Среда, 15 Септември 2010    PDF Печати Е-пошта
Ќе се вратам

Ќе се вратам
Во мојата татковина
И таа ќе биде бела и убава
Татковина
Ќе се вратам
И цвеќе најубаво
И венци на човечност ќе носам
Ќе се вратам
Попораснат од вчера
Попораснат за утре

Ќе се вратам
Кога над облаци нема да врескаат птици
и нема да плачат деца и старци
и нема да плачат братчиња изгладнети
и нема да плачат мајки
ослепени од болка
за синови и ќерки по затвори.

Ќе се вратам
вооружен со храброст човечна
со храброст на денот
со храброст на човечноста и омразата
за тие што ги огладнеа луѓето
ќе се вратам за гладните и онеправданите
за голите и босите
мои браќа

Ќе се вратам
за потните чела
и за плуските крвави
и за раните на рацете
и за тие што ги гуши незапирната болка
и за тие што сакаат леб и слобода

Ќе се вратам
кога ќе немеат болките
и срцата радосни
ќе пеат химни за човекот
за човекот во светот
ќе се вратам...

Ги пишувам стиховите со крв
а радост би сакал да навестам
ги пишувам стиховите со крв
а рацете мои се чисти
и затоа би сакал моите зборови
да бидат напишани со главни букви
со букви што навестуваат празник
во срцата
во главите на човекот
во рацете
изгревни песни што доаѓаат од далеку
таму каде некогаш патиштата беа завеани
би сакал да го пишувам секој збор со алова крв
и рацете мои да бидат чисти
и секој збор да биде убаво раѓање
убаво раѓање без мака
убаво раѓање без болка
убаво раѓање големо
раѓање на човекот
Мајката

И тогаш секој мој стих
ќе биде нова фурија
секој мој збор ќе биде бура
и секој мој стих ќе биде зов во длабочината
на срцата
нов повик во далечината
кон сите оставени на судбината
мои браќа
Тоа ќе биде повик за пристан тих
зов кон широт на морињата

Ќе се вратам...
и мојот брод
ќе биде празник радосен
и пристаништето — тих пристан
и расцветан
и тогаш ќе се лулеат гранките на маслината и тревата
и ќе пеат пак лалињата и девојчињата
во екот на жетви човечни
и песни тихи како молитви
тихи молитви на раце измачени
на срца радосни
и долги соништа за морињата
и за длабочината
и за тие што влечеа јажиња по морињата
за пристаништата
за да пеат пак морињата
за морни залези
за болката и ужасот
за безумијата
И тогаш ќе се вратам
ќе се вратам во квечерината
кога ќе се одмораат
полињата под плугот.

Вечерта на тргнување ми рече:
Пред вратите на Сен Сулпис
ќе те чекам...
И потоа рече — не дорече...
Те чекав а ти не дојде
И пустош овладеа во темнината
не заплакав
и тргнав во пожари
И реков:
Ти не дојде
Никој не чекаше
Болка за болка
ужас за ужас...
И тогаш го запалив Париз
за да останат чисти моите соништа
ги напуштив деновите на Монпарнас
и тргнав низ пожарот на деновите
ме гушеше огнот на страста
ме гушеше огнот на човечноста...
пред вратите на Сен Сулпис
никој не ме дочека...
И јас ти благодарам
ти благодарам со својата сопствена болка
ти благодарам
и за храброста
и за силата на огнот
и за пожарот што се роди во мене
и за пожарот што се роди во срцата на бездомниците
во срцата на бунтовниците во ноќта
кога го запалив градот и кога гореше Париз
Жанета!

На пијаните улици кикот
безпатието безгранично тежи
и тогаш јас се прошетав со тебе
и останаа во мене само бленовите
за човекот
сонот за човекот
и тогаш кога плачеа мостовите на Сена
и кога плачеа леандрите во паркот
пред Нотр-Дам
и кога зашеметуваше февруарскиот ветар
и кога безумието ги силеше спомените
за Понт-Нев

посилен беше споменот и од мене и од тебе
Жанета
и од зборовите со главни букви
и од звукот на бессилието
и од болката за човечното
во нечовечното на пијаниот
што лежеше под мостот на Сен-Мишел

