Среда, 29 Август 2018    Печати
ВРЕМЕ Е ЗА „ОЛОВНИ МОНИСТА“

ЗАВЕШТАНИЈА

Обзорува денот
од четири изгрејсонца
со снопови светлина
прекршени во парче црнозем
на кое од камен живот се раѓа.
Тука каде се’ започнува
а никогаш духот не умира.
Тука каде е зачната вечноста
и бесмртноста исткаена
од збиени нишки на искони.
Тоа тука е токму овде
каде времето оставило стапки
и траги бележани со крв
впиена во земјата
полна со черепи
трупани од памтивека.
Токму овде кај што газиме
ние страдалниците,
ниедна молитва
не ни била залудна.
Ете затоа сме уште тука,
ете затоа се’ уште не има
такви какви што сме,
ние чедата паталци
распнати низ столетијата
со бреме од завештанија
да не наведнеме глава,
дури шепотот на усни
во вресок не загрми
и небото јасно не се отвори.

rozita-crkva
Автор: Розита Христовска