|
||
| Во карневалска Струмица се одбележува „чист понеделник“ и почетокот на велигденскиот пост |
|
Во сите домови денеска се подготвува и се служи бел незапржен посен грав, како знак на почеток на постот. Обредните церемонии ќе завршат задутре со приготвување и служење посни јадења и посета на куќите на армасаните (свршените) девојки, каде што се собираат само жени, пеат еротски песни и кажуваат „мрсни“ вицеви. Во рамки на официјалната програма, вечер во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде отворена традиционалната изложба на еротски карикатури и афоризми, тематски инспирирани од карневалот, а на победниците на годинашниот Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам ќе им бидат врачени наградите. Првата награда за афоризам ја освои Ристо Филчевски од Струмица, а за карикатура Константин Казанчев од Украина. Вечерва првпат ќе биде организиран и концерт под маски во изведба на ученици на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица. Главната карневалска фешта ќе се одржи утревечер кога по улиците на Струмица и во центарот на градот се очекува да продефилираат над две илјади групни и поединечни маски од земјава и од Словенија, Бугарија, Србија, Романија, Црна Гора, Турција и од Албанија. Најдобрите маски ќе бидат наградени според нивната категорија, атрактивност и квалитет, а вкупниот награден фонд изнесува околу десет илјади евра. Покрај бројни гости и учесници од земјава и од странство, Струмичкиот карневал го следат и претставници на Светската асоцијација на карневалските градови (ФЕЕЦ). |