Среда, 04 Април 2018    Печати
МАКЕДОНИЈО

Родино, уште ли ќе те оплакуваме
уште ли кичми ќе свиткуваме,
зарем така лесно ќе се испружиме
ко овенати стебла мерка да ни земаат,
до кај што се сенките растегнати
ќе ги газат плашилата,
и со дамлосани косила по глуждови ќе сечат
и крвта со солзите сами ќе си ја миеме.
Не бевме така скроени
кога се раѓавме со крвта татковинска не' задоија,
со млекото од градите на родилките расневме
на пеколна жега пораснавме,
а си бевме фиданки млади
што туку пркнати од под земја,
не' учеа како да проодуваме
ние си лазевме и земја си јадевме,
наша земја, од прадеда изорана
со ѕевгар волови, со бајракот и крстот на него.
Си пеевме во црквите
на свадбите, на крштевките и венчавките,
не' даруваа со мајкини благослови
потомство да оставиме,
да не би ни сневиделе ласатарите,
нивите пусти да ни останат
и песните на нив да испустат.
Македонијо
Не ме научи да се кудам, да си офкам во себе,
кога мајка не' раѓаше
со солзи радосници не' капеше,
ангелите небесни стражареа
со петрафили не' покрија,
со миро православно не' помазија
и крстот на чело ни го ставија,
со јазикот мајчински не' благословија
јас синот, ти ќерката, таа сестрата,
во олтарите не' спруживте и библијата над нас.
Крстени сте чеда со божјата милост
и не умирајте,
кога ќе ве присилат,
со верата живејте
и вербата во мајката божја!...

zivko-despotoski
Автор: Живко Деспотоски