Ќе се вратам...
можеби ќе бидат пијани улиците
опожарени од мојата болка
можеби ќе го сретнам на патот
Жеромски или ќе ја сретнам Жанета
на кејот на Сена
пред лантерните искривени од пожарот
од пожарот на моето срце
од пожарот на мојата глава
од пожарот на моите раце

Но, ако и тогаш се криви улиците на Париз
ако и тогаш пред крчмите на Сен-Пол
пеат Полјаците во емиграција
пеат Полјаците од болка за безработицата
тогаш ќе ми биде навистина тешко
ќе ми биде навистина мачно
ќе ми биде уште потешко
и тешко ќе можам
да ги скријам солзите
и стиснатите тупаници
и тогаш ќе талкам по болката
и тогаш, и тогаш ќе застанам пред споменикот
на Верлен
Но, не...
и дожд ќе врне во паркот Луксембург
јас ќе се вратам
и силен и горд
и посилен од болката
на спомени за моите браќа
И ќе речам:
дојдете, мои родни маченици
дојдете, од смрдливите крчми на Сен-Пол
дојдете, заедно на пат за татковината

Ќе биде ден
ќе се вратам
и меѓу нас и меѓу вас
ќе бидат поставени нови мостови
од Париз до родниот град

Ќе се вратам...
од полињата на Карабанчел
од полињата на Кастилја
кога ќе запрат огновите
и кога ќе се родат нови пристани
пристани нови
за младината весела
за младината весела без ракија и вино

Јас не помнам
реков ли збогум
на патниците морни од кривите улици
ви реков ли збогум
кога се раѓаше новиот ден
Ќе речете:
важна ли е разделбата
при крстосани патишта
важна ли е разделбата
на бездомни патници
важна ли е разделбата во пустиот град
и кривите улици на секојдневјето
и кога се ломат патиштата во животот
и кога спомените умираат
и кога безумието на прашните улици
во темнината пее и плаче
Понекогаш и јас претчувствувам
суморни страници животни
понекогаш и искри незапирни
огромни пламени во темнината
и пред ѕидиштата на манастирите
и пред пустињата
и пред патиштата крваво алови
пред камбанаријата
на Ескоријал
претчувствував ли јас?

Ќе се вратам, Жанета
ќе се вратам
кога ќе стигне пожарот на париските улици
и кога ќе пламне новиот оган
во срцата на бездомниците
и тогаш заедно пред Каросел
ќе поведеме оро надчовечко
без страсти
кога ќе бидеме судии на судилиштата
и на паметниците на глупоста
и пред палатите на салите
на Волчи Стапалки...
ќе се вратам тогаш Жанета
ќе се вратам бела моја невесто

Бледолика, бледолика е мојата љубов
жените треперат пред земјотресите
бледолики се моите сестри затворени
бледолика е мојата ревност
а топла моја радост
и чувство непознато
чувство на човек што го запалил Париз
чувство на страв пред нечовечното
за тебе го запалив Париз Жанета
за тие што горат од пламенот на љубовта
а денес со винтовка в раце...
за да се вратам јас Жанета
треба да паднат оковите
да се подигнат покосените од ветрот
дрвореди
да се стопи зимата
да се родат одново соништата
што беа обезличени
од времињата
и да се роди
сенката на твоите бледолики спомени
и твојот затаен здив
и тогаш ќе шепотам јас:
Жанета, Жанета,
за тебе го запалив Париз
за тебе за сите како тебе
од улиците на Париз
од улиците на сите градови во светот

Ќе се вратам Жанета
мајко на мојот син
ќе се вратам
за сите мајки
што родиле
во кривите улици
на индустриските предградија
за сите мајки
и деца
родени без пристан без радости
како тие од улицата Сен-Пол

Ќе се вратам
ќе се вратам затоа што те љубам
и тебе
и твојот син
и мојот син
и човекот
и твојата болка Жанета
и твојата радост Жанета
и мојата радост...
Шпанија е земја сива
измачена
и децата раснат
и раснат и патуваат по патиштата Естремадура
каков величествен симбол на пожари
на страници
Естремадура
Естремадура
што симболизираш ти?

Во Кастилја
Нова и Стара
раснат на улицата деца
плачат мајки
и грмат топови
и се дигаат пламени во облаците
до болка...

