Среда, 28 Февруари 2018    Печати
МОРЕ ОД СОЛЗИ

И ние имаме море.
Наше море,
македонско,
со длабоки солени води.
Море од солзи
пролевани и собирани
од време со далечен почеток
а ненасетен крај.
Се бранува морето.
Се бранува и рие.
Длаби.
Ги подрива бреговите
на душите од паталците
кинисани со бавен чекор
во поворка од обезличени сенки.
А патиштата пресечени
со пречки од гревови
на одродените слепци.
И уште нека течат солзи.
Нека течат и нека печат.
Нека преплават.
Нека ги искинат сите окови
и синџири од неправди
со алки од болки.
Нека ги отворат ширум
вратите закатанчени,
да ги избават од ќелиите
мрачни и немливи
жигосаните со печат македонски.
Заради децата без прегратки
со одречена иднина.
Заради нивните солзи.

rozita
Розита Христовска,
10.02.2018