Понеделник, 02 Август 2021    Печати
Честит Илинден и да ни е вечна Македонија!

doom 1Македонска нација

На 2 август 1903 година пламна големото македонско востание познато како Илинденско востание. Тоа востание е една славна епопеја на револуционерната борба на македонскиот народ, на неговиот незадржив устрем кон слобода и независност. Во него дојдоа до израз вековните стремежи на македонскиот народ за национално ослободување и реализирање на државотворните традиции. Овој стремеж ќе се оствари на вториот Илинден, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Отец Прохор Пчински, на Првото заседание на АСНОМ беше возобновена македонската држава.

Илинден 1903 година значеше многу, како за своето време така и за иднината на македонскиот народ. Македонците никогаш не ги заборавија спомените на Илинден и претците кои со својата крв ја испишаа поновата македонска историја. Не ги заборавија ни по 1913 година кога Македонија беше распарчана и кога новите поробители се трудеа да го избришат секој спомен за првата Република на Балканот и споменот за македонските корени.

Всушност, големината на историските настани се изразува со трајноста во колективната меморија на еден народ. А македонскиот народ ги памети двата Илиндена (1903 и 1944), сеуште памети дека сите македонски дејци големи и мали застанаа во првите редови на борбата на својот народ. Сеуште памети за масовниот хероизам и на стотиците и илјадници македонски синови и ќерки кои ги положија своите животи за слобода на својата татковина.

Илинденското востание со својата масовност, еланот и храброста која ја покажа македонскиот народ во текот на тримесечните неравноправни борби, пројавеното единство и сплотеност на народот во одбраната на Крушевската Република родена во огнот на револуцијата, го изненади светот. Сепак последиците од турските злосторства, масакрите и масовните злосторства, опожарените села, како и колоните бегалци, воопшто не ги трогна големите сили за нивна интервенција и решавање на македонското прашање.

За разлика од политичарите, интелигенцијата и обичниот народ на Европа со симпатии ги следел настаните во Македонија, а на масовните митинзи бараа заштита на народот и решавање на македонското прашање. Исто така, тие ја осудуваа пасивноста на своите влади и се бара преземање итни чекори за да се спречат злосторствата и да создаде автономна Македонија. Така, во резолуцијата од големиот собир одржан во англискиот град Ридинг, меѓу другото, се вели: „Изразувајќи ја нашата голема симпатија спрема Македонците во нивните страшни маки, ние жалиме што како нација не сме ослободени од одговорноста и вината“.

Многумина им се восхитуваа на храброста и пожртвуваноста на македонските востаници, но, интересите на големите сили и игрите на балканските држави не дозволија да се остварат идеалите на македонскиот народ. Во Зборникот „Британски документи за историјата на Македонија“ (1901-1904) е забележена изјавата на тогашниот британски генерален конзул во Солун, А. Билиоти кој за македонските борци меѓу другото вели: „Тие ни покажаа како треба да се бориме и да умреме за слободата, светол пример што е вреден да се имитира. Така треба и ние да се бориме, да ја браниме нашата нација и нејзината слобода“.

Иако, Македонија беше распарчена во Букурешт 1913 година, борбата за слобода на Македонците не престана во трите дела. Илинденското востание станаа идеал и непресушен извор кон кој се стремеа идните поколенија на македонскиот народ во Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија.

Во текот на Втората светска војна, сите Македонци веруваа дека дошло време да се исполнат заветите на Гоце Делчев, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов и илјадници херои на илинденската епопеја за остварување на слободата и создавање на своја независна македонска држава. Македонскиот народ активно учествуваше во антифашистичката борба и како резултат на таа борба на 2 август 1944 на Првото заседание на АСНОМ беше возобновена македонската држава, но, на само еден дел од нејзината географска и етничка територија. Со влегувањето во југословенската федарција се отвори можност за спојување на Народна Република Македонија и Пиринска Македонија. Но, големите сили и претендентите на Македонија повторно го спречија обединувањето на Македонија и исполнувањето на илинденскиот идеал.

Но, и покрај сите обиди насочени против македонскиот народ, идеалот на Илинден не можат да го згаснат. Тој гори во срцата на македонскиот народ и додека тие чукаат, Илинден и македонската држава ќе живее.

Честит Илинден и да ни е вечна Македонија!