|
||||
Киро Димитровски - Дандаро |
Киро Димитровски - Дандаро (5. Ⅴ 1912 - 1. Ⅴ 1942) е македонски графичар, комунистички деец и првоборец. Поради партиски активности бил осуден и затворската казна ја издржувал во затворите Главњача и Ада Циганлија и во Казнениот завод во Сремска Митровица, од каде што успеал да избега преку подземен тунел. Станал борец на Фрушкогорскиот НОПО од неговото формирање, а потоа работел како типограф во печатницата на весникот „Борба“ во слободното Ужице. Се префрлил во Босна и се приклучил во Витешкиот вод на Романискиот НОПО. Загинал во борба против италијанските окупаторски сили. Киро Димитровски е роден на 5 мај 1912 година во Битола, во месноста Чифте фурни, во повеќечлено средноимотно семејство. Основно образование и гимназија завршил во Битола, апотоа се вработил како графички работник во печатницата „Просвета“ во Битола. Киро како млад бил доста активен. Вежбал на справи во Соколаната, станал предводник на душтвото, организирал фискултурен слет и пеел во хорот „Коста Абрашевиќ“. Во 1932 година станал активен член на Урсовите синдикати и член на КПЈ. Во 1938 година создал партиска ќелија и илегален кружок, а наредната 1939 година станал член и секретар на Месниот комитет на КПЈ во Битола. Заедно со своите другари ја прошириле партиската активност во блиските села и Преспа. Во 1940 година ја основал првата партиска техника на МК на КПЈ во Битола, во својата куќа. На 5/6 септември 1940 година Киро бил уапсен поради растурање на летоци со комунистичка содржина и однесен во Белград каде му се судело согласно Законот за заштита на државата. Прво бил затворен во затворот Главњача, а потоа на Ада Циганлија. На суд го бранел д-р Иван Рибар, адвокат на партијата, кој барал од него да се брани на македонски јазик. На 13 септември 1940 година Киро бил осуден и казната ја издржувал во Казнениот завод во Сремска Митровица, кој бил своевидна школа за комунисти. Од Казнениот завод во Сремска Митровица на двапата неуспешно се обидел да избега. Успеал да избега дури во третиот обид преку подземен тунел. На 21/22 Август 1941 година 31 затвореник меѓу кои и Дандарот успеале да избегаат од затворот. Веднаш потоа, од самото формирање на 9 септември 1941 година, станал борец на Фрушкогорскиот Народноослободителен партизански одред (НОПО). Наскоро потоа, во октомври 1941 година, заминал на слободна територија во Ужице, каде работел како типограф во печатницата на централниот печатен орган на КПЈ весникот „Борба“. По нападот на фашистичките сили на слободната територија, единиците на НОВ и ПОЈ и Врховниот штаб, преку Златибор кон Нова Варош, успеале да ја евакуираат и печатницата до селото Доброселце, а тој заедно со други соборци се префрлил во Босна. По доаѓањето во Босна, Киро се приклучил во Витешкиот вод на Романискиот НОПО, а потоа станал политички комесар на Првата чета на Петтиот шумадиски баталјон на Втората НО пролетерска бригада на НОВ и ПОЈ. Киро Димитровски - Дандаро загинал на 1 мај 1942 година во борба против италијанските окупаторски сили во атарот на селото Поткамен, кај Чајниче, БиХ. По Ослободувањето, на 18 мај 1948 година. неговите посмртни останки биле пренесени во Битола. Неговото име како патрон го носи тогаш основаната битолска печатница. Извор: (МЕ, 1 А- Љ, Скопје МАНУ, 2009, стр. 469 ; https://pelanet.mk/?p=57228) Подготвил: Т.К |