Среда, 30 Август 2023    PDF Печати Е-пошта
Одење по невестата во Зубовце

Свадбени обичаи и песни од село Зубовце - Гостиварско

svadba-zubovce-1

Во неделата наутро, младиот девер, со зојачката карта и со тапаните оди да ги покани кумот и старосватот за забричување на зетот. На заминување ги прашува каков им е ќефот, дали да дојде уште еднаш да ги покани. Ако побараат да дојде по втор пат, тогаш деверот ќе ги кани и до трет пат.

Откако кумот ќе пристигне пред куќата на младоженецот, го пречекува свекорот, свекрвата и останатите од фамилијата, а музиката ги свири највеселите свадбарски песни. Кумот ги дарува музичарите со пари, а кумата со подарокот и со невестинскиот букет в рака, поведува оро. Истото го прават и старосватот и старосватицата.
Потоа, почнуваат адетите.

Во дворот пред куќата на триножно столче, поставено спроти изгрејсонце седнува зетот. Кумата држи раширена голема крпа, а кумот почнува со забричувањето.

Присутните пеат:

Радичи го Димка бричеја,
го бричеја и песна пееја,
песна пееја и ука го учеја:
- Ко ќе одиш по лепа нееста,
кроцкум терај коња пеливана,
коњ не оди по бели друмови,
туку оди по Ѓурѓини двори
да ја земе прелепа нееста.

По бричењето зетот се попрскува со вода, а сватовите пеат свечени песни и играат оро. Кумата, со босилекот и со светена вода во котле ги попрскува сите и ги благословува домаќините. Родителите му честитаат на синот и среќни што дочекале да го женат, го даруваат со семеен накит, најчесто со златен синџир. Во исто време во куќата на момчето пристигнуваат се` поголем број роднини и пријатели кои уште повеќе ја подгреваат свечената атмосфера. Откако ќе пристигнат сите и кога се` ќе биде подготвено за одење по невестата, дваесеттина минути пред да тргнат сите заедно, во куќата на девојката се испраќаат прстењарите.

Тоа се група од седум или девет повозрасни членови на најблиската рода на младоженецот кои влегуваат први во куќата на невестата и им ја носат веста дека младоженецот наскоро ќе дојде по невестата. Во куќата на девојката, прстењарите се пречекуваат со најголеми честови. Се покануваат да влезат во куќата каде што за нив е подготвена богата трпеза со разни мезиња и пијалаци. Од невестата тие добиваат шарени волнени калчини (чорапи) кои ги исплела самата.
Откако прстењарите ќе седнат на свечено поставената софра, кон куќата на девојката тргнуваат сватовите.

svadba-zubovce-6

Предводници напред се бајрактарите кои високо ги вејат бајраците, а веднаш зад нив се: свекорот и свекрвата, кумот и кумата, старосватот и старосватицата, па деверите, месариите, сватовите и музиката.

По патот сватовите пеат:

Ја излагај Ѓурѓо,
ја излагај душо,
ја излагај млада Ѓурѓо,
па да видиш како иде Димко.
Димко идет Ѓурѓо,
и руба ти носит,
руба носит Ѓурѓо,
бела пембезара (вел, срамувалка).

svadba-zubovce-3

Кога сватовите ќе пристигнат пред куќата на невестата, се пее истата песна, но во малку изменета, модифицирана верзија, приспособена на чинот на свадбениот церемонијал:

Слагај доле Ѓурѓо,
слагај доле душо.
Па да видиш бела Ѓурѓо,
како Димко идет.
Димко идет Ѓурѓо,
Димко идет душо,
Димко идет и руба ти носит,
руба носит Ѓурѓо,
руба неестинска,
руба неестинска, Ѓурѓо,
бела пембезара.

Во дворот се игра и се пее.

И додека сватовите играат во дворот, зетот се обидува да влезе во собата кај невестата која е заклучена и строго чувана од неколку момчиња кои бараат да им плати за да го пуштат внатре. Невестата го чека момчето со возбуда, но истовремено таа е тажна што е дојдено времето да се дели од својата рода, од другарките. Зетот се пазари, нуди пари, но момчињата обично не пуштаат, бидејќи велат дека нивната невеста вреди многу повеќе. Тогаш младоженецот ги вика на помош кумот, кумата и деверот кои треба добро да платат за да можат да влезат во собата каде што дејката е веќе облечена во невестинското руво.

svadba-zubovce-4

Се пее:

Излезите девојчино росто,
Пречекајтре два бајрака,
Пречекајте китени сватои,
Пречекајте кума старосвата,
Пречекајте свекор и свекрва,
Пречекајте преубав џамутра.