На Тахо плачат бреговите
на безлисните дрвја заморени птици
избезумени
и чекаат луѓето
го чекаат новиот ден да се роди
и чекаат и чекаат

Ќе се вратам о татковино моја
ќе се вратам и ќе поминам низ тебе Паризу
таму каде се раѓаат деновите
и синовите
на работниците
во ноќна болка
и руменината на твоите залези
ти Паризу од Бастилја
од Клинанкур
од Аржантеј
од Бањоле
од бескрајните алеи алови
од барикадите на париските улици
и милионските поворки на раскрсницата
на „Ѕидот на федерираните“
тие што ќе ги урнат за последен пат
последните остатоци на нова Бастилја

Ќе се вратам...
на париските улици
како придојден патник
за родена земја
и ќе гори пред мене
петокатницата
мачилницата на префектурата
во градот на Атила и Цезара
ќе се вратам Жанета

Ќе се вратам татковина моја измачена
ќе се вратам расплакана моја родна
ќе се вратам
денес, утре
ќе се вратам со распеани гради
и винтовка на рамо
ќе се вратам со распеани усни
со распеано срце

Ќе се вратам...
Ќе се вратам кога месечината трипати ќе вивне
во висината над Којник
кога топлината ќе ги загрее рацете твои
Мајко
и твоето срце напатено
и тогаш моите очи ќе раскажуваат
и моите раце ќе раскажуваат
за трнливите патишта на синови и мајки
од Андалузија
од Сиера Гадарама
од Гвадалкивир,
од Дуеро,
од рамнините на Валенсија и Кастилја
и од земјата на Баските
и од народите под Пиринеите
ќе раскажува моето срце.

Ќе се вратам
кога ќе расцутат кралчињата
во нашиот двор
во дворовите на моите браќа
и ќе зазреат смоквите
и ќе бидат изорани нивите
за пролетна радост
и ќе го покажат својот плод
на нивите модри мигдалите
на Гроот и Дурутовец
и кога ќе пливнат еднодневките над реката

И ќе раскажувам за трнливите патишта
за болки и радости
за кедрови долини
за реки пресушени
за борци заминати в далечина...
ќе раскажувам
за ѕвона и ѕвонари
за куќи запалени
ќе раскажувам за градот
што дреме во полите на Бадарама
ќе раскажувам за народот на Шпанија

И кратко ќе ме гледаат твоите очи
и ќе милуваат солзи радосни што капат
по старечки образи
и ќе паѓаат солзи мајчини на пролетна земја
и ќе раскажуваш
и ќе раскажувам
за ѕвона и ѕвонари
за тоа што било и што ќе биде
за тоа што не се заборава
ќе раскажувам како изморен патник од далечен пат
што нашол тих заслон
во роден кат
на мајчина град

Ќе се вратам
татковино моја измачена
расплакана низ вековите
ќе се вратам
денес,
утре,
ќе се вратам
со распеани гради
со распеани усни
со распеано срце

Ќе се вратам...
кога месечината трипати ќе вивне
во висината
над Вршник
Кога топлина ќе ги згрее
рацете твои
Мајко
и твоето срце
напатено
Мајко
И тогаш моите очи ќе раскажуваат
И моите раце ќе раскажуваат
ќе раскажуваат за трнливите патишта
на синови
на мајки

Ќе се вратам...
и ќе раскажувам
ќе говорат моите усни
ќе говорат моите очи
ќе говорат моите раце
ќе говори тишината
за љубовта
и за полињата покосени од ветришта
и за огнови
и за мајки и синови

Ќе се вратам и ќе раскажувам:
приказна за земјата на приказните
за земјата во која расне
и лимонот
и кипарисот
и маслинката
и болката
и искрата на радост
за иднината...

Ќе се вратам...
ќе светне зора над нашиот град
и ќе се нишаат тихо тополите
и ќе пеат на Вардар водениците
на Рацин песните
и за тутуноберачите
и за Ленка
И за бесмртноста на љубовта
и за бесмртноста на паднатите во борбата
Мајки и Синови...
Ќе се вратам.

Напишано: 1936
Извор: Перо Коробар „ Ганчо Хаџипанзов“, „Македонска ревија“,

Скопје, 1986, 53-89 стр.
Препев: Кирил Ќамилов од француски јазик
Техничка обработка: Димитар Апасиев

 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.