|
||||
Стојан Разловски |
Поп Стојан Разловски (прва половина на XIX век – 1876) е македонски црковен и револуционерен деец, еден од организаторите и водачите на Разловечкото востание (1876). Тој бил најблизок соработник и дедо на Димитар Попгеоргиев - Беровски. Се грижел за организирањето и набавката на оружје и учествува во востаничките борби. Поп Стојан е запомнет од народот како главен подготвувач, поради што востанието било нарекувано Попстојаново. Стојан Разловски е роден во пијанечкото село Разловци, во првата половина на XIX век. Разловски го прифатил свештенството и се вклучил во борбата за национална и црковна самостојност. На иницијатива на Поп Стојан и негови блиски соработници Цоне Спасев, Стоил Ѓорѓов и Стоил Ковач, околу 1850 година била изградена црквата „Св. Свети Константин и Елена“ во Разловци. Нивните ликови се фрескоживописани на западната страна на црквата, наречени „ктитори сосе доми“, односно ктитори со семејствата. Кога Поп Стојан започнал со својата револуционерна дејност, фреската со својот лик ја премачкал со пепел и вар. Истата повторно била откриена дури во 1976 година, на стогодишнината од Разловечкото востание. Во 1875 година поп Стојан учествувал во подготовката на Разловечкото востание. Тоа се подготвувало и во Солун и во Разловци. Во Разловци главни организатори на востанието биле Поп Стојан со синовите и Костадин Иљов Карчовски. Поп Стојан се грижел за организирањето и набавката на оружје, а потоа учествувал во востаничките борби. Тој е запомнет од народот како главен подготвувач, поради што востанието било уште нарекувано како Попстојаново. Местото Калаџерџево, во пазувите на планината Голак, сопственост на поп Стојан, било определено за собирање на востаниците. На почетокот на мај 1876, во Калаџерџево било одржано советување за дигање на востанието на кое присуствувале покрај Д. П. Беровски и Поп Стојан Разловски, повеќе од дваесетина души од Пијанецот и Малешевијата. На 20 мај 1876 год. во селото Разловци, Делчевско, е дигнато првото организирано македонско востание против турската тиранија во Македонија. Под знамето кое било изработено во Солун, на жолта подлога со разјарен црвен лав, а на кое пишувало: „Македонија“, околу 60 македонски востаници започнале престрелка со турската војска во селото која ги прателе даночните службеници. Поголем дел од Турците биле убиени, неколку биле ранети, а потоа селаните ги изгореле даночните дефтери. По наредба на Поп Стојан, син му Костадин го запалил сопствениот ан за да им даде пример на селаните дека го жртвува имотот за слободата која е поскапа од сè. Во својот говор одржан пред востаниците и населението во Разловци, поп Стојан, вториот човек на востанието, десна рака на Димитар Поп Георгиев Беровски, ќе рече: „Без жртви нема слобода. Ако се жртвуваа нашите татковци и дедовци, ние сега ќе бевме слободни. Жртвата што ние ќе ја дадеме ќе биде жртва за нашите синови и внуци. Тие ќе останат засекогаш да ѝ се радуваат на својата независност“. На пат кон Берово, кај Митрашинци, војводата Д.П. Беровски во судир со помала турска единица бил ранет во главата што имало негативни последици по развојот на востанието. По неуспехот на востанието, Поп Стојан бил заробен во Рилскиот манастир и затворен во манастирската кула. Таму, на 28 јули 1876 година, според пишувањето на син му, тој успеал да се самоубие пред да биде одведен од затвор во затворот во Дупница. а според Д. П. Беровски, тој бил убиен од манастирската стража. Подготвил: Т.К |