Петок, 07 Август 2020    Печати
АНГЕЛОВСКИ: Има ли (се’ уште) луѓе во СДСМ?

АНГЕЛОВСКИ: Има ли (се’ уште) луѓе во СДСМ?

Страшо АНГЕЛОВСКИ

Веќе со години наназад, откако Зоран Заев се наоѓа на чело на партијата, СДСМ повеќе не е политичка партија, туку трговско друштво со неограничена неодговорност. Повозрасните ќе се сетат на времињата кога иако, на пример, не биле идеолошки истомисленици со членовите на СДСМ, сепак меѓусебно се почитувале и знаеле дури да седнат на маса и да разговараат за политика, затоа што СДСМ имаше своја идеологија, која можеби и не беше најмакедонска, имаше политичари кои можеби и не беа по сечиј вкус, но беа политичари, имаше карактеристики на политичка партија.

Денес, за жал, откако СДСМ го води човекот кој самиот за себе кажа дека животот го учел на зелените пазари ширум поранешна Југославија, обидувајќи се расипаните пиперки да ги вметне во средината на вреќата и да ги измами купувачите, таквата своја животна “наука“ ја преточи во делувањето на она што се уште се нарекува партија, а што тој диктаторски го раководи.

Денес, за жал, политичкото делување на СДСМ се сведе на “купи-продај“ филозофија, се сведе на продавање на се’ што може да се продаде – од име, историја, идентитет, јазик… па се’ до националното  достоинство. Па потоа, таквата трговска зделка бесрамно се претставува како успех, како визија, па дури и како идеал на поколенијата Македонци кои гинеле за Македонија. Со невидена леснотија, како да е вреќа со пиперки собрани од муртинските ниви, се распродаде и се’ уште се распродава се’ што беше богатство на еден народ, а што требаше да биде наследство за нашите деца и внуци.

Истовремено, во таа “купи-продај“ животна сторија што навистина се случува и се одвива овде околу нас, човекот што го раководи она што се’ уште се нарекува партија, распродавајќи се’ што може да се продаде, купува и се’ што може да се купи. И овде не мислам на скапите автомобили, јахти, хациенди на Егејското Mоре, туку мислам на купувањето на мртви души, на живи луѓе, на сиромашни гласачи, на бугарски возови, мислам на купувањето на пратеници, судии, новинари, бизнисмени… Мислам на купувањето на човечкото достоинство, кое стана стока со најсомнителен квалитет и со најниска цена.

И, оние кои се продале за грст сребреници или за повлечени кривични пријави, за ситни привилегии кои во моментов можеби им изгледаат големи, но на денот на заминување од овој свет ќе сватат колку биле ситни и безначајни, за среќа, имаат име и презиме. Извалкано, па дури избербатено, па нив народот веќе ги смести во колективната меморија и, како такви, како валкани продадени души, ќе ги памети низ вековите. Како што впрочем ги памети сите предавства од дамнината до денес.

Но, текстов е за оние безимените, за оние обичните луѓе кои се дел од нас, кои се околу нас. Живеат можеби во станот до вашиот, работат можеби на бирото до вашето, пијат кафе во кафулето на масата до вас, се возат со истиот автобус, пазаруваат во истата маалска продавница. Е, некои од тие луѓе, што е нивно неприкосновено право, можеби се членови на она што се’ уште се нарекува политичка партија, а што диктаторски го раководи Зоран Заев, можеби се членови на СДСМ.

Токму за нив е прашањето – има ли (се’ уште) луѓе во СДСМ?

Тие, кои, за жал, ги делат истите житејски проблеми со оние околу себе – неплатените рати за кредит, сметките што се редат една врз друга и чекаат да бидат платени, стравот од ѕвонење на ѕвончето да не е случајно некој извршител или доставувач на казна за сообраќаен прекршок… Ете тие луѓе, со својот молк и своето премолчено одобрување, го овозможуваат “купи-продај“ уништувањето на заедничката татковина. Тие луѓе, без нималку директна вина, но и без ниту една привилегија како обични членови на она што е трговско друштво со неограничена неодговорност, а се’ уште се нарекува партија, еден ден, кога дечињата ќе им пораснат и ќе ги прашаат што сторија кога се распродаваше татковината, ќе немаат одговор.

Или можеби ќе имаат, зашто и оправдување и одговор секогаш се наоѓа, ама длабоко во себе ќе знаат дека биле неми соучесници во злосторството врз татковината. Дека помогнале во ефтиното купување на нечие достоинство и скапото продавање на заедничката светост – Македонија.

Е тие луѓе, оние обичните, оние загрижените, оние со истите проблеми како сите ние, треба СДСМ повторно да ја направат политичка партија, партија со вистинска модерна социјалдемократска идеологија, партија со чувство за заедничката татковина, партија во која ќе можат гордо да го цитираат човекот кој во СДСМ ја имаше членската книшка со број 1, Киро Глигоров, а кој токму ним, на членовите на СДСМ им порача – “Македонија е се’ што имаме“.

Со еден збор, во партијата да ја вратат политиката и да го исфрлат ситнопазарџискиот резил.

(авторот е претседател на МААК)