|
На печалбарите Не ли ти кажав, не ли ти кажав, нели ти реков на проштавање? Ич не ме чекај, ич не ме пекај Белград е ламња, во Белград ја роб снага по туѓи палати оставам, снага во усни несити клавам, и дома – дома не ќе се вратам, не ќе ги пијам очите твои не ќе ја гледам снагата твоја – далеку негде сувата рака по тебе, Вело, пустата мака пуста ќе остане... Знам оти ѓердан веќе не нижеш, знам оти чеиз и ти не везеш, знам, Вело, пусто остана сичко – не ли си и ти аргатка клета? Тутуни садиш, тутуни нижеш, тутун таговно у монопол редиш, ме споменуваш и ем си жалиш денови – крепи тешки си редиш – Величко, мори, другачко златна! Но почуј, Вело, што ќе ти кажам! Не ми се, Вело, жали и клети! Подигни очи – очи засвети нија очи, што душа горат! Тој што ни, Вело, однесе сичко – тој ни остави од темно темен веков за мака – но и за борба. Има на вој свет како нас многу! Има ги, има – мачат се, копат, копачи копат по темнината, копачи копат и тунел дупат. И има, има – радост голема радост длабока во темнината: да светиш, Вело, жар да се стопиш – во борба гроб ти душа не зема!
|