Понеделник, 12 Јануари 2026    Печати
Кланот „Дубаи“ и политичкиот дебакл на СДС

Mavrovo-Rostuse

Повторените локални избори во државата уште еднаш ја потврдија реалноста од која СДС и нејзиното раководство со години се обидуваат да побегнат – народот не простува неконструктивност, ароганција и политика без резултати. Таканаречениот „клан Дубаи“ доживеа уште еден тежок пораз, уште еден јасен политички дебакл.

Победата на Онер Јакупоски во Маврово и Ростуше, и тоа со повеќе од двојна разлика во гласови, не е изолиран случај, туку дел од пошироката слика. ВМРО-ДПМНЕ излезе како убедлив победник во вкупно 56 општини, додека СДС остана на историски најниско ниво – само 6 општини. Овие бројки не се статистика, туку јасна порака од граѓаните.

Локалните избори ја извадија на површина болната вистина за СДС предводена од Венко Филипче. Сè што можеше да се загуби како лидер на политичка партија – Филипче го загуби. Наместо сериозна опозициска алтернатива, СДС се сведе на четврта политичка сила на македонската политичка сцена, и тоа исклучиво поради сопствените политики и погрешни избори.

Нивната неконструктивност беше жестоко санкционирана од народот. Граѓаните не сакаат инает, празна пропаганда и дневнополитички калкулации. Тие бараат работа, решенија и резултати. Поразот на СДС е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални отстапки и деструкција – политика што ја држеше државата во место и ја трошеше довербата на граѓаните.

Денес, некогашниот „голем“ СДС, со Венко Филипче на чело, веќе не е ниту најголема опозициска партија во државата. Тажна, но заслужена политичка реалност. А доколку продолжат со истиот погубен пристап – со соопштенија „лиферувани“ од север, полни со навреди, квалификации и ниски удари кои немаат врска со македонската реалност – нивниот пад ќе продолжи со уште поголема брзина.

Потценувањето на интелигенцијата и интересот на граѓаните секогаш завршува исто. На следните избори, СДС ризикува да биде оценета како минорна политичка партија, цврсто позиционирана на дното на политичката сцена.

СДС мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во сопствените редови. Без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, без внатрешно прочистување, оваа партија нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина.

Граѓаните се презаситени од политиканти кои во политиката бараат заштита за сопствените гревови. Македонија има потреба од вистински натпревар на идеи, визии и програми, а не од лаги, манипулации и алибија.

Локалните избори и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ во 56 општини јасно покажаа дека народот препознава и наградува политички концепт што нуди скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните — се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.