Откако по неколкуминутно шеговито надмудрување ќе биде постигната спогодба и деверот, зетот, кумот и кумата ќе влезат во одајата на веќе стокмената невеста, се пее:

Поклони се убаа неесто,
Поклони се на твојот свекор,
Поклони се на твојата свекрва,
Поклони се на твојата золва,
Поклони се на девер и јатрва.

Сите се поздравуваат со невестата, а деверот и` ги дарува свечените чевли за да ги обуе. Таа ги пробува, но се жали дека и се големи. Деверчето го зема чевелот и го носи кај прстењарите и до сватовите и сите го полнат со пари. Повторно го носи, но невестата пак се жали дека и е голем, па чевелот кружи околу сватовите, до три пати. Кога ќе го обуе, невестата му ги дава сите собрани пари на деверчето. Нејзината сестра или нејзина другарка го закитува деверчето со бело шамиче накитено со цвеќе. Мајката на невестата, пак, го дарува зетот со златник, зашиен на шамивче со цветче. Го бакнува, го благословува, го потсетува да им ја чува ќерката и им посакува многу среќа и многу деца.

svadba-zubovce-5

Двајца девери, браќа или братучеди на невестата ја водат надвор од куќата каде што околу сватовите е собрано целото село. На стотина метри од куќата им ја предаваат невестата на зетот и на деверот. При преземањето на невестата, зетот и деверот ги даруваат со пари.
Штом ја заводат невестата сватовите пеат:

Си ја зедовме, мале,
Си ја зедовме,
Дилбер Ѓурѓа од Павлета.
Ќе ја носиме мале,
Ќе ја носиме,
За Димка, ќе Петрета.
Ќе Петрета мале,
Ќе Петрета,
Ќе Петрета во Зубовце.
Димко му даде мале,
Димко му даде,
Златен прстен за нееста.
Димко му даде мале,
Димко му даде,
Срмен минтан кадифлија,
Димко му даде, мале,
Димко му даде,
Кован ѓердан за нееста.

Младата невеста за цело време гувее.

Напред бајрактарите, а по нив сватовите со зетот и со невестата одат на венчавање во црквата Света Огнена Марија. Откако ќе заврши овој свечен чин и откако свештеникот ќе го благослови бракот со многубројна и здрава рожба, сватовите со невестата тргнуваат кон куќата на младоженецот.
Штом ќе пристигнат пред прагот од куќата на младоженецот свекорот притрчува и ја придружува невестата, а таа него го дарува со кошула. За тоа време свекрвата со превртен опрегач (скутник) пред себе, застаната пред портата фрла шеќерчиња и пченица врз младенците и ги благословува вечно да бидат среќни, плодни и благи, какви што се пченицата и шеќерчињата.

А кога невестата ќе зачекори кон новиот дом, сватовите пеат:

Радуј ми се јунакоа мајке,
што ти добро на вечера идет,
и ти идет и среќа ти носет...

Зетот и деверот ја водат невестата кон куќата. Сватовите пеат:

Ој неесто тенка и висока,
ој неесто висока топола,
ој несто бела и црвена.
Со што тебе мајка те ранеше,
со што тебе татко те поеше,
што си толку бела и црвена,
што си толку лична и прелична
куќа светна како јасно сонце...

Кога невестата ќе влезе во домот ја пречекува свекрвата. Ја подучува како се сее брашно, како се меси и како се сучи. Три пати ја удира од оџакот за според верувањето да живее долго-да остарет и обелет. Потоа невестата ја носат во нејзината соба. Ја седнуваат на креветот заедно со џамутрата. Свекрвата ги послужува со шеќерчиња  за да бидат вечно слатки. Во скутот на невестата седнуваат мало машко дете, скутарче, за да се раѓаат здрави машки дечиња. Откако ќе го погали по главата невестата го дарува детето скутарче со волнени калчинчиња (чорапи) што ги сплела самата.

Сватовите седнуваат на богатата свадбарска софра.

По Завршувањето на свечениот ручек почнува веселбата.                   
Невестата го игра првото невестинско оро во нејзиниот нов дом, а по неа е кумот, со куминото оро. Потоа орото го поведува кумата, па старосватот и старосватицата, свекорот и свекрвата деверот и целата блиска рода од страна на младоженецот.

Вечерта со поклон (подароци) на честитање во куќата на младенците доаѓа цело село. За сите се подготвува богата вечера. Веселбата трае до доцна во ноќта. Свадбените адети и церемонии завршуваат откако младенците се испраќаат во собата каде што ќе ја минат првата брачна ноќ.
Овој ритуал секогаш бил придружен со шеги и смеа на сметка на младенците.

Од книгата Зубовце“ од Гале Фиданоски, Зубовце 2008 г.

Подготви: Марко Китевски

Фотографии: Кире Кипроски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.