, заедно со своите соселани Атанас и  Мано ја изградил црквата Света Тројца во село Мездрајата, пак во Бугарија. Аврам Голибеговски со своите синови Петре и Крсте како устабашија водел голема тајфа која се состоела од над 60 мајстори која работела во Серез и  неговата околина. Изградиле повеќе цркви, а учествувале и во изградбата на пругата Серес – Солун.  И нашинецот Раде Дојчиновски бил устабашија и водел тајфа во околината на Солун. Ќе споменеме уште неколку устабашии кои со свои тајфи работеле во егејскиот дел на Македонија. Тоа се првомајсторите Дуко и неговиот брат Ефто Рилковски, Тасо Башлакоски, Танаско Блажески, Рафе Перински и Симон Жепчески.

Во ѕидарските тајфи постоел строг и почитуван хиерархиски ред на права и должности. На чело на тајфата е мајстор челник наречен протомајстор или устабашија.

Кај членовите на ѕидарските тајфи, а подоцна како наследство и кај сите печалбари останал еден со време формиран механизам искажан во нивниот таен говор, само ним разбирлив. Мијаците го викаат бошкачки (од бошкач – мајстор). Жаргонот по дефиниција е особеност на една мала група луѓе поврзани меѓу себе и релативно одделени од другите. Една од можните причини за постоењето на овој говор може да се најде во чувството на посебност карактеристично за сите градежни работници. Тие отсекогаш самите себеси се сметале за посебен сој, како некаква аристократија меѓу сите занаетчии. Впрочем едно од највлијателните тајни друштва, масоните, настанало од средновековните мајсторски тајфи. Протомајсторите почнале да веруваат дека поседуваат знаења недостојни за другите. Се сметале за посебни, повредни од другите занаетчии. Оттука до формалниот елитизам не требало многу.

Самите мајстори биле горди на нивните вештини во градењето, но и на нивниот бошначки јазик што го зборувале. Со денови можеш да слушаш нивното говорење, да седиш со нив на иста софра, да се врткаш со месеци додека ја градат куќата или црквата, а да немаш претстава за што зборуваат.

Како се создавал овој јазик? Секој занаетчија печалбар го доградувал бошкачкиот јазик на тој начин што вметнувал зборови и поими чуени од населението каде што се печалбарело.

- Ал да го тунџоса белово? (Дали да му турам вода на млеково?) Тунџа е најголемата река во Бугарија, која се протега на самата граница меѓу Бугарија и Турција.

Ѕидарската тајфа на Батовци била на печалба во приморскиот дел на  Македонија. Доградувале куќа на некој многу богат, но скржав газда. Еден од тајфата во работењето пронашол седело на кокошки во кое имало многу јајца. За да не го забележи газдата, бошкачки се обратил до неговиот брат со овие зборови:

- Бате, нагурав гајгурови. Шо да такечина?

Братот у одговорил:

- Бате, бате муклее. Развешчив шо ми мулкаш. Оклинчин коде шо се. Ќа и клопаме вечер.

Да го преведеме горниов муабет:

- Брату, најдов јајца. Што да правам со нив?

- Брату, брату, молчи, разбрав што ми зборуваш. Остави ги кај што ги најде. Вечер ќа и вечераме.

За вечера вероватно немале пристојно јадење, скржавоста на газдата на тоа ги натерала.

Хуморот и духовитоста биле најизразени карактеристики на мајсторскиот сленг. Мајсторите, а особено протомајсторите биле пофакмани луѓе, па биле во можност да си поигруваат со себе и со другите. Во времињата кога животот бил ограничен на неколку километри околу селото, луѓето кои патувале по белиот свет важеле за шетани и луѓе со многу познавања. Тајфите патувале во соседните земји, стигнувале до Солун, Белград и Софија. Затоа и секоја тајфа имала и свој личен вокабулар, зависно од печалбарската дестинација. Често сленгот на тајфата бил препознатлив за мнозинството на албански, влашки, турски или српски зборови. Последен вграден збор во сленгот на лазороските мајстори печалбари е погрдниот збор цабланко. Тој е буквален превод од српскиот збор клипан.. Лазоровци неизлупената пченка од кочанот ја викале цаблан. Од влашките говори се донесени зборовите: манук, манука (момче, девојка), од албанските говори плак, шпиј, гурат (стар, дома, одам) итн.

Заемките од туѓите јазици се сепак, само еден од изворите на мајсторскиот речник. Дел од зборовите биле синоними и токму така настанале најверојатните извртувања и комбинации.

Еден помлад печалбар, на работа кај свој роднина млекар во Белград често ја користел следнава реченица кога ќе дошла муштеривка да купува млеко:

- Тофе, пак догура апсикава манука, од кое да е тапоса? Тунџосано или не?

Да ја преведеме и оваа прашална реченица:

- Тофе, пак дојде убавата невеста. Од кое млеко да е дада? Од она што е чисто без вода или со вода?

Или пак:

- Ми се гурат в кршало. (ми се оди во ве-це).

- Манукана е за такечинење. (Невестана е мераклија).

(...)

До Втората светска војна сите јавни соопштувања што ги чинеше тогашната власт на жителите од селото, селскиот пандур ги правеше на овој начин. Ќе се искачеше на одредено место на Краста, од каде што се гледа скоро целото село (под куќата на Кокалевци), ќе почнеше да чука на мало барабанче и откоага ќе почувствуваше дека селаните го слушнале звукот на тапанчето и ја чекаат веста, со силен глас тој ја соопштуваше. Еден ден кога во селото дошле даночници тоа го сторил и на бошначки јазик и тоа вака:

- Слушајте народееее! Догурани се лупачи од Дебор. Диклает баеги пилави. Мене ми личит на лупачи, многу се фитилосани. Уфирувајте ја кој коде зноет. ќа клинчит малку. Таке да зноете. Да не речет некој после: јок не су чул, јок не су зноел.

Тоа во превод, се разбира би требало да значи:

- Слушајте народе, дојдени се порезници од Дебор. Сакаат многу пари. Мене се ми личат на арамии, многу се нервозни и лути. Скришум бегајте кој каде знаете. Многу малку ќе се задржат во селово.

Од книгата „Тешкото од Лазорополе“ од Блаже Смилевски,  Скопје 2006.
(Подготви Марко Китевски)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.